Да се создава град и да се гради иднина подразбира активно и одговорно учество од страна на сите жители. Процесите кои го сочинуваат планирањето на градот се комплексни и често нејасни за граѓаните, но организациите како Културно Ехо ја надоградуваат традицијата на креативно и упорно работење на едуцирање на пошироката јавност и нејзино вклучување во овие понекогаш абстрактни, но неопходни процедури. Актерката Симона Димковска, која е претседателка на Културно Ехо, ни кажа повеќе за нивниот тековен проект „Создаваме град, градиме иднина!„
Која е позадината на меѓународната организација Културно Ехо? Кој е нејзиниот фокус и какви проекти сте реализирале досега?
Културнo Ехо е меѓународна, невладина и независна организација со седиште во Скопје, Р.С.Македонија. Здружението се формира во 2018 година по слободна иницијатива на група млади граѓани во насока на одржлив, урбан и културолошки развој преку иновативни пристапи и методи за зачувување на животната средина и подобрување на квалитетот на живот. Сè започна со мапирање на напуштени објекти во Скопје а потоа и низ повеќе градови во државата, а тоа резултираше со изработка на проектот „Напуштени Можности“ и на интерактивна мапа со напуштени објекти, со можност постепено да се надополнува. Од овој проект произлегоа сите иницијативи, активности и други проекти на кои работиме, од кои позначани се:
- Иницијативата за ревитализација на индустрискиот комплекс Купрум, преку проектот„ Од напуштена фабрика до студентски град“ кој се реализираше со изложба, конференција и издавање на публикација „Купром-рудник на (суб)култура“ за минатото, сегашноста и можната иднина во соработка со здружението на млади архитекти Ситископ Скопје.
- Иницијативата за ревитализација на сала „Партизан“, заедно со Општина Карпош, Влада на РМ, Француска Амбасада, Здружение на спортски ветерани-Скопје и Македонска спортска стрелачка федерација: која резултираше со изработка и донација на 2 идејни решенија за ревитализација на сала, прекинување на концесијата и враќање на објектот во владение на општината. Ова година отпочната е реконструкција на салата.
- Иницијативата за ревитализација на Дом на Култура во Ченто, Гази Баба: преку организирање на културно –едукативен и еко настан на кој се чистеше објектот, се отвори дискусија за неговата состојба, важност и можности. Овој настан беше испиративен за фестивалот Акто и се реализираше цртање на мурал од локален млад уметник.
- Иницијативата за Месната заедница Тафталиџе, заедно со Ситископ и Акто-ФРУ, организирање на работилници и перформанс.
- Промовирање на публикацијата „Ехо на ѕидовите“ во соработка со здружение Кадар за иницијативите за четирите објекти.
Вашиот проект „Создаваме град, градиме иднина!“ го става фокусот на учеството на граѓаните во процесот на планирање на градот, а со тоа и во градењето на иднината. Што значи тоа? Која е структурата на проектот, какви активности веќе се реализираа, а какви следуваат?
Тема на проектот „Создаваме град, градиме иднина!“ е новиот генералeн урбанистички план за Скопје (ГУП за период од 2023 до 2032 година) кој е најважниот документ за планирањето на иднината на градот. Целта на проектот е да ја зголеми транспарентноста и партиципативноста на граѓаните во процесот на урбанистичкото планирање на градот. Главни активности се серија јавни настани од мултимедијален карактер, чија основна цел е да поттикнат критичко размислување и да иницираат вклучување на локалните заедници во процесот на планирањето на просторот. Настаните вклучуваат три активности: Проекција на интерактивен документарен филм кој обработува повеќе локации, потоа работилница на тема: Што претставува ГУП и зашто е важен?, со инволвирање на граѓаните и интеракција за нови идеи и предлози во насока на планирањето на градот и завршува со дискусија на тема „Нов ГУП, нова можност за Скопје?“. Тимот кој го изработи документарниот филм и перформансот се режисерите Андреј Георгиев и Драгана Гунин, актерката Симона Димковска, кинематограф е Кристијан Караџовски, а монтажата ја направија Дејан Смилевски и Андреј Ристески. Наратор во филмот е Мартин Манев, а истражувачите беа Јана Брсакоска и Ситископ Скопје. Веќе реализиравме 2 настани во септември во Кинотека на РСМ и во Дом на култура -во Ѓорче Петров а третиот настан ќе се случи во КСП Цeнтар Jaдро на 12 ти октомври во 20 часот.
Често ги слушаме зборовите „Генерален урбанистички план“ и благодарение на градежните активности во Скопје во изминатава деценија, многумина од нас веќе знаат отприлика што тој план подразбира. Какви информации добиваат граѓаните на вашите настани?
Генералниот урбанистички план е од исклучителна важност во процесот на планирање и оформување на градот и истиот треба да придонесе кон хумани услови за живот и рационално уредување и користење на просторот. Надлежен орган за донесување на Генералениот урбанистички план е Советот на градот Скопје. Во процесот на спроведување на ГУП-от, согласно Законот, задолжително се спроведува стручна расправа, со која предложените плански решенија се ставаат на увид и проверка на стручната јавност, како и јавна презентација, со која предложените плански решенија се ставаат на увид на широката јавност. Сè уште нема никаква најава за таа јавна презентација, не знаеме во која фаза е изработката и преку работилницата и дискусијата со публиката се обидуваме да ги едуцираме и мотивираме граѓаните да се вклучат како активно во процесите на планирање на градот не само во ГУПот туку и во однос на деталните урбанистички планови што се донесуваат за градското подрачје на Скопје, а за кои одговорни се општините. Урбанистичкиот план го уредува просторот во кој граѓаните ќе живеат и затоа е потребно да се подигне и колективната свест за заедничкото добро. Граѓаните се свесни за проблемите, но потребен е отворен дијалог за да се дојде до идеи за решенија кои ќе се одржливи и долгорочни.
Можеш ли да ни кажеш примери како други градови ги вклучуваат своите граѓани во процесот на планирање на градот?
Близок пример ни е градот Софија. Платформата „Визија за Софија 2050“, е повеќегодишна иницијатива која низ серија дебати овозможува граѓани од сите возрасти и професии да дадат свое мислење за тоа во каков град сакаат да живеат, а ги вклучува и сите останати чинители како бизнис секторот, инситуции, инвеститори и градежни компании да седнат на иста маса и да зборуваат за јавниот интерес. Инспиративен пример кој може да помогне и Скопје да добие своја визија.
На настанот во Јадро ќе прикажете и документарен филм, кој го нарекувате „интерактивен“. Што значи тоа интерактивен филм?
Овој интерактивен документарец е всушност експериментален перформанс во кој како актер ја имав таа можност да влезам во различни улоги ( урбанист , инвеститор, активист, и да се види градот од нивна гледна точка. Да се напррави паралела помеѓу јавниот и приватниот интерес, но и да бидам јас тоа што сум – актер и активист во едно. Сето ова е испреплетено со документаристички снимен материјал од Скопје и архивски снимки од градот, кои визуелно ја надополнија сликата за тоа какво било Скопје и колку е сменето денес.
Каква култура сакате да изградите преку вашата работа како организација?
Преку нашите иницијативи сакаме да промовираме општествена, урбана и еколошка одговорност и решавање на заедничките проблеми со нови стратегии и методи, како и да влијаеме на културолошкиот развој, со промовирање на потребата од култура и уметност сега и овде, која ќе ја создаваат млади и креативни луѓе.
Автор: Клелија Живковиќ
Фотографии: Стефани Караџовска