Објаснувањето во речникот на зборот клуч е прилично прецизно: метално орудие за заклучување и отклучување брави. Но, што да се прави со оние клучеви што излегуваат надвор од дефиницијата, малку ѝ бегаат и не дозволуваат да бидат потполно заробени во неа? Оние клучеви што не можат повеќе да отклучат или да заклучат ништо, дали се сè уште клучеви? Поради некоја не докрај позната причина, освен оние што имаат јасна практична примена, во домот чуваме и такви што повеќе не служат за ништо: клучеви од стари брави, клучеви за кои не се сеќаваме што точно отклучувале, клучеви-фантоми и клучеви-пензионери, клучеви што полека станале сувенири и ги чуваме поради некаква емотивна приврзаност… Некои сме ги зачувале просто поради немукает да ги фрлиме, некои можеби поради суеверие, а некои со надеж дека сепак ќе се појави бравата што некогаш ја отклучувале или, пак, со нив ќе отклучиме тајна врата како од приказните. Расфрлани се на разни места, но собрани се во еден ист замислен врзоп, поради моќта да отклучат една иста работа – вратата на сеќавањето.
Чепкајќи низ фиоките со стари работи, наидов на клучот од старата влезна врата. Веднаш го препознав малиот метален предмет и се сетив на едно неславно криминално дело што го извршив кога бев ученик во основно училиште. На големиот одмор сфатив дека сум ги заборавил цртежите по ликовно, кои, ете, морале да бидат оценети баш тој ден. Панично трчав од училиштето до дома и сфатив дека таму нема никого, а јас немам клуч. Ме фаќа смеа кога ќе помислам дека провалив во сопствениот дом поради цртежи по ликовно. Сепак, тогаш не ми беше смешно: да се избегне единицата по ликовно беше прашање на живот или смрт. Мисијата беше успешна и клучот сè уште го чувам, а цртежите не.
Дваесетина години подоцна, кога извршив уште едно кривично дело, сфатив дека дефинитивно не бидува криминалец од мене. При подготовките за враќање од летниот одмор, малку удрен од сонцето во глава, успеав да си ги заклучам клучевите од автомобилот во самиот автомобил. Резервен клуч, секако, не носев. Со помош на еден сосед посегнавме по единственото можно чаре – го обив сопствениот автомобил и така успеав да се вратам дома. Човек што провалил во својот дом и ја обил сопствената кола не може да се пофали со сериозно криминално досие, па така и конечно се откажав од кариерата како кримос. Оние што подоцна навистина ми го ограбија станот, немам лице да ги наречам колеги…
Но, да се вратиме на клучевите. Споменав дека во еден критичен миг, кога навистина ми беа потребни, ги немав при рака резервните клучеви од автомобилот. Затоа, пак, по многу години, при едно сезонско расчистување, успеав да ги најдам резервните клучеви од старото фиќо на татко ми. Денес тие имаат почесно место во колекцијата клучеви што ја изгубиле утилитарната функција, затоа што отклучуваат вратичка од едно слатко сеќавање.
Имам пет или шест години, а портокаловото фиќо за мене е чудо поголемо од вселенскиот брод „Ентерпрајз“. Го користам моментот кога капетанот Пикард е на службен пат, па влегувам во долги и тешки преговори со мајка ми – да го запалам фиќото. Нема да го возам, само нека работи во место. Притоа, давам цврсто уверување дека ќе направам сè да го обезбедам возилото – ќе го ставам во „лер“ и ќе ја кренам рачната кочница, за секој случај. Ги знаев тие нешта и на таа возраст, зашто просто го спамирав татко ми и му поставував милион прашања дневно за тоа чудо на технологијата. Кога мајка ми се обиде да ми каже дека нема ништо од мојата вселенска мисија затоа што немаме клуч, јас триумфално објавив дека знам каде стојат резервните клучеви. И така го реализирав моето возбудливо патување во место.
Подоцна, клучевите ја изгубија практичната функција уште пред да станат дел од мојата колекција – бравата за палење се расипа и поедноставно решение беше да се вгради тастер за палење. Веројатно и затоа резервните клучеви не му беа предадени на новиот сопственик на „Ентерпрајз“…
Несвесен дека денес може да има голема вредност, низ годините пропуштив да создадам и една поинаква колекција поврзана со клучевите. На мое големо жалење, денес немам збирка од оние симпатични писменца-пораки врзани за овој драгоцен предмет. „Сине, клучот е кај чичко Трајан“, „Клучот е кај тетка ти“, „Клучот е кај Мишко“, па сè до загадочното „Знаеш каде е клучот!“… Како стар виц се раскажува приказната за оставениот клуч под чергичето и пораката на вратата што гласи: „Клучот е под чергата“. (Една пријателка тврди дека навистина го направила тоа кога била дете.)
Без некаква особена намера, создадов една друга колекција клучеви. Поминувам бегло со погледот по насловите од домашната библиотека и си спомнувам: за клучевите пишува Никола Маџиров во песната „Ќелија“ (Го голтна клучот/и ги остави решетките меѓу нас/без да одговори /која од двете соби/е ќелија), Васко Марковски во „Урбани легенди“ посветува текст на легендарниот скопски клучар Мирко, а ако не се лажам и Сашо Гигов-Гиш му посветува една песна во збирката „Душата на градот“. Михаил Ренџов пишува за својот клучар-темничар во „Вечната бесконечната“, а еден од најславните поетски циклуси на Радован Павловски го носи насловот „Клучеви“.
За да не забегаме во претерано поетизирање на предметот клуч, ќе посегнеме по една прозна минијатура на Ненад Јолдески од збирката раскази „Штамата на Енхалон“, која е вистинско возвишување на практичната функција на клучот. Насловот на текстот е (ах, Captain Obvious) – „Клуч“! J
Клуч ти била многу битна работа. Ако немаш клуч, немаш ништо. Џабе си се родил! Скоро да не постојт пример кај шо не ти требит клуч. А најлошото од сè е да ти дает грешен клуч. Е, тогаш нервозата е дупла. Викај, скокај, прај шо ти душа сакат. Џабе ти е, бре!
Немаш клуч – немат влегвење. Седи и кисни на дождон ко глушец. То е.
Не верувам дека постои друго парче уметничка литература што потсетува на практичната функција на клучот на олку симпатичен начин. Секогаш се орасположувам и се насмевнувам кога се навраќам на минијатурава. Но, си ја чувам колекцијата клучеви од никаде и полека ја надградувам.
Веќе две години на приврзокот со клучеви што најчесто ги користам влечкам едно мало клуче за кое немам поим од каде е. Нека го, ќе се најде…
Иван Шопов