Kога разговарав со дизајнерката на накит Магдалена Филипова, се воодушевив од скромноста во нејзиното однесување и нескромноста во нејзината страст кон работата. Кога сите би зборувале со толкава жар и посветеност за она што умеат да го работат (исклучиво и само за тоа), веројатно ќе бевме поднебје од кое никој немаше да сака да си замине. Додека Магдалена ревносно ги совладува тајните на својот занает, таа трпеливо работи на сопствениот развој и прифаќањето на својата личност. А што е уметноста, ако не деликатна работа врз себе и обид од суровиот материјал да се претвориме во убав брош 😊 Jа оставам Магде да ве води низ приказната:
„Во Скопје шест месеци ја посетував обуката за филигран во Занаетчиската комора на Македонија. Но мене филигранот ми е само детаљ, една техника од мноштвото други што сакам да ги работам. Јас сепак не сум филигранист, сакам да работам и други техники. Така, три години по ред бев стипендист на Интернационалнатa летна академија за уметности во Салцбург, Австрија, оригинално формирана од уметникот Оскар Кокошка. На неа секој август се собираат уметници и креативци од целиот свет за да ја разменат енергијата и да ја споделат љубовта на креирањето.“
„На академијата во Салцбург имав чест да учам од едни од моите омилени дизајнери на современ накит Бенедикт Фишер и Марк Монзо заедно со нивните асистенти Виви Толуламиди и Андреа Дурианова. Се пријавив најмногу затоа што првата година професор беше мојот омилен дизајнер на кого му се восхитувам, шпанецот Maрк Монзо. Со него работевме многу, особено во правец на тоа кој е мојот стил и личен печат во однос на дизајнот.“
„Како негови студенти имавме чест да работиме на неговиот проект ‘Big Bang and I’ кој беше заокружен со изложба на современ накит во градската галерија Салцбург 5020. При работењето имавме целосна слобода во креацијата. Го одбрав Спутник, првиот вештачки сателит пуштен во орбитата околу земјата. Салцбург ми остана омилено место за креација.“
„Моето техничко едуцирање го продолжив во Монте, Швајцарија каде што имав можност да ги доусовршам техниките за изработка на накит со злато, дијаманти, титаниум, дрво и други материјали. Во Швајцарија учев кај познатиот дизајнер на современ накит Седрик Шевале кој има патентирано иновација што овозможува да купите повеќе парчиња и да добиете различни комбинации на прстен по ваш вкус. Дизајнот се склопува и расклопува со механизам за затворање и се моделира со различни материјали. Прстените се многу познати во светски рамки, нивното име е Mood Rings. Шевале има галерија која функционира во три посебни дела: галерија за современи венчални прстени, современ накит и upcycled дела од стари скејт даски. Најпознатите скејтери во светот му ги праќаат скршените и употребени даски, и тој им дава нов живот во форма на нараквици, прстени, столчиња, клупи…“
„Една од омилените изработки ми е брошот – пајак што е дел од колекцијата ‘Spider Villani’ и е инспирирана од Седрик Вилани, светски прославен француски математичар и научник – добитник на Филдсовиот медал, најпрестижна награда во математиката, еквивалентна на Нобеловата награда и кандидат за градоначалник на Париз за изборите во 2020 година. Приказната започна пред осум години кога специјално за Вилани беа изработени три броша – пајаци кои се дел од неговата многубројна колекција на пајаци и можат да се сретнат на фотографии во реномирани магазини. Пајакот е неговиот заштитен знак. Пред една година познатиот телевизиски канал Арте издаде осумчасовна колекција од предавања за математика презентирана од Вилани во која еден од моите пајаци се појавува како дел од најавната шпица и е еден вид на лого за сите негови презентации.“
„Соработката со Вилани е прв мој интернационален договор на кој сум особено горда. Мојата колекција ‘Spider Villani’ беше изложена во галеријата Акантус во Скопје. Работам на себе и се доусовршувам. Не сакам да се претставувам како индивидуа, туку преку проектот ANOTHER UNIVERSE manufaktur затоа што во него партиципираат повеќе професионалци во одредени области, како и моето семејство и пријателите.“
„Знам дека мојот дизајн и мисла допрва ќе се прочистуваат. Технички настојувам да бидам многу прецизна, бидејќи во техниката се знаат правилата. Сакам чист дизајн. Дизајнирам и изработувам затоа што сакам да сонувам на големо за мали нешта. Накитот го сметам за скулптура во мали димензии.“