Учествувавте во текот на мај, на 12-тата мозаичарска работилница „L’Arte del mosaico“ во Нацано, во близина на Рим, каде што заедно со колеги од различни земји, создадовте мозаик, а видеоматеријал од настанот споделивте и на Вашата фејсбук-страница. Што сѐ е претставено на него, од каков материјал е изработен и како реагираа тамошните жители при презентацијата на новиот мозаик?
Секоја нова средба во Нацано, мало гратче во близина на Рим, за организаторите Александро Лугари и за целокупното население претставува искрено задоволство. Во текот на неколку денови, обично при крајот на мај, се организира работилница за изработка на колективен мозаик, заедничко дело изработено според предложената тема за која постои јавен конкурс. Годинава беше изработен мозаик со наслов „Чешма од која пијат коњ, магаре и куче, а над неа е претставен еден локален вид чапја“ според нацртот на Емануела Пици. Мозаикот е изведен во димензии 8,5 m и 2,7 m со површина од околу 18 метри квадратни. Во текот на четири дена вредните раце на 12 мозаичари од 10 различни земји во светот заедно творат и оставаат свој белег од престојот во ова исклучително место. Секако локалните жители доаѓаат во посета или се директно вклучени во изработката на мозаикот или за време на неговото монтирање. Натпреварот наречен „Пиктор имагинариус“ има за цел да ги спои овие искуства и да ја промовира дебатата помеѓу многуте уметници што доаѓаат од различни „училишта“. Мозаичари од целиот свет, вклучувајќи искусни професионалци и млади мозаичари во подем, доаѓаат да творат и да ги разубават улиците на живописниот, средновековен град Нацано.
Како и секоја година, планираната изложба се одржа во Музејот на реката (Museo del Fiume) со многубројни придружни настани, презентации и концерти. Во текот на неделата пред изложбата, уметниците учесници работеа заедно на голем мозаик за јавен простор, како дел од долгорочниот проект за претворање на Нацано во град на современиот мозаик.
За време на изработката на самиот мозаик успеав да изработам и видеоматеријал што многумина го споделија и го погледнаа на социјалните мрежи.
Не бевте за првпат на оваа, веќе традиционална работилница во италијанскиот град. Какви Ви се досегашните искуства од учествата и на претходните нејзини изданија, што најмногу Ве привлекува од заедничкиот творечки процес?
Ова беше петти пат да учествувам во самиот настан. Секоја година се развиваат нови пријателства со колеги од најразлична провиниенција и од различни земји. Преку заедничката работа и споделувањата искуства, сите заедно се стремат да склопат една мозаична композиција. Покрај оваа работилница, за време на викендот се организира и изложба на мозаици со натпреварувачки карактер. Учесниците се поделени во две категории, професионалци и уметници во подем. Изложени се повеќе избрани уметнички дела од повеќе од дванаесет земји од различни континенти, кои покажуваат како во различни културни и географски контексти, мозаикот сè уште отвора нови возбудливи интерпретации за изразување чувства и пренесување емоции.
Мозаикот е форма на декоративна уметност, која се раѓала и се издигнала низ вековите во илјадници различни форми, со многубројни различни материјали, во различни контексти и на далечни континенти; од најстарите украси со обоени глинени таблици на Месопотамската област, до вметнувањето во архаичните египетски скапоцени камења, до мозаиците со камчиња на балканскиот и на блискоисточниот простор, потоа до хеленистичкиот и римскиот свет каде што мозаикот станува експресивна форма во сите области: подови, ѕидови, слики, тавани. Но, не смееме да заборавиме и на Далечниот Исток, на кинеските маски направени со драгоцени камења, од друга страна многу слични на претколумбиските што се наоѓаат во Централна и Јужна Америка. Сето ова е за да се истакне дека сликањето и изразувањето со обоени природни и вештачки материјали, отсекогаш било користено во сите древни цивилизации, дури и ако не биле меѓусебно во контакт. На овој настан во Нацано, како автор, добитник сум на втората награда во 2015 година и на третата награда од жирито во 2012 година.
Кои се најчестите тематски претстави на мозаиците што остануваат на ѕидовите во градот по завршените работилници, се грижат ли жителите за нив, но и воопшто за уметноста и за околната природа?
Веќе опфатените теми: „Реката“, „Биодиверзитетот“, „Маслиновото масло и маслиновото дрво“, „Комеморацијата на Првата светска војна 1915-2015“, „Животот на реката“, „Нацано гратче на современиот мозаик“, „Закрепнувањето по КОВИД-19 – Враќање во нормала – и мир“ се поврзани со територијата и мисијата на Музејот. Сите мозаици се направени од рециклирана керамика. Најчесто за изработка на мозаиците со огромни димензии 2 х 5 метри (околу десет метри квадратни) се користат повеќе видови рециклирани керамички и порцелански плочки. Сите мозаици се распослани по околината на градот и отсликуваат некои специфични карактеристики на ова место што живее во духот со природата. Природниот резерват по течението на реката Тибер е место што е заштитено со Рамсарската конвенција. Постојат неколку патеки со специфични места за набљудување на животинскиот свет. Сето ова е особено привлечно за голем број посетители, кои за викенд се рекреираат, организирано возат велосипеди, пешачат, трчаат, јаваат коњи или возат кајак.
„Salmoletnica“ (Ohrid trout) е насловот на Вашиот впечатлив мозаик со кој сте учествувале годинава на заедничката изложба во Нацано. Ќе ни откриете ли нешто повеќе за реакциите од претставувањето на ова дело, за самата претстава на рибата пастрмка по која, меѓу другото, е познат и Вашиот роден град Охрид?
Мозаикот со охридската пастрмка долго време беше поставен во моето ателје (2018 г.) и на него работев во неколку наврати. Идејата да го претставам овој загрозен и ендемичен вид беше со цел да го свртам вниманието на убавините што ги имаме кои треба да ги штитиме и да ги зачуваме. Мозаикот е специфичен поради употребата на осумкаратно злато, со кое на посебен начин при редењето ја конструирам оваа риба, со карактеристичните црвени точки. Овие камчиња се со големина од 1 до 4 mm и посебно е значајно дека за неговата изработка употребив индиректен и директен метод на редење. Покрај мозаикот за време на изложбата однесов и еден примерок со идентична големина на рибата како на мозаикот, кој беше спремен и послужен за дегустација. Голем број печатени и видеоматеријали што зборуваат за Охрид и за неговото природно и културно наследство беа поделени меѓу присутните.
Пред повеќе од десет години бевте еден од реализаторите на проектот „Си мозаикс“ („SEE MOSAICS“) што се одржуваше во Охрид со фокус на мозаиците на Југоисточна Европа. Постои ли и сега потреба од поголемо фокусирање на стручното внимание на состојбата со мозаиците во овој дел од Европа, работите ли можеби нешто на тоа поле?
Оваа иницијатива е препознаена и претставена во повеќе наврати и научни симпозиуми. Основна цел е да се соберат квалитетни информации за бројот, состојбата на зачуваност, презентацијата и за квалитетот на мозаиците од Југоисточна Европа. Овој настан го организиравме во три наврати: Охрид (2011, 2013 и 2016 г.), Пула, Хрватска ( 2017 г.) и Заечар, Србија (2018 г.) Огромниот број податоци се квалитетно собрани и достапни за обработка на нашата веб-платформа. Размената на искуства поврзани со пристапот при конзервацијата и реставрацијата на овој вид културно наследство со кое располага целиот регион, се унапредува. Заедно како регион сме препознатливи како значајна алка во Интернационалниот комитет за конзервација на мозаици (ICCM). Ова нуди можности за заеднички настап, соработки и кофинансирање најразновидни проекти. Искрено се надевам дека оваа иницијатива ќе продолжи да дејствува и ќе ги обединува експертите од повеќе области, кои се вклучени во конзервацијата, реставрацијата и во презентацијата на мозаиците. Во подготовка сме за организирање на следниот „SEE MOSAICS“ состанок за идната година.
Катерина Богоева
Фотографиите се од личната архива на Никола Упевче