COVID ROOM виртуелната тераса на која ќе пее и игра целиот свет
Неодамна оформената италијанска платформа Covid Room, инспирирана од Boiler Room ќе им помага на сите што „страдаат“ по добра музика во овие времиња на изолација. Оваа платформа ќе користи веб-камери за да ги собере луѓето во колективен мозаик, во кој секој учесник ќе може да го види изведувачот како и другите учесници што слушаат, гледаат и играат. Covid Room верува во соработката, во моќта на уметноста и во потребата за социјализација, па затоа организаторите решиле со сите сили да се борат против досадата. Тие имаат аспирации да бидат првото движење на уметничкиот израз, естетската забава и собирањето публика на далечина. Досега неколку диџеи од Швајцарија, Австралија и од Италија ќе ја користат Covid Room за да допрат до нас преку Twitch, Instagram и Cisco webex. Музиката ќе ни помогне да се опуштиме и полесно да ги надминеме овие тешки моменти.
Live диџеј-сетови од откажаниот Ultra Music Festival
Oд денеска можете да се вклучите и на SiriusXM’s Ultra Virtual Audio Festival на UMF Radio, кое ќе емитува диџеј-сетови во живо од лајнапот на откажаниот Ultra Music Festival, со диџеи како Afrojak, Major Lazer и Armin van Burren.
Светските ѕвезди стримуваат онлајн програма и собираат средства
Charli XCX почна да води карантински дневник и објави програма со онлајн настани, преку која ќе им нуди поддршка и утеха на сите оние што се наоѓаат во самоизолација. Таа планира да има тренинг-сесија со Дипло, да игра would-you-rather со Ким Петрас, да има час по уметност со Клеро и разговор за прифаќањето на осаменоста со Рита Ора. Активна на Инстаграм во периодот на самоизолација е и Пети Смит, која стримуваше изведба во живо со својата ќерка, најавувајќи уште вакви стримови во овие „лоши времиња, во кои е особено важно да се остане поврзан преку различни извори и платформи“.
Исто така, активен е и хаштагот #TogetherAtHome, преку кој уметниците ќе стримуваат за своите фанови.
Social Distancing Festival
Фестивалот го започна сценаристот Ник Грин и е замислен како место на кое ќе се слават артистите и нивните откажани, одложени или прекинати проекти за време на коронависусот. На овој сајт ќе се собираат клипови од проби, перформанси на веб-камери, материјали од работилници. Грин исто така направил листа од следни стримови: опери, поетски слемови, перформанси во живо. Тој се надева дека овој фестивал ќе им помогне на уметниците да му ги претстават своите дела на светот и да ја одржат „смислата на уметничката заедница, макар и од дневната соба“. На сајтот може да се најде листа на светски уметнички организации, на кои корисниците можат да им донираат средства.
Радости за тие што се по класиката
Берлинската филхармонија ја отвори својата дигитална архива и овозможи пристап до стотици претходни концерти и следни настани. Во меѓувреме, и Симфонискиот оркестар од Мелбурн ќе стримува перформанси на својот Јутјуб-канал.
И оперските куќи ја прифаќаат новата дигитална реалност. Меѓу нив е Метрополитен операта, која ќе ги стримува своите најпознати изведби секоја вечер. Исто така и Париската опера нуди стрим на класичен балет и опери, како Лебедово езеро, Кармен, Дон Џовани. Државната Виенска опера секојдневно ќе нуди различна опера на нејзината стрим-платформа.