PopUp Rating: 4/5
„Манк“ е долгометражен, црно-бел игран филм на реномираниот режисер Дејвид Финчер, кој го оживува Холивуд од 30-тите години од минатиот век преку сценариото на неговиот починат татко, Џејк Финчер.
Сценариото на стариот Финчер е базирано на вистински личности, кои оставиле длабока трага во златната ера на седмата уметност. Филмот ја отвора вечната дебата чие авторско перо е (по)заслужно за култниот „Граѓанинот Кејн“ и открива подмолни интерни интриги на големите продуцентски куќи за предизборна политичка афера во САД. Биографската драма е преполна со информации за кои на гледачите им е потребно барем малку предзнаење за целосно да го совладаат „Манк“.
Режисерот кохезивно балансира помеѓу сеќавањата на протагонистот и неговата трка со времето да го испочитува дадениот рок. Д. Финчер се потпира на впечатливите монолози и дијалози на главниот лик кои имаат вредна тежина, како и на актерската игра на неверојатниот Гери Олдмен, но режијата потфрла да разбуди емоции кај публиката и да поттикне кулминација. Дејството се одвива рамномерно и единствено квалитетната монтажа и оригиналната музика се заслужни за одржување на вниманието и за динамиката што го следи филмот.
Кинематографијата е допадлива и изобилува со кратки кадри што ја надополнуваат монтажата и отвораат шанса продукцискиот дизајн да дојде до полн израз. Златната ера на Холивуд е автентично прикажана и се забележува внимателниот детален приод на сет-декораторот, кој ја комплетира сложувалката и остава впечаток како да гледате реставрирана и дигитализирана верзија на стар црно-бел филм.
Што досега не е кажано, а вреди да се каже за извонредниот Гери Олдмен? Нова мастеркласа по актерска игра на фантастичниот актер во главната улога како Херман Манкиевич. Тој совршено го доловува брутално искрениот писател, кој е секогаш директен, без влакна на јазикот. Наградуваниот Олдмен бележи трета оскаровска номинација во кариерата за главна машка улога, но неразбирлива е дебитантската номинација за актерката Аманда Сејфрид. Прекрасната глумица ја игра наивната русокоса Мерион Дејвис и е само бледа, вештачка копија на елегантните дами од 30-тите години. За разлика од неа, личната асистентка на протагонистот, Рита (Л. Колинс) развива цврста хемија со него и делува како одлично да ѝ прилега ролјата.
„Манк“ не е најдобриот филм на режисерот Финчер, но е солидно филмско остварување. Едноставно недостасува остроумна режија која ќе изнуди повеќе од сценариото, додека монтажата се обидува да го надополни тој недостаток. Актерската игра на Олдмен и продукцискиот дизајн се највредни алки во филмот и целосно ги оправдуваат номинациите за престижна награда од академијата. Но, вкупно десетте оскаровски номинации во скромната 2020 година наметнуваат високи очекувања, кои за жал „Манк“ не ги исполнува. Во побогата година, филмот дефинитивно немаше да има шанса да освои двоцифрен број статуетки, а „Манк“ иако не заслужува место во елитното друштво на црно-бели класици, сепак е квалитетна увертира за потоа да продолжите со безвременскиот „Граѓанинот Кејн“, кој е дело на Манкиевич и(ли) Велс.
Филип Мишов