На почетокот на годината посакав три желби, а едната од нив беше годинава да одам на концерт на „Модерат“ (Moderat). Од оваа дистанца, желбата се чинеше најдалечна и најнедостижна, со оглед на фактот што бендот во август 2017 година објави дека прави неодредена пауза откако нивната светска турнеја заврши во Берлин, па за мене е навистина неверојатно што ја остварив во понеделникот, на 12 декември, во Виена.
„Модерат“ е екипа од тројца членови од Германија: Саша Ринг, познат како Апарат, и членовите на „Модеселектор“ – Гернот Бронсерт и Себастијан Сари. Бендот познат по неверојатните настапи во живо, својот четврти заеднички албум насловен како „MORE D4TA“ го најави во февруари, а го објави на 13 мај годинава, и со тоа ја најави новата турнеја.
Не можам да опишам колку долго го чекав големиот датум и колку бев возбудена за тие час-два настап во живо во Gasometer. Да се биде дел од атмосферата, под електронските звуци на продуцентските генијалци од Берлин, со совршено озвучување и организација, беше чест и привилегија за фан каков што сум јас. Да нагласам дека неколку години ги слушам френетично, пасионирано и со внимание, и на тој начин претставуваат многу значајна фаза во мојата музичка еволуција.
Музичкото трио, освен што нè учи на трпение и сенс за тајминг, со својот последен музички албум ни демонстрираше дека вредело да се чека. Членовите на бендот се целина составена (или „поделена“) на три; тие функционираат секој како засебна единица, но и како една целина во која сите тројца се истовремено уметник, продуцент и миксинг инженер. Лириката на последниот албум е инспирирана од дела на Ван Ејк, Вермер и Ботичели што ги видел Ринг за време на патувањата со неговата ќерка во берлинскиот музеј. Крцкавите звуци на „Easy Pray“, со својот ритам на електронски тонови и прилично едноставна и незаканувачка синтичка подлога, го отворија нивниот двочасовен настап пред фановите во Виена. Групата долго време се инспирира од „Radiohead“; тие го сметаат Том Јорк за еден од своите обожаватели, а реципрочните влијанија поминуваат низ вокалите што се менуваат во тоналитет. „Drum Glow“ го отелотворува ритамот на тапаните, вклучувајќи ги сите животински сетила, а ако јас се прашувам, една од четирите најдобри песни на албумот, сите интерпретирани во живо таа вечер. Една од oстанатите две е мојата омилена од последниот албум, „Neon rats“, каде што истиот се сместува во straight-ahead техно грув, и каде што лелекот од дождовните шуми и племенските повици се мешаат со сеприсутните гласни извици. Во оваа песна станува збор за константниот ритам и градбата на главните синтисајзери карактеристични за „Underworld“. Дефектот ја илустрира дихотомијата на „MORE D4TA“ – убави, атмосферски моменти, спротивставени и измешани со темни, пулсирачки, енергични елементи. „Numb Bell“ е ресетирање што нè враќа на месото на она што „Модерат“ го прави најдобро; тапани, пулсирачки бас и сложени плетенки од синтетички бранови.
Секако, триото нè потсети на песни од нивните постари албуми, за да по двочасовен настап се врати на бис и ја затвори концертната вечер со добро познатата „Bad Kingdom“, и последната песна на вечерта, мојата forever омилена „Intruder“ на којашто ги доживеав најубавите чувства и целосно го загубив гласот. „Модерат“ е мојот доказ дека желбите што силно ги посакуваш, навистина се остваруваат.
Симона Јованоска