Долгогодишни интердисциплинарни истражувања на Христина Иваноска и Јане Чаловски резултираа со повеќеслојно филмско дело. „Македониум: Драматургија на недовршеното“ е колаборативен филм на режисерката Теона Стругар Митевска и уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски работен врз основа на истоимената книгата на Иваноска и Чаловски, која се фокусира на приказната за „Македониум“, најистакнатиот меморијален комплекс изграден во социјалистичка Македонија во периодот помеѓу 1969-1974 година.
На 6 мај оваа година соработниците го споделија филмот пред поканета публика на затворена проекција во киното „Фросина“ (МКЦ, Скопје), по што следеше и разговор модериран од историчарот на уметност, Владимир Јанчевски. Тоа беше повод да откриеме и други детали за создавањето на филмот.
Извесен период наназад работите на истражувачко-визуелен проект со наслов „Македониум: Драматургија на недовршеното“. Што лежи во основата на идејата на проектот и колку време досега посветивте на истиот?
Христина: На овој проект почнавме да работиме од 2017 година. Во една од публикациите на проф. Кит Браун, кој е антрополог, истражувач и одличен познавач на македонската историја, наидовме на информација дека во Државниот архив во Скопје постои документација донирана од семејството Грабулоски, а која се однесува на изградбата на меморијалниот комплекс „Македониум“ во Крушево. Секако, стапивме и во контакт со Лира Грабул, ќерката на Јордан и Искра Грабулоски, од која добивме дополнителни информации.
Архивата, инаку составена од технички цртежи, записници, кореспонденција, цртежи и документи, ни откри една скоро непозната страна од изградбата на споменикот. Овој, веројатно најскап и најголем меморијален комплекс изграден во социјалистичка Македонија, наметнал создавање и на комплексна структура од експертски тела. Тие се поставени со цел да го помогнат, но и да го контролираат процесот на реализација. Но, нивните ингеренции ќе одат до таму што ќе си дозволат и мислење и по авторовата артикулација, а со тоа и ќе си дадат за право да наметнуваат свои решенија и одлуки во различните фази од изградбата.
Денес знаеме дека споменикот е коавторско дело на сопружниците Јордан и Искра Грабулоски, но она што ни го открија документите, и на што посебно се фокусирав при создавањето на драмскиот текст, беше залагањето на сопружниците, Искра да биде прифатена и наградена како коавтор, а не само како соработник, како што била наведена во конкурсното решение. Во процесот на доосмислување на споменикот при неговата изградба, Искра ќе стане рамноправен автор со Јордан, право кое не им е лесно да го прифатат ниту членовите на „Одборот за изградба на споменикот“, ниту самата администрација, а веројатно ни врвот на државата, кој е во функција на нарачател и инвеститор.
Јане: Во основата на идејата лежи проблематизирање на концептот на историска вистина и комплетна наративна заокруженост. Случајот на „Македониум“ отсекогаш бил интересен за нас, бидејќи просто недостасува контекстуализација која ќе оди подалеку од основното поимање на споменикот како извесен идеолошки симбол. Освен банализираната фасцинација со надворешниот изглед, што, всушност, знаеме за овој споменик, неговите автори, контекстот и процедуралноста околу неговата изведба? Преку овој потфат сакавме да дадеме пример дека и недовршеното е од суштинско значење, дека процесите на оддиплување на вистината се, всушност, можност за градење на нова критичка позиција. „Македониум“ е значително поинтересен токму преку своите недоискажаности, својата интердисциплинарна политичка и општествена позиција, каде се вкрстуваат прашања од родова, трудова и идеолошка конфронтација.
Како треба да го прочитаме или протолкуваме насловот „Драматургија на недовршеното“?
Христина: Од една страна, зачуваната документација открива дека меморијалниот комплекс „Македониум“ поминал низ трансформации и адаптации од предложеното конкурсно решение. Тука јасно се гледа и нестрпливоста на власта, која после петгодишната изградба бара тој конечно да се отвори за јавноста, што оставило дел од него да остане недовршен, како што е, на пример, собата за проекции замислена да се реализира во подрумскиот простор на куполата. На местото на кое денес е поставен „Вечниот пламен“, требало да има кружен отвор со скали кој ќе води во долниот простор, каде преку современа технологија посетителите ќе добијат час по историја. Овој сегмент од архивот беше посебно интересен за Јане, кој разви и серија на можни решенија за просторна инсталација. Веднаш по отворањето на споменичниот комплекс, на 2 август 1974 година, се наметнуваат и прашања околу неговото континуирано одржување, реставрација и конзервација, бидејќи на делови од комплексот веќе се појавуваат проблеми и недостатоци.
Јане: Во суштина, грижата околу споменикот, не само во смисла на негово одржување во добра физичка состојба, туку и негово постојано реисчитување и позиционирање во современиот контекст, наметнува заклучок дека ниеден споменик не е, во суштина, завршен. Потребата тој да комуницира со посетителот бара неговата наратива постојано да се осовременува, контекстуализира и реактивира. Освен неколку изданија и текстови, а дел од нив реобјавивме и во нашата публикација, не можеме да се пофалиме со континуиран дискурзивен и интердисциплинарен интерес за „Македониум“, а изминат е половина век од неговото отворање.
За време на најпросперитетните години на социјалистичка Југославија, инвестициите во монументални јавни скулптурни проекти биле на највисоко ниво. Овие споменици, изградени во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, биле дисперзирани низ целата федерација на локации со историско значење. Поврзани со херојското минато на народите и народностите и посетувани од илјадници посетители годишно, тие се дела на некои од најзначајните модернистички уметници и архитекти, како Душан Џамоња, Војин Бакиќ, Миодраг Живковиќ, Богдан Богдановиќ, Градимир Медаковиќ и други.
Македонските сопружници, скулпторот Јордан Грабулоски и архитектката Искра Грабулоска, се единственото дуо кое соработува на еден таков импозантен проект, а Искра е и една од ретките жени авторки која е коавтор на споменик од таков обем. По распадот на Југославија во раните 1990-ти, некои од овие споменици се целосно напуштени, опструирани или изгубени од културното значење што некогаш го имале. Едно нешто што ги поврзува сите нив е фактот што симболичното претставување на извесни аспекти од заедничката југословенска историја и идеологија се изгубен дискурс за новата генерација.
Покрај истражувачкиот сегмент, одлучивте презентацијата на материјалите да биде со играна филмска структура. Зошто?
Јане: Пред сѐ, нашата заедничка работа се темели на аналитички и интердисциплинарен пристап, каде формата на реализација произлегува од серија на одлуки за кои е потребно време. Овој проект е структуриран да има три концепциски и продукциски целини на реализација: истражување кое води кон книга, книга која води кон филмска разработка, и конечно филм, кој ќе ја наметне и финалната просторна инсталација каде тој е проектиран. Тоа е еден концепт на верижно надоврзување на идеи, методолошки многу слично на изградбата на споменикот.
Христина: Одлуката да се сними филм произлезе од неверојатниот драматуршки потенцијал на записниците од состаноците и коренспонденцијата на различните тела и авторите околу изградбата на споменикот. Филмот ја нуди можноста да се „оживеат“ документите од Архивот преку живата игра на глумците, и да понуди визуелна реконструкција на минатото, каде ќе може подиректно да се доживее процесот на градење споменик, кој е интензивен, макотрпен и исцрпувачки.
Каква беше соработката со режисерката Теона С. Митевска и филмската екипа што работеше на филмот?
Христина: Иако долго време се познаваме со Теона, уште од средношколските денови, ова беше прва наша соработка и ново искуство. Најпрво со неа ја споделивме книгата и начелно ја изразивме нашата желба во следната фаза од проектот да работиме заедно, знаејќи дека имаме блискост во темите на интерес, и секако, за нас беше многу важно нејзиното искуство и знаење. По некое време таа ни се обрати видно возбудена и нашата авантура започна.
Секако, најинтересно беше како да се визуелизира отсуството на „гласот“ на Искра, кој е единствен женски лик и единствен лик кој нема реплика. Секако, тука е и гласот на нараторот, кој е единствен додаден лик во текстот, кој го драматизира нивото на вклученост и учество на заедницата во официјалниот дијалог со откривање на тековниот административен упад во уметничката, архитектонската и концептуалната замисла на проектот. Таа го режира филмот како реконструкција која ја позиционира навидум безгласната жена архитект во центарот на наративот доминиран од мажите.
Прашањето за родовата застапеност и еднаквост во културниот простор, посебно можностите за афирмација на жените во социјалистичкото општество е, исто така, проткаено во поимот за недовршеноста. Филмот сугерира уште една ангажирана можност за разгледување и проучување на архивите што им припаѓаат на жените авторки од југословенската ера и конструирање на логичен наратив за нивно вклучување во културниот канон на сегашноста.
Јане: Теона има неверојатно јасен визуелен јазик, кој е евидентен во сите нејзини филмови досега. Посебно е интересно како таа ја доживува и интерпретира постоечката модернистичка македонска архитектура преку медиумот на филмот, евидентно и во овој проект, бидејќи снимањето го работевме во зградата на Управата за хидрометеоролошки работи во Скопје.
Инаку, филмот е моментно во постпродукција и очекуваме да го завршиме во текот на следниот месец. Посебно нѐ радува фактот дека тоа што отпочна како наше заедничко истражување и исчитување на архивот на Грабулоски во 2017 година стана филм, кој дефинитивно ги надмина сите наши првични очекувања.
Филмот е на македонски и англиски јазик, а главната улога на нараторот ја игра шведскиот актeр Јоханес Кунке. Во останатите улоги се појавуваат: Симона Димковска, Димитар Ѓорѓиевски, Борче Начев, Никола Настоски, Горан Трифуновски, Марко Богдановски, Владимир Петровиќ, Бојан Кирковски, Никола Кузелов, Филип Трајковиќ, Столе Мицов и Ане Блажевски. Елена Станишева работеше лајн продукција, а Киријана Николоска го направи кастингот.
Тимот кој работеше на филмот се состои од Душан Кардалевски, кој е директор на фотографија заедно со Филип Јорданов како прв асистент на камера, Братислав Зафировски – Брацо беше одговорен за звукот заедно со бум операторот Дарко Бошковски, Пиерпаоло Филомено ја работеше монтажата, а Хелена Ревејер дизајнот на звук. Секако, бескрајно сме ѝ благодарни на Теона С. Митевска и на целата филмска екипа, која го прифати предизвикот и крајно професионално и доследно си ја изврши својата задача.
Тони Димков
Фотографии: Јане Чаловски