По 11 години од нивното дејствување, мислам дека е ок да претпоставам дека секој од нас барем еднаш бил на некој од настаните на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, или барем сме слушнале за него и за организацијата што стои зад него „Тиииит! Инк.“. Како единствен таков фестивал во нашата земја, тие внимателно и грижливо ги креираат своите програми, без разлика дали се дел од фестивалот и функционираат самостојно.
Една таква програма е платформата за изведувачки уметности „Испробување феминистички иднини“. Во интервјуто ќе забележите дека јас сум *префасцинирана* од ова име, и да можев, ќе зборував само за тоа. Но, бидејќи ова е платформа што цели да згрижи барем дел од луѓето што работат во изведувачките дисциплини на независната културна сцена, важно беше да позборуваме и за дел од практичните аспекти.
Повикот за учествување на оваа платформа е отворен до 05.07.2023 година, а повеќе податоци околу процесот на аплицирање можете да најдете на веб страницата на Тиииит! Инк.
Се надевам дека ќе уживате во овој разговор, кој течеше мирно како и летниот ден на кој се одржа.
Да почнеме од фразата „Испробување феминистички иднини“. За мене таа има прекрасен утопичен ѕвон што ми ја размрдува југоносталгичноста, ме навраќа на ветувањето за иднина кое е присутно во приказните за Југославија. Од друга страна, во неа се содржи и одредена студиозност и речиси научничка љубопитност. Би сакала да ми кажеш какви се твоите чувства во врска со оваа фраза, ако за момент ги тргнеме настрана проектните аспекти.
Јас, исто како и ти, ја доживувам оваа фраза романтично. Кога првпат ја склопивме и ја препознавме како добар наслов за ова што го правиме, помислив дека е нежна и дека во себе носи дозвола да се обидуваме, да грешиме, да го прегрнеме процесот. Ова е нешто во што професионално цврсто верувам кога станува збор за изведувачките уметности.
Она што ме плашеше беше дека некому ќе му биде одбивно зашто ќе му звучи многу теоретски: кај нас, во театарската фела, владее презир, кој во суштина е страв, кон што било што е теоретско или интелектуално. Сè уште се заговара тоа дека за да бидеш добра глумица, не треба да мислиш, треба да се препуштиш, а не да теоретизираш. Се плашев бидејќи тоа е длабоко втемелено во културата на оваа фела и, за жал, тоа се гледа во тоа како обично го правиме и каков ни е театарот. Сè уште се прави фама околу талентот, дарбата, моментот „кога ќе ти дојде“, додека јас верувам дека сето ова може да се промисли, да се истражи и дека не треба очајни да го чекаме моментот туку да знаеме да го предизвикаме.
Се плашев дека луѓето на кои им се обраќаме, оние што се надеваме дека ќе се пријават и за кои веруваме дека го создаваме овој простор, ќе го имаат истиот тој отпор дека ние нешто „се правиме паметни“. Платформата е простор што во суштина сакаме да биде она што сметаме дека треба да биде секој феминистички простор: таков кој прегрнува грижа, остава простор за грешење, откривање, предомислување, да почнеш од едно а да стигнеш до друго… Да уживаш во трагањето, без оптовареност дека има нешто конкретно таму некаде што ти треба да го најдеш.
Мило ми е што го спомнуваш зборот грижа бидејќи во феминистичките кругови многу се бориме со родовите улоги и со ограниченоста со која се соочуваме поради нив, а има нешто многу ослободувачко во тоа да ја прегрнеш женственоста на грижата која, секако, не е предодредена само за жените. Дали кога ја создававте оваа програма пробавте да ја интегрирате таа грижа во нејзината структура и да создадете активности што ја рефлектираат?
Ние практично тргнавме од некоја загриженост по тоа што се случуваше во текот на пандемијата: требаше да организираме фестивал во период кога практично наједноставните облици на среќавање не ни беа достапни, а камоли некоја размена која е елементарна на културните настани, театар или што и да е. Се најдовме во ситуација во која требаше да наоѓаме луди и невозможни начини да носиме некои програми однадвор и да ги покажуваме тука на луѓе што во тој момент се плашеа да седат едни покрај други.
Покрај тоа, нашата изведувачка сцена настрада многу: се затворија простори, се оневозможија изведби и културните работници од независната сцена со кои најмногу соработуваме беа и егзистенцијално загрозени. Во овој контекст, нам ни се чинеше дека не е фер да носиме овде изведувачи и програми создадени во услови за кои ние можеме само да сонуваме.
Затоа решивме тие можности и контакти што ги имавме, тој некој освоен простор што го имаме, да го споделиме и да им овозможиме на луѓето тука да работат. Се разбира, како феминистички фестивал, фокусот го ставивме на жени што доаѓаат од независната културна сцена. Во одредена смисла, сакавме таа наша грижа, во форма на оваа платформа, да ја дадеме на некој што ќе се обврзе да ја практикува во работата на својот проект. Грижа за материјалот, за условите, за ресурсите што ги добива, за своите соработници итн. Сакавме таа грижа и феминистичкиот начин на соработка да ги одбележат креативните процеси што би се случиле на оваа платформа.
Во глава ми одѕвонува зборот можност и како тој се поврзува со зборот иднина. Јас лично, но и многу од луѓето што ги познавам, имам одреден отпор кон тоа да замислувам некаква можна иднина. Сите се плашиме да веруваме дека ќе следува нешто добро, или дека нешто добро воопшто е можно. Се згрчуваме и се спремаме за нешто полошо. Но, кога размислувам на фразата „Испробуваме феминистички иднини“, во неа препознавам порака да го тргнеме погледот од тоа што е можно таму некаде кај што не сме ние, и да видиме што е можно овде кај што сме. Можеби е можно многу помалку, но ќе биде вистинско и автентично и можеби навистина ќе биде чекор кон некоја иднина што сега-засега само пробуваме да ја замислиме.
Ова што досега го зборуваше, дека интегрирање на грижата во работниот процес и работната етика подразбира фер плаќање на сите соработници, почит кон просторот и неговата историја, чесен и фер третман на материјалот, ми ја воочува врската помеѓу можностите и одговорноста. За што преземате вие одговорност со оваа платформа? Што е тоа за што велите „ок е, ние ќе се погрижиме за ова“?
Уште во 2021 година, кога првпат ја промовиравме платформата, во нејзината основа го вградивме очекувањето преку неа да почнеме да го пополнуваме празниот простор во културата со изведувачки практики што се разликуваат од конвенционалниот театар, кој кај нас академски се изучува. Јас доаѓам од таа заедница, предавам на ФДУ и прва кревам рака дека сме виновни за тоа што имаме практика каква што имаме и за тоа колку често си дозволуваме да ја злоупотребуваме својата привилегирана позиција на авторитет кој кажува што е театар а што не е. Тоа е нешто што постои во академските кругови, особено на уметничките факултети. Нашиот театар едноставно не е во чекор со развојот на изведувачките уметности. Ќе си дозволам да кажам дека сè уште се занимаваме со некои жанрови и форми со кои едно одамна веќе никој не се занимава, но поважно, за кои освен лични претензии, немаме реални знаења, умеења, ни услови да ги создадеме.
Ние работиме да ги препознаеме можностите и да работиме во контекстот на тие можности, за мене е тоа некоја елементарна свесност, која е исклучително важна за секој креативен процес. Многу од нас се истрошија низ годиниве обидувајќи се да создадат нешто што во овие услови е невозможно и во крајна линија, што не ни одговара на овој контекст. Во одредена смисла тоа е и малку безобразно бидејќи е инсистирање на нешто што едноставно не оди и трошење на ресурсите што толку ретко и толку малку ни се достапни.
Упорно се држиме до некој дискурс дека треба „да се гине“, сè да се остави за нешто да успее. Јас мислам дека треба да останеме живи за да создадеме и нешто друго понатаму, многу други нешта. Ние преземаме одговорност да се потсетуваме себеси и едни со други дека не треба да се самоексплоатираме, дека треба да бидеме реалистични во однос на тоа колку труд вложуваме, со колку и какви средства работиме, да не заборавиме дека ќе следуваат уште многу проекти итн. Да го направиме тоа што најдобро можеме со ресурсите што ги имаме.
Како се навраќате на првата година од оваа платформа?
Многу бевме среќни со тоа како заврши првиот циклус. Од почеток до крај, сите што влеговме во ова – ние од „Тиииит! Инк.“, кореографката Викторија Илиоска и театарската режисерка Билјана Радиноска, кои го поддржуваа креативниот процес, Емилија Чочкова како извршна продуцентка, Ангела и Јована и нивните соработнички и соработници, Фестивалот МОТ, го направивме тоа многу чесно и пријателски. Тогаш имавме подолго време од што имаме оваа година, а во вакви процеси времето е прекрасна работа и ужасно важен фактор за секој што се занимава со некакво творештво.
Ангела Стојановска до денес ја игра „Срам“ и тоа ја игра насекаде, а Јована Зајкова има исто така одлична претстава што ја игра секогаш кога има можност. Многу ми е мило што обете за искуството со платформата зборуваат како важна временска и креативна одредница во нивниот развој. Што можеме повеќе да посакаме?
За жал, немаме можност секоја година да реализираме проекти преку оваа платформа. Во првата година имавме среќа да најдеме фондови што можевме да ги насочиме кон тоа. Оваа година продолжуваме, најмногу поради тоа што чувствуваме должност кон заедницата што се формираше околу овој проект, со тоа што како организација пробуваме да најдеме начин средствата што ни се на располагање да ги насочиме кон оваа платформа. Извршниот тим на „Тииит! Инк.“ – Јана со Јуле, Цаци и Бети, покажа исклучителна солидарност и ентузијазам за овој проект и многу широкоградо помогна во тоа.
Значајно е и тоа што и во овој циклус продолжува соработката со Фестивалот МОТ, во чии рамки ќе биде премиерата на перформансот што ќе биде развиен на Платформата, а формално ни се придружува како соработник и Локомотива, кои преку својата Култренинг програма ќе се грижат за поддршката на колективот низ креативниот процес.
Ако тргнеме од името на платформата, кое ни навестува дека тоа што правиме е поврзано со тоа што сакаме да ни се случува понатаму, како би го опишала шпекулативниот потенцијал на перформативните уметности?
Утопичноста е радикална позиција и е во суштина револуционерна идеја. Нашата идеја е практично заговарање дека е возможно да работиме на начини и во средини каде што се чувствуваме добро, дека можеме да имаме елементарни услови да се грижиме за процесот, да не забораваме каде сме и да правиме работи со кои, ако веќе не се гордееме, барем стоиме покрај нив.
Тоа е како обновување некои гнили претпоставки дека ние треба да бидеме жртви на нашиот процес на создавање, кои апсолутно произлегле од условите во кои создаваме, но на еден или на друг начин сите мораме и да создаваме и да преживееме, така што веројатно е поздраво да го направиме тоа на начин во кој нема да бидеме исцрпени и прегладнети од создавањето.
За крај, би сакала да им се обратиме на личностите што се надеваме дека ќе го прочитаат ова и дека ќе се пријават на отворениот повик. Што би сакала да им кажеш? Како би сакала домаќински и грижливо да ги поканиш на проектов?
Ние уште во пишувањето на повикот се трудевме да го напишеме така што нема да личи на стандарден повик за апликација. Сакавме во него да се чувствува покана да се сретнеме на некоја потенцијална почетна позиција. Да не се обидуваме да смислуваме којзнае каков проект или да спасуваме некој проект што не ни успеал дотогаш, туку баш да се сретнеме и да создаваме сојузништва и врски што потоа би ги мултиплицирале. На нашата сцена сите сме соработници едни со други, никој од нас нема привилегија да се задржи во само една улога, на пример јас никогаш не сум била само актерка. Дури ни кога сум играла претстава во МНТ! Зашто ресурсите ни се секаде ограничени и работната атмосфера ни е секаде оневозможувачка. Така што важно е да сме отворени кон процесот и да дојдеме спремни заедно да трагаме.
View this post on Instagram
Сакаме да ги поканиме сите што се отворени кон ова, кои се привлечени од некаква интерпретација на родот низ нивната практика, изведувачка или интердисциплинарна, да се пријават и да ни се приклучат. Добро би било да имаат некакво претходно искуство на соработка, но најважно е да сакаат да работат ЗАЕДНО, да откриваат низ процесот, низ меѓусебната соработка и низ средбите со локалните и со интернационалните теоретичар(к)и и практичар(к)и да учат и да се одучуваат, и главно, да не се плашат од помислата дека во декември ќе имаат нешто што можеби нема да им се чини завршено. Ние сме тука, сè ќе биде во ред 🙂 Перформансот ќе биде тоа што заедно ќе одлучиме дека е.
View this post on Instagram
Клелија Живковиќ
Фотограф: Драгица Николовска