Пред извесно време некој спомна дека му е чудно кога гледа видеа на кои луѓето стојат едни до други или се прегрнуваат. Се менува ли нашата ментална матрица? За прашањата што нè мачат, разговаравме со Кирил Мишев, лиценциран млад психолог, едукант во гешталт-терапија и наскоро клинички психолог. Кирил е дел од здружението за психолошко советување и едукација „Persona“, за кое вели дека е креирано со цел да биде безбедно место каде што секој може да гради доверба, да работи на себе и на својот личен раст, на своите чувства и емоции без дискриминација и осудување. Кирил верува дека само со работа на себе може да имаме посвесен и поразвиен живот, сега и овде, и меѓу другото вели: „Сите ние се градиме и растеме секојдневно, затоа нашата идеја е да се сакаш, да се почитуваш и, пред сѐ, да работиш на себе.“
Кирил, кои се најчестите психолошки предизвици со кои се соочуваат младите луѓе, особено сега во периодот на изолација, недоволно социјални контакти и страв од неизвесноста?
Колку и да не сакаме да зборуваме на оваа тема, периодов не можеме да ја заобиколиме, а и не треба! Мора да ја прифатиме како дел од нашето секојдневие. Па, кога веќе е овде и ни носи многу предизвици на сите нас, а најмногу на младите, би кажале дека тие најчесто се соочуваат сo: осаменост, страв од самоповредување, зголемена депресија и анксиозност, изразување агресијата на нездрав или насилен начин, а исто така сега е присутен и најизразен и предизвикот наречен „комуникација со родителите“ како и нивното разбирање или поддршка. Овде исто така главна улога играат и социјалните медиуми, со што целосно ја оттргнаа вербалната комуникација и начинот на споделување или разговарање со родителите. Сметам дека овие предизвици кај младите најлесно ќе се надминат со посвесна комуникација, разговор со психолог или со личност со која имаат изградено добро ниво на доверба.
Како да се надмине проблемот со burnout, имајќи предвид дека многу млади луѓе сега работат од дома и тешко им е да направат ментална бариера меѓу дневната соба како простор за релаксација и дневната соба како канцеларија?
Ова е едно од најчесто поставуваните прашања речиси кај секого и е доста влијателно како да се направи разлика од работната атмосфера и просторот што претходно ни беше наменет за релаксација и приватност. Пред сѐ, многу луѓе се жалат на болка во ’рбетот или во вратот, замор, изгубена креативност, намалена мотивација и притисок што ги доведува до познатиот burnout или таканаречено прегорување. Некои од моите препораки би биле:
– рутина (држи се до рутината за работа што си ја имал пред ситуацијата со пандемијата, како спремање наутро колку што дозволува времето на сличен начин како што би го започнале денот кога би тргнале на работа);
– за време на паузите излези на воздух или прошетај околу зграда или во двор;
– слободното време поминувај го во природа, пешачење или спортување;
– медитација и јога;
– поставување јасни граници и правила (што сакам да правам, што не сакам да правам или што ќе правам, што нема да правам);
– програмирање на мajндсетот (денес ќе работам од 8 до 16 часот, потоа правам пауза, излегувам на воздух, влегувам внатре, се пресоблекувам и си велам, сега се враќам од работа и ќе одвојам време за моите потреби);
– манала (помага при опуштање и издигнување на креативноста);
– техники за правилно дишење.
Верувам дека со придржување до некои од горенаведените работи, ќе се ублажи разликата околу просторот во кој работиме. Овде морам да признаам дека на почетокот и мене ми беше многу тешко и неприфатливо, но откако решив да преземам одговорност и да гледам колку-толку позитивно на оваа ситуација, со упорно вежбање и практикување, ја совладав оваа конфлуенца и ја прифатив како нормална за овие денешни услови.
Дали постои различна дистрибуција на менталниот товар во зависност од професијата што ја извршуваме? На пример, луѓето што работат креативни професии тешко ја издржуваат состојбава. Ним им се потребни случувања, шареноликост и интензивни искуства и дразби за да се инспирираат.
Апсолутно, секоја професија подлежи под различна дистрибуција на менталниот товар. Верувам дека на креативците им е најтешко во овој период на ограничувања и забрани, но сепак сметам дека е и достижно да се постигне успех, инспирација, мотивација и во вакви ситуации, доколку го намалат стресот и ја прифатат ситуацијата, да ги разгледаат можностите што им се понудени и да ги искористат на максимален позитивен начин. Да најдат инспирација и во својот дом, од некој нивен омилен предмет, слика, музика, храна, текстура, боја, облека… да ги отворат погледите, можностите и перцепциите кон ново прилагодување и адаптирање, преименување нови техники.
Кои се првите знаци што јасно сигнализираат дека ни треба совет и разговор за да го надминеме нивното прогресирање во нешто посериозно?
Како показател кој сигнализира дека ни е потребен совет или разговор за да не дојдеме до несакани посериозни прогресирања, може да бидат некои од долунаведените показатели:
– тешкотија при прилагодување на социјалните ситуации;
– чести кошмари и тешкотии во спиењето;
– ненадеен пад на оценките на училиште;
– постојана грижа и вознемиреност;
– повлекување од активности во кои вообичаено уживаат;
– губење апетит или драматично слабеење / зголемување на телесната тежина;
– изведување опсесивни рутини како миење раце;
– социјална изолација и желба да се биде сам;
– употреба на алкохол или дрога;
– зголемени физички поплаки и покрај нормалниот, здрав извештај на лекарот;
– самоповредување.
Што мислиш за пласирањето позитивност по секоја цена и задушувањето на негативните емоции, во смисла на тоа дека треба постојано да имаш позитивни мисли и да си happy-go-lucky 24/7? Мислиш ли дека тој инстант емоционален театар е добар за развојот на една личност?
Во ниеден момент не се согласувам дека ние треба да ги потиснуваме негативните емоции и да бидеме среќни и весели 24/7, каде што овие работи многу грешно се преземени од Западот и од социјалните медиуми и приспособени различно во секоја култура. Нешто слично како нашето „не покажувај слабост, слаба личност си“. Пред сѐ, ние сме луѓе составени од крв и месо, емоции и чувства, еднакво е важно да се негуваат и позитивните и негативните емоции. Доколку ги потиснуваме негативните емоции и не ги искажуваме, си правиме полошо на самите себе, се лишуваме од слободата на изразување и грижата за себе, си нанесуваме болка и не си даваме правилен раст и развој. Едноставно во ред е да се чувствува тага, лутина, страв, со микс и прифаќање на сите овие емоции се доаѓа до среќа и задоволство, a за подобро да го разберете ова прашање, препорачувам да се изгледа анимираниот филм „Inside Out“, наменет за секоја возраст, каде што многу убаво е објаснетo како емоциите функционираат во нашиот организам.
Како младиот човек да си помогне кога се чувствува down и што да направи за да излезе од спиралата на мрачни мисли и нерасположение што го влече надолу?
Ако имаш една негативна мисла и ја задржиш или размислуваш повеќе од 5 минути за неа, ќе се налепат уште 5 негативни и сѐ така во круг. Овде има две опции – првата е да се препознае негативната мисла и да не се заглавуваме во неа, а втората е да ја прифатиме како негативна мисла и да видиме што претставува за нас и колку навистина е негативна. Некои од моите лични примени што и јас како психолог ги применувам на секојдневна база, би биле музика, природа, читање книги колку што е можно повеќе, јога, медитација и афирмации, готвење или вежбање и секако работа на себе и разговор со други. Во ред е да имаш негативни мисли и тие се дел од нашето секојдневие, но најважно е да се препознаат и да се згрижат на вистинскиот начин!