Art books – уметничките книги се стар тренд што се практикува и усовршува откако е измислена печатницата, а во него спаѓаат сите убаво дизајнирани книги, списанија, фанзини, стрипови … кои имаат необични или уметнички содржини. Изданијата и презентерите се разнолики – од презентација на уметнички дела (често и од самите уметници), преку илустрирани есеи и други текстови, до шарени стрипови и секако поетски книги – во мини, мали, средни и големи формати. Освен книги има и други печатени предмети, постери, маици и торби – сè во знакот на сито печат и други видови на принт, кои ја истакнуваат креативната и естетската страна на оние што ги создаваат. На можностите се чини им нема крај. Шаренилото и убавината на хартијата оваа година по десетти пат ги преплави просториите на берлинскиот HKW – Haus der Kulturen der Welt (Дом на културите на светот), каде од 3 до 5 мај се одржа саемот за токму овој вид на книги – MISS READ.
Изложувачите се интернационални како што е впрочем и Берлин. И покрај силната конкуренција, оригиналноста на голем број од овие понуди е незанемарлива. Освен за око, многу изданија се прекрасни и на допир, а се разбира голем број примероци нудат и уметнички текстови – повеќето испечатени на убава хартија, со особени писма и фонтови и во мали тиражи.
На саемот поминувате 3-4 часа без проблем, а пожелно е да имате и некое евро со вас, за да можете да си се почестите со некое уникатно издание. Некаде може да се плати и со картичка и со pay pal, соодветно на современоста, која овде може да се види и помириса, – но сепак најсигурен ви е кешот. Освен тоа има пропратна програма – од претставувања, предавања, дискусии до перформанси и неизбежниот ден на концептуална поезија.
Специфичната бука на Сергеј Вутуц на терасата остави особен впечаток (дури и полиција намина) – бидејќи произлегува од машина за фотокопирање поврзана со други апарати и звучни компоненти, а краен производ е и слика – Сергеј тоа вака го објаснува:
“Звукот се создава на повеќе начини и во перформансот нанесувам повеќе слоеви – од претворањето на светлото во звук до физичкото движење на хартијата и вибрациите на апаратот до инструментот кој е направен од трансформаторот на принтерот со магнетот и жиците – каде што си играм со магнетниот премин на информациите од телефон/интернет, а во исто време создавајќи принт медиум, – како излезен објект од перформансот со саунд”.
Оваа година имаше и дополнителна изложба со современи дела инспирирани од Баухаус, која воедно беше прекрасна можност да се здивне и соодветно да се оконча посетата на овој особен саем, кој со секоја година се зголемува.
За првпат годинава имаше и македонски издавачи, PrivatePrint кои постојат од 2016 ги презентираа своите изданија, а за следната година од сигурни извори знаеме дека ќе има и други претставници од Македонија.
Еден од моите омилени изложувачи е книжевниот дистрибутер на уметнички книги со седиште во Лондон и Берлин, Anagram Books, кој застапува и поединeчни уметници и мали издавачи, а од 4 мај се смести во просториите на легендарниот шоп за плочи, маици и уметнички книги, стрипови и фанзини Staalplaat во Берлин.
Елизабета Линднер