Според неодамнешните извештаи, ситуацијата добива позастрашувачки димензии, ставајќи ја текстилната индустрија на врвот според емисиите на стакленички гасови, место погоре над авиоиндустријата и меѓународниот превоз.
Иако т.н. „одржлива“ или еколошка мода стекна репутација на празен муабет што брендовите го користат само за да биде забележано дека исполнуваат некаква корпоративна социјална одговорност, важно е да се знае дека таа е одговор на еден многу сериозен проблем. Иако многумина ги мешаат термините „одржлива мода“ и „етичка мода“, и иако има поврзаност меѓу нив, концептот на одржливост во модната индустрија се однесува на ефектите од производството на облека врз животната средина (етичката мода ги опфаќа прашањата за начинот на кој се произведува облеката, тргнувајќи од одгледувањето на памукот, третманот на животните, вработените и слично). Целта на одржливоста во модната индустрија е да обезбеди производството на облеката да се произведува на начин при кој животниот циклус на производот ќе ја минимизира можноста од каков било непосакуван ефект за животната околина.
Во последно време се појавија повеќе брендови што ја признаваат ургентноста на овие прашања и ги адаптираат своите бизнис-активности за да придонесат за промени. Секоја година илјадници тони облека се фрлаат заедно со отпадот од домаќинствата. Речиси 95 отсто од тие алишта можат да се рециклираат. Купувањето нови материјали нема смисла ако брендот може повторно да ги употребува истите.
Предводник во оваа смисла е Stella McCartney, чија модна линија уште од својот старт во 2001 година покажа дека е возможно да се создаде одржлива, етичка, тренди колекција, без да ѝ се прави штета на животната средина. „Ние ги предизвикуваме и ги поместуваме границите за да направиме луксузни производи на начин што му одговара на светот во кој живееме денеска и на иднината. Без компромиси“ – пишува на сајтот на McCartney.
„E.L.V Denim“ e уште еден таков бренд, кој создаде фармерки од претходно неупотреблив текстилен материјал. Инаку, потребни се речиси 8.000 литри вода за да се произведе доволно памук потребен за производство на еден пар тексас фармерки. Ksenia Schnaider е уште еден таков пример. Ова дизајнерско дуо користи само тексас материјал купен од уличните пазари во Киев пред да го реупотребат и да го рециклираат. Иако „рециклираниот“ стил можеби носи предзнак на досаден изглед, сепак нивната естетика го докажува спротивното бидејќи овие дизајнерски парчиња го привлекоа вниманието на многу светски ѕвезди.
Во 2013 година, „H&M“ беше првиот моден бренд во светот што започна глобална иницијатива за собирање облека, овозможувајќи им на клиентите да предадат каква било непожелна облека или материјали во која било продавница на „H&M“, без оглед на нивниот бренд или состојба. За возврат, тие добиваа ваучер од 5 фунти. Дополнително, секоја година „H&M“ ја лансира колекцијата „Conscious Exclusive“. Оваа колекција се состои од високоеколошки парчиња, чија цел е да се придвижат развојот на модата и одржливоста на „H&M“ кон поодржлива иднина во модата.
Матичната компанија на „Зара“, „Индитекс“, го следи истиот пример, па исто така ги охрабрува купувачите да ја донесат користената облека, со цел брендот да ја рециклира и повторно да ја користи. Во 2016 година „Зара“, исто така, ја започна својата иницијатива „Придружи му се на животот“ – колекција на одржливо креирани парчиња облека.
„JPL Atelier“ е помалку позната марка лансирана во 2017 година. Овој бренд за одржлива женска облека со седиште во Лондон се гордее со својата посветеност кон „жените покрај музата, мајката Земја“. Тие се вегански бренд одобрен од ПЕТА (да, тие им даваат приоритет и на одржливата и на етичката мода истовремено) и се фокусираат на транспарентна одржливост и производство на висококвалитетна облека со употреба на спој од природни органски материјали и луксузни рециклирани материјали.
Во рамките на прославата на Денот на еднаквоста на жените, брендот лансираше пет бели памучни маици – сите одржливо направени преку обновливи извори на соларна енергија и еолска енергија. Секоја маица беше поврзана со различна добротворна организација со седиште во Велика Британија (која доби 30 отсто од приходите од секоја продажба) во чиј фокус на работа се наоѓа некоја од следниве теми: активизам, феминизам, независност, лидерство и моќ.
Австралиската линија „Dinosaur Designs“ е пример за уште еден одржлив бренд. На чело со креативните директори и соосновачи Луис Олсен и Стивен Орманди, домашните производи и накитот од смола освоија многу срца и домови благодарение на нивната естетска оригиналност и еколошка свест. Тимот дизајнира користејќи нискоенергетски методи за преработка на отпаден материјал. Смолата е развиена од нуспроизвод на нафтената индустрија. Во необработена состојба, таа во суштина е отпаден производ што може да се изгори или – ако не се користи навреме – може да се зацврсти, правејќи го неупотреблив и често фрлен на депонија.