Документарниот филм „Молкот на разумот“ на режисерката Кумјана Новакова веќе неколку месеци патува на фестивали и освојува престижни награди за храбриот пристап во обработката на комплексната архива и уште покомплексниот контекст во кој таа настанала (Филмскиот авторски фестивал 2023 во Белград), за нејзиниот режисерски пристап (Меѓународниот фестивал на документарен филм ИДФА (IDFA) во Амстердам 2023), за човекови права (Филмскиот фестивал во Сараево 2023) и наградата „Очилата на Ганди“, која ја доделува специјално жири под покровителство на Центарот „Sereno Regis“ на Филмскиот фестивал во Торино.
Покрај ова, Кумјана е основачка на фестивалот „Pravo Ljudski“ во Сараево и вонредна професорка на магистерската програма по филм на Холандската филмска академија. Таа следи докторски студии за современи уметности и медиуми во Белград и живее во Скопје и Сараево.
Како авторка, нејзиното истражување лежи помеѓу филмот и современата видеоуметност, често истражувајќи како подвижните слики се однесуваат на идентитетите, сеќавањата и колективното јас. Нејзиниот последен филм „Вознемирена земја“ (корежиран со Гилермо Карерас Канди) беше во потесниот избор за наградите на Академијата. Нејзиниот нов аудиовизуелен уметнички проект „Молкот на разумот“ ги следи искуствата на жените изложени на насилство во време на војна во поранешна Југославија и е награден со уметнички грант од БИРН.
„Молкот на разумот“ премиерно ќе се прикаже во Скопје во вторник, 12.12.2023г. во Кино Фросина, како дел од програмата на „Прво па женско“.
Во моментов патуваш и го придружуваш филмот „Молкот на разумот“ на фестивали и на проекции. Тоа истовремено звучи возбудливо, но и напорно и тешко, особено со оглед на тоа што глобално гледано, периодов е далеку од празничен и возбудлив. Би те прашала најпрвин, како си?
Многу ми значи што разговорот го почнуваме со оваа опсервација и прашање. Фала ти за тоа, сметам дека е многу важно да се разговара од позиција на посветеност кон другата и отворена грижа.
Уморна сум, преработена, но од друга страна и возбудена, под многу адреналин, и благодарна што „Молкот на разумот“ полека си создава сопствен простор и свет…
Секој филм е резултат на долг, и физички и емотивно тежок процес, и често додека сме во тој процес, забораваме дека крајот на креирањето еден филм не е крај туку почеток на друг вид повторно многу работа и повторно многу емоции. А кога филмот не наоѓа простор да комуницира со јавноста, тоа е уште потешко. Така што уморна сум многу, на автопилотка сум одамна, но истовремено сум среќна и благодарна што вилите на филмот се со „Молкот на разумот“ и засега добро ни оди…
Создавањето уметност за приказни што постојано тлеат „под“ реалноста, ми се чини како исклучително важна, но и тешка одговорност. Како настана идејата за овој филм? Од каде почна?
Одамна живеам со сознанието дека женското тело е и архива на насилство… Во нашиот контекст, особено ако живееш и работиш на просторот на она што некогаш беше Југославија како што е тоа во мојот случај, секојдневно се соочуваш со динамики што ги диктира комплексноста на женското искуство за време на војните. Пред десетина години случајно се најдов во просториите на Здружение на жени што имаат преживеано силувања и сексуално насилство за време на војната во БиХ. Не пројдоа ни десетина минути откако пристигнавме, и сите три почнаа да ги споделуваат своите искуства за време на војната со мене и со мојата пријателка.
Со денови потоа телото ми беше во неподнослива физичка болка и речиси исклучено – full shut down. На самото тело, физички почувствував дека со генерации преживуваме насилство. Насилството ни е впишано во телото. Таму некаде го лоцирам почетокот на филмот во емотивна смисла. Активно почнав да размислувам со идеја да работам на аудиовизуелно дело во периодот на монтажа на „Вознемирена земја“, мојот претходен филм.
Концептуално на самиот почеток ова беше многу „отворен“ проект: знаев дека сакам да најдам начин да го отворам просторот, да го разоткријам тој простор на потиснување и истрајност. Знаев и дека сакам да најдам начин да ја претставам истрајноста како простор на пренесување на знаење, знаење за колективно преживување.
Добив уметнички грант за работа со архива во 2021 година од БИРН и ограниченоста на грантот и условите ме натераа да барам фокус, влез во темата… Јас работам со документаристички методологии, но секогаш почнувам со многу опширно истражување. Истражувањето ме донесе до сведочењето пред судот во Хаг (Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија – МКТЈ) на жена што ги има преживеано логорите за силување во Фоча, во случајот МКТЈ против „Кунарац и др.“. Од тогаш не сум истата. Тоа беше моментот кога сфатив дека ова не може да биде отворен проект, туку филм што ќе се гради на искуствата на жените од Фоча и околината на Фоча од 1992 до почетокот на 1993 година, оти само тогаш ќе стане филм за женското искуство на преживување сексуално насилство каде било и кога било. Целиот процес до тој момент бил подготовка за соочувањето со тоа конкретно искуство за да направиме филм што е колку што се може поблиску до преживеаните од Фоча.
Кажи ми повеќе за твојот пристап кон прегледување на овие документи и нивната содржина и нивното понатамошно обликување во филм. Каква беше процедурата за стигнување до архивскиот материјал? Што ти беше најважно во тој процес?
На почеток ги читав сведочењата на жените за време на судењето. Првата жена чие сведочење ме пронајде на самиот почеток кое веќе го спомнав – „FSW 87“ – ми го покажа патот: таа ми беше еден вид водичка низ просторот и времето што архивата ги чува. Во тој замислен дијалог со неа, почнав да ја разбирам и да ја деконструирам судската архива и да правам своја архива. Ги архивирав сведочењата на сите жени запознавајќи ги како личности, а паралелно на тоа почнав да ја градам и хронологијата на нивните искуства: од падот на Фоча и првиот логор во кој се затворени Бук Бјела до ослободувањето на последните две жени. Најважно и во таа и во секоја следна фаза од процесот ми беше да градам субјективитет што се заснова само на искуствата на преживеаните: користев сведоштва и материјални докази што доаѓаат исклучиво од тужбата и од преживеаните жени. Во ниту еден момент не сакав да ѝ дадам простор на одбраната, односно на насилниците. Тоа беше клучна одлука.
Дали имаше некаква цел што те водеше низ процесот? Какви интервенции одбра да направиш во материјалот со кој работеше?
Најважно во креативниот процес за овој филм, но и општо во сите мои проекти, е барањето јазик внатре во материјалот со кој работам. Филмскиот јазик за мене секогаш произлегува од филмскиот простор што го истражувам. Во тоа сум речиси ригидна: не верувам во генијални авторски идеи што паѓаат од небо и не верувам во поставување тези што треба да се потврдат: тоа е надмен и нељубопитен пристап бидејќи претпоставува дека животната реалност и односите можат да се сместат во теза. Јас и моите креативни соработнички веруваме во методологијата на „слушање“, на истражување преку кое постепено учиме дека не знаеме и дека знаењето е во можноста да поставуваме подобри прашања. Така постепено градиме пристап адекватен на истражувачкиот простор, градиме влез во тој простор, и доаѓаме до уметнички јазик кој бидејќи е дефиниран од просторот, ја отелотворува неговата комплексност.
Оттука, аудиовизуелниот и структуралниот пристап се дефинираше од филмскиот простор во кој работевме, а тоа е судската архива на случајот „Кунарац и др.“ што содржеше текст (сведочења, искази, транскрипти од сослушувањата), многу малку фотографска архива и уште помалку аудио и видео архива од истрагата, а кои се отворени за јавноста.
Си поставивме прагматична цел што се покажа како исклучително добра одлука: баравме начин да ја активираме архивата на еден судски процес на „екран“ за материјалот од архивата да почне да работи за нас, да биде во функција на филмот, а не во функција на архивата како институција или на кој било авторитет и позиција на моќ. Од друга страна, секој филм е еден вид архива: аудиовизуелна архива што некогаш ќе сведочи за некој простор и нечии динамики. Оттаму, прашањето што нè водеше низ процесот на барање влез во архивата на тоа судење, беше како да ја трансформираме таа архива што е организирана по правна логика, и која ја дефинираат институционални хиерархии што произлегуваат од географската, но и симболичката дистанца во филмска архива што е отворена за секој, и која првенствено му припаѓа на локалното искуство што го архивирала. Знаевме дека само како таква, таа нова филмска архива или филм ќе биде наш, и ќе има предиспозиции да стане дел од колективното искуство.
Најболно сознание и за мене и за целиот креативен тим што работеше (на филмот) беше фактот дека сведочењата на жените што го промениле меѓународното кривично право и благодарение на кои силувањето не е повеќе нормална појава во секоја војна туку воено злосторство, не довел до промена на патријархалната парадигма што го обликува разбирањето на сексуалното насилство во војната, оттука еманципаторскиот ефект што нивните сведочења го имале на меѓународната правна рамка, не е дел од нашето колективно искуство. Ние не зборуваме за важноста на сведочењата на преживеаните и првата одлука во историјата со која силувањето извршено за време на војна е злосторство против човештвото, туку за жени жртви чиј субјективитет се дефинира од фактот дека биле потчинети на насилство. Затоа исклучиво важно ни беше да ја повратиме архивата што го документира преживувањето, односно правото на сеќавање на преживеани што довеле до една од најзначајните промени во историјата.
Сакавме да зборуваме од таа позиција: знаеме дека жените што преживеале најстрашни форми на сексуално насилство во војните во 90-тите во Југославија, се издигнале над индивидуалната траума и успеале да го направат овој свет поправеден за секоја жена секаде. Бирам да мислам, живеам и делувам како жена и авторка од таа позиција: јас и сите ние сме наследнички на жените што се изборија за правото за време на војна нивните тела да бидат само нивни.
Несериозно е да се биде оптимист во овој момент од човековото постоење и верувам дека ќе ни биде сè потешко на сите нас бидејќи насилството не е исклучок, туку правило, па оттука станува сè поважно да знаеме дека имаме одговорност кон женското наследство.
Патријархалната парадигма не ни дозволува да се гледаме како преживеани, туку како жртви – меѓутоа тоа е конструкт што еве очигледно дека не се совпаѓа со нашето историско искуство, а случајот на жените што сведочеле за насилствата во Фоча го потврдува тоа најдобро.
Слично како и во името на филмот, следејќи го она што се пишува за него, гледајќи го трејлерот, мојот разум замолкнува. Делумно бидејќи мојот ум, кој е секојдневно преплавен со информации за хорори што се случуваат околу мене и низ светот, едноставно се умртвува. Но, повеќе од тоа, мислам дека молкот на мојот разум во овој случај не е недостаток на реакција, туку е одбивање да се пополни тишината со зборови што се недоволни и неточни. Какви се досегашните реакции на публиката?
Интересна опсервација – слична беше и експликацијата на жирито што ни ја додели наградата „Очилата на Ганди“ во Италија: „Филм со кој завладеа молк“…
Реакциите искрено се повеќе од охрабрувачки, да не кажам извонредни.
Најмногу ни значи што секаде имаме млади девојки, активистки и феминистички работнички од различни профили, кои се заблагодаруваат за инсистирањето на промена на начинот на кој гледаме на искуството на сексуално насилство, и кои сметаат дека филмот им го враќа чувството на сила, сфаќаат дека сме издржливи и имаме моќ што можеме да ја активираме во секое време.
Исто така, од филмската професионална заедница имаме неверојатни реакции: филмот има навистина експериментална форма и не е „мејнстрим“, и се плашевме дека ќе се отвори само за уметнички простори. Меѓутоа функционира и комуницира и со многу поотворени за општа јавност фестивали, автори и простори. Имаме неверојатен фестивалски интерес, но и интерес од најпрестижни уметнички институции и музеи.
Колега кој обично работи серии од Белград, беше многу искрен и директен и ни даде мотивација со коментарите: „…сте поставиле структура и јазик на историска вистина и правда, и можевте што сакате да ми сервирате потоа, јас бев со вас цело време, од почеток до крај. Не ми сметаше воопшто јазикот на филмски експеримент, напротив – за првпат сфатив зошто еден филм може и треба да биде експериментален“.
За некој како мене, кој доаѓа од експерименталните и интердисциплинарни филмски простори, вакви реакции и можноста да се оствари комуникација со колеги и колешки од мејнстрим просторите е голема радост.
Премиерата на филмот беше на Сараевскиот филмски фестивал. Каков беше приемот на филмот кај сараевската јавност?
Во Сараево беше многу емотивно и достоинствено во исто време. На самата премиера салата беше преполна, а дискусијата беше во насока „ви благодариме што нè потсетивте на остварувањата на жените, овие денови ни треба повеќе од кога и да е…“. Премиерата, за жал, коинцидираше со еден од најстрашните фемициди на нашиот простор, убиството на Низама Хечимовиќ од страна на нејзиниот партнер, пред нивното дете. Во таа насока, за жал, повеќе од јасно ни беше на сите зошто е важно да ја менуваме парадигмата на жена жртва. Овој филм е дел од таа борба, и имавме многу емотивни и инспиративни разговори со луѓе од различни профили.
Овој филм се надоврзува со твојата досегашна работа на теми поврзани со војната во БиХ, феминистичката историја на нашиот регион и филмската уметност. Што е следно? Дали можеш да ни кажеш на што работиш сега, кои се твоите следни уметнички подвизи?
Во фаза на истражување и развој сум на филмски проект што се фокусира на отсутните феминистички историографии во филмот…
Станува збор за проект што е долго со мене и во фаза сум на отворање кон други соработнички…
Реално сум на самиот почеток во продукциска смисла и многу сум возбудена од можноста да ги истражувам врските помеѓу различните простори и времиња со други соработнички: овој проект почнува од една заборавена женска филмска историја на југот на Италија, за понатаму да ја пренесе во различни простори актуализирајќи ја потребата да се истражуваат избришаните женски јазици во јавниот простор и во колективното сеќавање.
Клелија Живковиќ