Како резултат на тоа, имаме повисоко ниво на самовреднување и самодоверба. Се цениме себеси на здрав начин. Кога не се сакаме себеси, негативните чувства доаѓаат и нè преплавуваат. Најчесто чувствуваме дека сме несоодветни за одредени места, настани, кругови на луѓе, се гушиме во срам, гнев, осаменост и вина. Според едно истражување од 2012 година, токму зависностите од алкохол, дрога, секс, храна, шопинг и воркахолизмот се продукт на „нељубовта“ кон себе.
Зошто е важно да се сакаме себеси?
Ако не се сакате себеси, сосема очекувано е дека самите ќе се изложите на остра самокритика. Воопшто не е ретко денеска да сретнете луѓе на кои негативниот однос кон себеси веќе им е мантра – „безвреден сум“, „никогаш нема да успеам во ова“, „не сум доволно убава“. Овие обрасци на размислување произведуваат чувства на анксиозност, тага и безнадежност. Студиите покажуваат дека гаењето афирмативни чувства кон себеси е клучна состојка за среќа и успех. Па така, љубовта кон себеси можеби е клучот за балансиран и добар живот. Луѓето не се раѓаат со способноста да се сакаат себеси. На таа способност може секогаш да се работи и истата да се подобрува со текот на времето. Потребно е само да решиме 🙂
Како да се засакаме себеси?
Не е лесно. Има безброј научни стратегии што можат да ни помогнат да ја усвоиме љубовта кон себеси. Она што треба да го запомниме е дека ниту една не дава инстантни резултати. На почетокот, може да не ни биде воопшто удобно да се однесуваме кон себеси со нивото на внимание и почит што го заслужуваме. Потребно е време и упорност за овие стратегии да дадат плод. Еве неколку основни чекори за да тргнеме кон целта:
Сочувствителност кон себе
Доколку овој термин не е доволно јасен, истражувањето на д-р Кристин Неф ја разложува сочувствителноста на љубезност кон себеси, човечност и свест за сопствените потреби. Живееме во свет што ни кажува како треба да изгледаме, како да живееме, па дури и како да се чувствуваме. Ако се прашувате како да се засакате себеси, првиот чекор е да си дозволите да бидете човечко суштество.
Промена на начинот на којшто разговараме со себе
Верувањата имаат моќ да создаваат, но и да уништуваат. Начинот на кој си се обраќаме себеси влијае на нашето здравје и однесување, а одречните внатрешни мисли стануваат еден вид самонаметнато пророштво што се остварува во реалноста. Секако дека е во ред да имаме негативни емоции, но не е во ред да заглавиме во бесконечениот циклус на негативноста. Мораме да направиме свесен напор да го прекинеме тој круг во моментот кога ќе забележиме дека се вртиме во него.
Покажување благодарност
Уште еден начин на којшто човек може да се сака себеси повеќе е да искаже благодарност за убавите нешта во животот. Треба да се обидеме секој ден да бидеме благодарни за нешта што обично мислиме дека ни следуваат, и да бидеме свесни дека ништо не ни следува и ништо не ни е загарантирано.
Да прифатиме дека заслужуваме нешто
Скромноста е во ред. Често знаеме да сме тимски играчи и да ги „спуштиме“ своите достигнувања за да не ја нарушиме хармонијата во тимот. Но, заслугите треба да се признаат и прифатат за да се цениме себеси повеќе. Ако некој ни го признава таленотот или успешноста во нешто, не треба да го „спуштаме“ признаението со скромност, туку да го прифатиме како заслуга и успех.
Да си покажеме себеси дека се сакаме (и да излеземе од сопствената глава)
Ова е многу важно. Покажувањето на дело дека ја штитиме и цениме својата личност е клучен чекор. Да си докажеме дека се вреднуваме себеси како личност! Тоа може да се постигне ако сме цврсто на линија да ја оствариме својата цел, без разлика дали е тоа некаква диплома или губење вишок килограми. Исто така, треба да одвоиме време за да се опуштиме, да ги наполниме батериите и да се поврземе со својата внатрешна суштина, да учиме за себе. Ако не се запознаеме себеси, како е возможно да се засакаме?