ДАЕ (1979)
Краткиот документарен филм „ДАЕ“ од 1979 година е всушност нашиот прв кандидат за Оскар пред осамостојувањето. Режиран е од легендарниот Столе Попов, а како продуцент се јавува Ристо Теофиловски. Сценариото е на истакнатиот поет Анте Поповски, па оттаму не зачудува тоа што филмот на поетски начин го портретира животот на едни од последните Роми-номади. Снимен е во автентичниот амбиент на чергарската населба спроти празнувањето на Ѓурѓовден.
Во едно интервју за познатиот „Time Magazine“, Столе Попов вели:
„‘ДАЕ’ е филм што става акцент на атмосферата и импресијата, филм без зборови. ‘ДАЕ’ претставува документарна надреална поетска визија, која го раскажува животот на Ромите-номади. ‘ДАЕ’ трага по примордијалните верувања за слободата, растоварен од бремето на современата цивилизација. Животот на Ромите е суров, но филмот е лирски и полн со романтизам. ‘ДАЕ’ нуди предизвикувачка животна философија, истовремено возбудувајќи го и плашејќи го гледачот. Поедноставно кажано, тоа му доаѓа исто како со антихероите, го обожавате ‘Billy the Kid’, но немате храброст да се соочите со Pit Gareth.“
Презентери во категоријата во која се натпреварувал „ДАЕ“ на 52-то издание на Оскарите во 1980 година биле Вилијам Шатнер и Персис Камбата. Таа година Оскарот за најдобар краток документарен филм му припаднал на Саул. Џ. Турел за „Пол Робсон: Омаж на актерот“.
„Пред дождот“ (1994)
„Пред дождот“ по сценарио и режија на Милчо Манчевски е првиот македонски филм номиниран за Оскар во категоријата Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Филмот е добитник на Златен лав на 51. Венециски филмски фестивал, а главните улоги во него ги толкуваат Кетрин Кертлиџ, Раде Шербеџија, Грегоар Колин и Лабина Митевска. „Пред дождот“ се состои од три приказни: „Зборови“, „Лица“ и „Слики“ во кои се пресретнуваат и меѓусебно се мешаат љубовните приказни, комплексните етнички неприлики на македонска почва и бурниот живот во модерен Лондон.
За него, истакнатиот филмски критичар Роџер Еберт во 1995 година пишува:
„Ова е еден од најдобрите филмови годинава, брилијантно режисерско деби на младиот човек со име Милчо Манчевски, роден во Македонија, образован на Southern Illinois University, а сега њујорчанец, кој пред да се врати дома и да го направи овој одличен филм, снимил неколку наградувани музички спотови на MTV. Вакви дела ми даваат живот, месеци и месеци подоцна, филм по филм, после тоа ѓубре со Chevy Chase и Adam Sandler, ова е потсетник за благородноста со која може да се стекне еден филм… Манчевски раскажува приказна со јасен, ироничен, елиптичен стил: Ова е нешто како арт филм за војната, во која страстите ги заменуваат идеите.“
Презентер во категоријата Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје на 67-то издание на Оскарите во 1995 година беше Џереми Ајронс. Оскарот во категоријата во која се натпреваруваше „Пред дождот“ го освои рускиот филм „Изгорени од сонцето“ на Никита Михалков.
„Медена земја“ (2019)
Oстануваат третата и четвртата номинација на македонски филм на Оскарите. Што да се напише (a што веќе не е напишано) за актуелниот документарец „Медена земја“ на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, кој триумфираше на минатогодишниот Санденс и си трасираше ѕвездена траекторија со две историски номинации на претстојното 92-ро издание на Оскарите? „New York Times“ го окарактеризира како „game changer“ на годинашните Оскари бидејќи „Медена земја“ е всушност првиот филм во историјата на наградите кој е номиниран и во категоријата за Најдобар документарен филм и во онаа за Најдобар интернационален филм (до 2019-та позната како категорија за Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје). За сагата за македонската пчеларка Атиџе Муратова, „Los Angeles Times“ напиша дека е „еден од ретките документарци кои нудат толку интимно бесна, методично детализирана алегорија за чудата на земјата, запоседнати од последиците на човечката алчност“.
Странската критика го воспеа „Медена земја“, а дома филмот очекувано доживеа триумфална рецепција, иако не изостануваа и критички гледишта од поинаква перспектива.
Во врска со очекувањата од оскаровската ноќ, нашиот пријател и соработник, театарскиот режисер Милош Б. Андоновски, ни порача:
„Ни посакувам барем еден Оскар за ‘Медена земја’. И во моментот кога ќе го добиеме – ќе престанеме да го следиме доделувањето и ќе излеземе на улиците да славиме сите заедно. Ова е една од најголемите промоции на нашата земја и кинематографија, а филмската екипа заслужува пречек каков што не сме приредиле никому досега.“
А нашиот филмски соработник Филип Мишов, прашан за неговите очекувања за претстојните Оскари, ни рече:
„Двете номинации за Оскар се сами по себе огромно одличје и успех за македонската кинематографија, вредни за долга дискусија. Филмската академија на САД ја препозна пожртвуваната посветеност на упорниот екипаж, исклучително квалитетната кинематографија и моќната порака на Атиџе. ‘Медена земја’ направи преседан во светски рамки и заслужено стана првиот документарен филм што бил номиниран во две категории за престижната награда.
Во конкуренцијата за најдобар странски филм, корејската црна комедија (драма) ‘Паразит’ е апсолутен фаворит и можеби тоа е најочигледното предвидување од овогодишното издание на Оскарите, иако би сакал да грешам во проценката. Но, очекувам, воедно и посакувам ‘Медена земја’ заслужено, победнички да се издвои во трката за најдобар документарен филм. Во спротивно, апсурдна ќе биде одлуката историското признание да не биде наградено со златна статуетка. Се надевам дека ‘Медена земја’ ќе го направи последниот чекор, ќе го искачи последното скалило за да стигне до епитетот бесмртно филмско остварување!“
Ни преостанува да ги гледаме Оскарите в недела и да се надеваме на успех. Среќно, „Медена земја“!