PopUp Rating: 4.5/5
Претставникот на ОН инсистира дека граѓаните се заштитени од воените налети на српската војска, а градоначалникот се сомнева и стравува за населението.
„Каде одиш, Аида?“ е долгометражен игран филм на Јасмила Жбаниќ за најмасовното убиство во Европа по Втората светска војна. Сценариото е базирано на вистински настани, чии рани се сè уште лесно раздразливи и новите генерации неизбежно го чувствуваат силното влијание од немилите случувања. Грозоморниот масакр во Сребреница од 1995 година е прикажан низ призмата на челичната хероина Аида. Таа е двигател на појдовната мисла на режисерката, која претставува како жените, сопругите и мајките ја доживеале бескрупулозната војна. Средовечната Аида е протагонистката, но застапничката на граѓаните, Чамила и младата девојка што се пораѓа во хангарот се суптилни преносители на идејата. Жбаниќ вешто твори со симболи што прекрасно го исполнуваат сценариото. Гласните отчукувања на стариот часовник во станот на семејството Селманаѓиќ го означуваат наближувањето на опасноста, а врелиот чајник, домашниот леб и големата прослава за Нова година ги заокружуваат карактеристиките на балканските народи. Исто така, дечињата на училишната претстава со рацете гестикулираат птица, која е обележје на слободата, а потоа ги покриваат и ги откриваат очите во знак дека е невозможно да се замиже и заборави страшното крвопролевање. Босанската режисерка е директна и брутална, воопшто не ја штеди публиката и трогателната одисеја на главниот лик психолошки растревожува. Недостигот на музика ја воспева напнатата атмосфера, сè до завршниот дел кога жиците на виолината ја распаруваат душата и ја пренесуваат неизлечивата болка.
Директорот на фотографија најчесто користи кратки кадри и нестабилната камера влева доза на немир додека ја следи Аида од зад грб. Кинематографијата изобилува со масовни сцени, во кои влијателна улога имаат и статистите. Тие го отсликуваат стравот во реката од луѓе пред воената база односно шталата на ОН, додека камерата талка и лови траорни погледи кај луѓето.
Во најголем дел, актерската екипа ја сочинуваат познати и искусни професионалци од државите на поранешна Југославија. Во главната улога, актерката Јасна Ѓуричиќ одлично ја игра цврстата Аида, која остварува силна емпатична врска со гледачите. Воениот злосторник Ратко Младиќ е задача на глумецот Борис Исаковиќ. Тој го прикажува непоколебливиот генерал, кој е решен да ја исполни нечовечката цел по секоја цена. Наметлив, дрзок и авторитетен, без трунка грижа на совест. Во другите улоги го забележуваме и Емир Хаџихафизбеговиќ, како и холандскиот глумец Јохан Хелденберг како полковникот Кареманс.
„Каде одиш, Аида?“ е достоен наследник на „Ничија земја“ на оскаровската вечер. Босанската режисерка бестрашно ја истакнува крвавата улога на Обединетите нации во ужасниот геноцид. Небрежноста и потценувањето на генералот Младиќ, завршуваат со фатални последици, а ОН се означени како индиректни виновници. На момент, ќе зажалите што приближно знаете во која насока ќе се движи дејството бидејќи убеден сум дека странските гледачи што немаат предзнаење, многу помоќно ќе го искусат емотивниот крај. Но, и покрај тоа филмот вознемирува, а режисерката импресионира со стилот на изразување. Ударните сцени од безнадежниот плач и молењето на Аида, уништувањето на убавите спомени преку кинењето на дневникот, семејните фотографии и морничавото препознавање на моштите од жртвите, остануваат вечно во меморијата. Воената драма ја освои наградата од публиката на најголемиот фестивал во Литванија, а целосно ја заслужи и номинацијата за „Оскар“ во категоријата за најдобар интернационален филм. Изминатата година ја одбележаа женските автори, а Жбаниќ е рамо до рамо со режисерките Клои Жао, Емералд Фенел и Сара Гаврон. Истото важи и за актерката Ѓуричиќ, која судејќи по актерскиот перформанс е вредна за компарација со оскаровката Франсис Мекдорманд. Босанскиот претендент за најпрестижната награда го освојува филмскиот свет, но, за жал, остана покус за статуетка во конкуренција на „Уште една рунда“ за најдобар интернационален филм.
Филип Мишов