Извесен период Марија Каева беше отсутна од државава, но таа никогаш наметливо не била ниту присутна во јавноста. Нејзината харизматична појава, прекрасен вокал, извонредна лирика и авторски печат, сепак, веднаш се препознаваат по нејзиното враќање на македонската музичка сцена. Зад себе во текот на 2022 година има повеќе проекти и настапи во живо. Во разговорот што следува ни откри дека и наредната година ќе има многу активности, а веднаш по Новогодишните и Божиќните празници во план е на 20 јануари 2023 со своето трио да настапи во „Аудиокултура“.
Зад себе оставаш извонредна година на музички и на солистички план. Иако беше промовиран на крајот на 2021 година, албумот „Фортуна“ беше присутен на повеќе твои настапи низ државата. Колку настапи се случија во 2022 година?
– Оваа година беше особено плодна за промоција на албумот и тоа со настапи во живо во различни контексти. За жал, би рекла, сите настапи се случија во Скопје од причина што досега не сме добиле покана да настапиме во друг град но, се надевам дека тоа ќе се промени во новата година. Би ми било ептен драго доколку ни се укаже можност да го претставиме албумот „Фортуна“ и во другите градови низ државата.
Инаку, досега настапивме седум пати, а првиот настап во 2022 година беше во рамките на Фестивалот „Земјотрес“ во МКЦ, во февруари. Потоа имавме подолга пауза и на крајот од летото бевме дел од музичката програма на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ (ППЖ). Есента ја одбележаа наши настапи на „Звуци на денешницата“, како дел од програмата во месецот на одбележувањето на независноста, а бевме поканети и во Социјалниот центар „Дуња“ во рамките на настанот „Панк и субкултура“ во организација на „Крик“ – фестивалот за критичка култура. Особено ми е драго што бевме дел и од музичката програма на „Зборува Акто“. Годинава ја заокруживме со настап во едно новоотворено место во градот „Бруталиск“.
Поголемиот дел од нашата сценска дејност се случуваше во помали места, културни центри и во директен контакт со публиката. Освен тоа, сцената постојано ја делевме со наши колеги кои циркулираат на независната сцена и тоа направи да се почувствувам како да сум дел од една поголема дружина што твори слободно и се инспирира меѓусебно. Јас сум навистина презадоволна што имавме простор да го промовираме албумот во живо.
Пред самиот крај на годината во „Бруталиск“ настапи со Владан Дробицки, кој се потпишува и како продуцент на твојот албум. Како стапивте во контакт и како се одвиваше соработката со Дробицки?
– „Бруталиск“ е новоотворен бар и Радио и се радувам што градот доби уште едно место каде што локалната музичка сцена добива и физички простор за промоција на современото домашно творештво. Пред да ти одговорам на прашањето за нашата средба со Владан би се задржала на една мисла што, можеби, и ќе се издолжи но, ќе си дадам слобода да ја кажам гласно.
Во моментов има неколку интересни места каде што се свири авторска музика во живо и каде што неретко креативните музички состави, што се квалитетни и храбри за да се впуштат и во импровизирање во живо, го прават градот жив на лице место со квалитет и креација. Изминатава година имав прилика да слушам вознемирувачки добри и содржајни изблици на музичка креативност во живо во „Jazzy Music Club“, и настапи на „The Local Blue“, „Cobalt Code Unit“, Филип Букршлиев Трио, импровизираните сесии на Новковски и Татарчевски и, секако, моето најголемо откритие годинава „ДаДа“ (Дарио Циевски и Дарко Медарски). Тука се, секако, и вечерите што Дени и Симона ги организираат во „Макка бар“ во среда. Баш на една од овие вечери после долго време ги слушав „Милко“ во живо.
Ова е навистина одличен начин да се создаваат нови простори за континуирано присуство на уметниците во реалниот живот. Сите овие споменати и уште дузина кои не ги споменав, а циркулираат заеднички и градат сцена, се уметници што нема да ги видите на телевизија и ретко ќе ги чуете на радио но, често можете да ги чуете во живо со авторска музика во петок, сабота навечер низ град… а тие можат и во понеделник, вторник и среда. Тие се воедно и културни работници, имајќи го предвид нивното реално присуство и делување. Во овие тешки моменти на нестабилен и да не речам „див пазар“, одржливоста на ваквите места зависи многу од посетата на гостите.
Скопје во моментов го има и „Аудиокултура“. Звукот што не можеме да си го дозволиме можеме да го споделиме. Таму може да се чуе авторска музика во живо на висококвалитетно озвучување од домашно производство (Теохаров). Токму таму ќе биде и нашиот прв настап во новата година со албумот „Фортуна“, на 20 јануари во рамките на проектот „Крај Вардарот Сесии“ на издавачката куќа „ПМГ Џез“ како Марија Каева Трио. Фино балансирана акустика и електроника. Јас, Владан Дробицки и Дино Милосављевиќ веќе цела година, почнувајќи од промотивниот концерт лани во декември, делуваме како трио, а веќе работиме и на нов албум како продолжение на „Фортуна“.
Со Владан се запознавме лично пред неколку години, иако и од претходно бев добро запознаена со неговиот лик и дело. Всушност, нѐ спои Мирко Попов и соработката на песната „С’лнце ил Зимо“, којашто се наоѓа на албумот „Клан Секулар“ на „ПМГ Колектив“. Јас учествував како вокалист на една нова верзија во изведба на „Сетстат“. После извесно време се случи и првата идеја што подоцна ќе стане насловната нумера од нашиот заеднички албум „Фортуна“. Освен што се јавува како продуцент, Владан Дробицки е и коавтор. Музиката ја работевме заедно, аранжманите и продукцијата ги презема тој, а јас ги пишував текстовите и се погрижив за изведбата. Така почна сѐ.
Силен ветер во грб ти дава и дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“. Колку за еден музички уметник е важна ваквата поддршка?
– „ПМГ Рекордингс“ зад себе има богат каталог на музички изданија чија вредност е на исто рамниште со историски документ за постоењето на една сцена. Да се занимавате со независна издавачка дејност кај нас е, малтене, херојски подвиг. Ова важи и за литературната издавачка дејност. Не е дека нема пазар, тој е едноставно немоќен да се носи со другите дејности кои ветуваат вртоглав и брз профит. Да се опстои во издавачката дејност е макотрпна но, благородна работа и луѓето што се занимаваат со тоа тука за мене се високо уважени културни работници во мала земја.
„ПМГ Рекордингс“ е издавачката куќа која застана зад моето прво издание (2009), на кое значително се зголеми мојот авторски удел во споредба со моите претходни активности на музичката сцена во изминативе дваесет години. Благодарение на оваа издавачката куќа имав и можност новата музика да ја претставувам во живо на Фестивалот на „ПМГ Рекордингс“ уште од неговите рани почетоци. Мојот нагон да бидам автор, а не само изведувач, најде простор, поддршка и љубов токму таму. И мојот деби албум „Фортуна“ е во издание на „ПМГ Рекордингс“ – за мене повеќе од ветер во грб, нешто како роден град!
Крајот на годината го одбележува и двоен винил на „ПМГ Колектив“ насловен „Грејтест хитс“. И твоето име е меѓу изведувачите на албумот. Практично, колку години трае твоето дружење со „ПМГ Колектив“?
– „ПМГ Колектив“ за мене, пред сѐ, биле нов глас, звук и јазик во мојот роден град полн озлогласени лица, зависи кого и кога ќе прашате. Првиот албум на колективот како бенд „Резонатор“, останува парче од моето срце. Кога се појави овој албум минувавме низ тегобен период како општество и како културно милје. Целиот опус на овој бенд претставува доказ дека сите сме постоеле овде и сега. Субверзивноста, прогресивноста и конструктивното незадоволство одбележано во албумите кои пркосеа низ годините ме одржуваа во живот како уметник и за време на моето подолго отсуство од Скопје. Нашата прва соработка се случи некаде 2008-2009 на синглот „Ние сме од Скопје“.
Лани беше основан „ПМГ Колектив Оркестар“ како прослава на децениското творештво на овој колектив во кој твореле и свиреле различни музичари. Издавањето на плоча е, исто така, историски документ и убаво е што можам да кажам дека сум била дел од тоа. Уште поголема радост е што сум дел и од оркестарот со којшто веќе настапивме минатата година во Куманово во програмата на прославата на независноста и на единаесеттото издание на „ПМГ Рекордингс Фестивал“ во МКЦ. Во новата година нѐ очекуваат повторни настапи и искрено не ја чекам пролетта за да ѝ се радувам на годината што доаѓа. Знам дека ќе има многу работа. Тоа е супер.
Колку во суштина албумот „Фортуна“ ти донесе среќа во годината што изминува?
– Албумот „Фортуна“ ја преиспитува перцепцијата за среќа. Ветувањето дека секој може преку ноќ да ја промени својата „среќа“, својата судбина, е моторот што го движи монструозното пазарно општество. Нагли промени во моја корист. Еден ден, ќе дојде и тој ден! Секако дека не е така. Овие бесмислени фантазии ги прават луѓето зависни од импулсивни одлуки што од денес за утре може да ги стават во позиција на добитник или среќник без притоа да вложат многу напор и секогаш на сметка на некој друг, незнаен или добро познат.
Спокојот умира во таква средина, меѓучовечките односи и културната размена се подредени на тие општествени динамики што го лишуваат животот од своите создавачки и развивачки потенцијали. Одржливоста е наспроти профитот кој го броиме со часовник што ни се чини дека врти пребрзо во некоја замислена иднина кога профитот за кратко време ќе се дуплира. Некој мора да биде оштетен. Цената е туѓата штета. Среќа за мене е, всушност, кога имаме простор и мотивација за заедничко творење, па би рекла дека „Фортуна“ во таа смисла ми донесе нови музички пријателства што се продуктивни, креативни, стабилни и несуетни. Ни се случија песни преку ноќ – да, но и ни се отвори многу работа. Џек-пот!
Меѓу проектите на кои работеше беше и „Разгледи“ заедно со Глигор Кондовски и Владан Дробицки, а во издание на „ПМГ Џез“. За каков проект станува збор?
– Ова беше моја прва соработка со Глигор Кондовски, којашто се претвори во едно ново пријателство и нов проект, кој за мене е нешто сосема ново од неколку причини. Пред сѐ, музиката на Глигор Кондовски тешко може да се класифицира како поп-музика.
Албумот „Разгледи“ се случи на почетокот на оваа година, кога Владан ми прати четири нумери од Глигор што магично ме привлекоа и после два дена слушање и откривање на овие места (композиции), дојде и инспирацијата од моја страна. Сосема ослободена од некои мои вокални навики, карактеристики и предрасуди ги отпеав вокалите како долги издишки што симултано ги донесоа и едноставните текстови. Потоа му ги пратив на Владан снимените вокали, а тој набрзо потоа се надоврза со неговата деликатна и возбудлива изведба на тромбон. Фасцинантно е колку нежно и топло може да звучи овој инструмент. Работата се одвиваше онлајн и веќе во месец мај музиката беше дигитално издадена за издавачката куќа „ПМГ Џез“.
Необична, интимна, современа, текстуално едноставна прошетка во нашата непосредна околина. За мене овој проект музички беше и добро школо и сосема нов жанр за истражување, притоа неретко се најдов себеси и во повисоките регистри, што некако, можеби, без потреба сум ги избегнувала и запоставувала. Мислам дека ова е мојата најнежна изведба.
Музиката се случи заеднички, секој од нас го даде својот авторски удел и смисла. Во меѓувреме постојано работиме со Глигор и Владан на нови песни и се инспирираме во еден слободен простор за создавање музика.
Какви се твоите музички планови за следната 2023 година?
– Во план е да се посветиме на концертната промоција на албумот „Разгледи“ во проширен состав со гудачки квартет. Освен ова, како што веќе споменав и погоре, со Дино Милосављевиќ и Владан веќе започнавме да работиме на нов материјал, кој се состои од започнати проекти од годинава кои треба да се финализираат но, и сосема нови работи, кои постојано се случуваат како нови искри за песни, па, би рекла дека годината ќе биде возбудлива и на тој план. Со „Фортуна“ продолжуваме да настапуваме во живо со тоа што нашите настапи постепено ќе бидат надополнувани со песни од албумот во најава.
Тони Димков