Набргу потоа почнал да работи во њујоршкото метро. Почнал да црта со креда во просторите резервирани за реклами во станиците. Кога биле празни, овие простории биле покриени со листови црна хартија, кои во суштина станале платна за Харинг. На нив, тој полека започнува да ја разработува поп-иконографијата: светлечките бебиња, танцувачките фигури, летечките чинии итн. Неговата цел била да ја направи уметноста достапна за секого и овие дела му овозможиле да комуницира со разновидна публика.
Делата на Харинг, како и процесот на нивната изработка во метрото предизвикувале интерес и возбуда кај јавноста. Освен тоа, го привлекувале и вниманието на полицијата, па Харинг во неколку наврати бил апсен за вандализам. Заедно со растечката популарност, тој започнал сè почесто да соработува со други уметници, музичари и модни дизајнери, како што се Вивиен Вествуд и Малколм Мекларен. Соработката на Харинг со Грејс Џонс иновативно ги комбинира уметноста и модата. Тој ќе го наслика телото на Грејс Џонс со неговите графити за музички изведби и исто така се појавува во нејзиното музичко видео I’m Not Perfect. До средината на 1980-тите, тој се спријателил со колегите уметници Енди Ворхол, Кени Шарф и Жан-Мишел Баскијат.
Иако неговите уметнички дела секогаш биле шарени и анимирани, Харинг се занимавал со доста тешки и предизвикувачки теми кои се однесуваат на целото општество, не само во Америка, туку и низ целиот свет. Харинг користи привлечни слогани за брзо и ефективно да ја изнесе својата поента. Еден од неговите најпознати примери е муралот Crack is Wack кој се однесува на епидемијата на кокаин и нејзините ефекти во Њујорк.
Во 1986 година, Харинг бил поканет да црта на дел од Берлинскиот ѕид, во обид да го „уништи ѕидот преку негово цртање“. Тој насликал светол фигуративен мурал користејќи ги боите на германското знаме, симболизирајќи ја надежта за единство меѓу Источна и Западна Германија. Делото било уништено во 1989 година кога бил урнат ѕидот. Харинг сакал да работи и со деца, восхитувајќи ѝ се на нивната имагинација, смисла за хумор, недостаток на предрасуди и ги охрабрувал младите луѓе да се здружат за заеднички да создадат свои уметнички дела. Во 1986 година, Харинг насликал мурал со 900 млади луѓе во чест 100-годишнината од Статуата на слободата.
Харинг практикувал забавен начин на работа што ја одразува содржината на неговите дела. Тој често слушал хипхоп музика додека работел и сликал ритмички линии за да ги изрази движењето и енергијата, што е препознатливо во многу негови дела. Тој сликал на винилна церада, материјал кој често се поставува на улица и го користат брејк танчерите како подлога за нивните изведби.
Тој ја искористил својата уметност како платформа за да ја подигне свеста за СИДА-та. Неговиот постер „Незнаење = Страв“ се однесува на предизвиците со кои се соочуват луѓето кои живеат со СИДА. Харинг сакал да допре до што е можно повеќе луѓе и да ја истакне важноста на едукацијата за СИДА.
Сепак и тој самиот бил дијагностициран со ХИВ/СИДА во 1988 година. Турбулентната и плодна кариера на Харинг била кратка, а тој ќе почине од компликации поврзани со СИДА на 16 февруари 1990 година, на 31-годишна возраст. Пред неговата смрт, Харинг ја основа фондацијата „Кит Харинг“, непрофитна организација посветена на подигање на свеста за болеста. Во текот на неговата кариера, Харинг ја направи својата уметност широко достапна преку локацииите на неговите мурали, како и преку неговиот Pop Shop – што го користел за да ги продава своите сувенири. Муралот Crack is Wack (1986), сè уште може да се види на Менхетен. Делата на Харинг може да се најдат во збирките на Музејот на модерна уметност во Њујорк, Музејот за уметност во Лос Анџелес, Институтот за уметност во Чикаго и Американскиот музеј за уметност „Смитсонијан“ во Вашингтон.
Драган А.