Јуле твори на многу начини, но оној што е најдостапен за јавноста се гледа на нејзиниот инстаграм-профил @Jules.on.tabularasa. Јас ја запознав додека двете живеевме во Виена и станавме инстант пријателки. Ја немав видено одамна, а во нејзините нови илустрации со дамата дух препознав нешто од моето лично искуство кое ме прогонуваше, но во нив го видов како нешто полно со убавина и шаренило. Ова чувство ми беше изговор да направам интервју со неа, а интервјуто беше изговор само да поминам време со мојата драга пријателка.
Која е твојата историја со цртањето? Какви се твоите сеќавања од твоите цртачки почетоци?
– Цртам откако знам за себе. Мислам дека почнав да цртам уште пред да научам да пишувам. Веројатно е така со сите деца. На почетокот цртав на ѕидови, среќа што моите родители – уметници во душа – ми го дозволуваа тоа. Паметам дека имам една минијатурна илустрација од жирафа, која редовно ја наоѓам во еден тефтер на мајка ми кога се селам некаде. Секогаш кога ќе ја видам, се изненадувам од себеси.
Што те изненадува?
– Се изненадувам од тоа дека уште во тој цртеж гледам дека тоа е тоа што треба да го правам. Сфаќам дека не сум го забележала тоа сама кај себе кога сум била мала, но кога се навраќам ми е навистина очигледно. Кај моите во спална има една слика што потсеќа на Џексон Полок 🙂 која е моето прво среќавање со боја. Мајка ми ми раскажуваше дека кога сум била мала, се консултирала со искусни личности дали има „нешто повеќе“ во моето шкртање, нешто што таа би можела да го негува кај мене и да ме насочи, и тие ѝ посочиле дека мојот талент го гледале во вниманието што сум го обрнувала на деталите во цртежите.
Како се развиваше твојот креативен израз? Што ја придвижува твојата креативност сега?
Бев доста дружељубиво, но и интровертно дете. Се паметам себеси како емотивно затворено дете, кое не сакаше многу да ги вербализира своите чувства. Оттаму, цртањето ми беше природен и интуитивен простор за да се отворам, иако тоа не го воочив до неодамна. Отсекогаш се жалам дека не сум добра со зборови, но затоа изразувањето преку слика ми е многу автентично. Низ годините, на пример кога ме пукаа хормони во пубертет, се чувствував лута на целиот свет, истовремено најпаметна и неразбрана, цртањето играше голема улога во изнесувањето на сите тие емоции од мене. Цртав кај ќе најдам: од листови и тетратки (мои или на моите соученици), мебелот низ дома, облека, а дури и на сопственото тело, седејќи на тераса на 40 степени. Сега, покрај тоа што професионално се занимавам со илустрација и дизајн, цртежот ми останува исклучително важен начин лично да се изразам. Можеби повеќе не сум толку затворена, но сѐ уште има работи што ги кажувам исклучиво низ цртеж.
Што е тоа што цртежот може да го каже, а не можат зборовите?
– Цртежот ми нуди заштита бидејќи секој има слобода да го интерпретира тоа што го гледа онака како што сака. Освен оние што подлабоко ме познаваат, можеби никој нема да може да сфати која моја вистина се содржи во тие илустрации. Јас не сакам да прикажам нешто лажно во нив, баш напротив. Но, сакам да се заштитам себеси во илустрирањето на нешто вистинито за мене и затоа често користам хумор или симболика. Тоа дополнително им овозможува на другите можеби да се пронајдат себеси во тоа, независно од она што јас го кажувам со цртежот. Според реакциите на другите, разбирам колку, всушност, нашите чувства се универзални. Кога нешто директно ќе пренесам преку цртежот, без да оставам простор за интерпретација, гледам дека многу луѓе се пронаоѓаат во тоа и дека не сум сама.
Кога се изразуваш себеси преку цртеж, за некој да те разбере треба прво да се соочи со себе и да види што од интерпретацијата е нивно лично, што е твое, а што ви е заедничко?
– Сакам да верувам дека има луѓе што би се запрашале, иако сум била „обвинета“ дека не давам доволно од себе или дека не сум доволно јасна за да бидам разбрана, дека не сум „relatable“. Но, мене туѓите обиди да бидат relatable ме гушат и ги доживувам како капиталистичка манипулација. Не се бунтувам против тоа, сите од нешто правиме капитал, но исто така не мислам дека морам по секоја цена да давам работи од себе за да се вклопувам во тој концепт на јавно присуство. Јас оставам илустрацијата да си патува низ светот, па ако допре до некој – супер. Не мислам дека секогаш е важно да допреш до што повеќе луѓе. Некогаш е доволно и да допреш до една личност.
Што значи да допреш до друг човек? Како би го опишала тоа?
– Добро прашање 🙂 Веројатно тоа најмногу го гледам во тоа кога некој ќе се препознае себеси во мојот автентичен израз. Кога воочуваме дека имаме нешто заедничко, можеме да допреме едни до други. Ние не сме родени за да бидеме сами, а долгорочно се задржуваме со оние што допираат до нас и до кои ние допираме. Можеби затоа и имам проблем со создавање, со цел да привлечам публика на социјални мрежи, бидејќи цртам тогаш кога имам нешто искрено да кажам, кога нешто ќе ме придвижи да го сторам тоа.
Како настана новиот карактер во твоите илустрации, дамата дух?
– Од многу мала го сакам празникот Halloween, иако да, знам дека не е наш празник, но отсекогаш сакав да го украсувам домот во мотивот на различни празници и да се облекувам во костими. Тоа едноставно било дел од мојот креативен израз. Сакав да направам илустрација поврзана со естетиката на Halloween, истовремено се чувствував разочарана бидејќи имав впечаток дека одамна не сум направила нешто што е квалитетно и во што сум се вложила така како што се бев вложила во жирафата кога бев мала, дека одамна не сум си земала време за себе и за цртањето. Имав некоја блокада што траеше подолго и ова беше некое ненадејно излегување од тоа. Некогаш кога имам блокада, дури и животот да ми зависи од тоа, не би можела да нацртам ништо. Ова едноставно исплива на површина по еден таков период. Воопшто не очекував да се претвори во серијал. За нијанса се разликува од претходните илустрации, бидејќи иако мојот стил е тој, сепак сакам да експериментирам.
Покрај тоа, обично сакам да врзувам голотија со хумор, ми се допаѓа како понекогаш луѓето „паѓаат во несвест“ од тоа. Не мислам дека голотијата е скандалозна, туку многу ранлива и интимна и дека кога сме голи сме тие што сме. Сите имаме различни тела и брадавиците не треба да предизвикуваат војна ако се појават на социјални мрежи. Од една страна таа е дух, кој најчесто има дупки каде што се очите и нема идентитет, а од друга страна – holy shit – има женски гради… пак беше некоја игра на разголување и сокривање. Сценографијата во која е поставен карактерот се елементи што ме врзуваат за драга личност, кои ми даваат чувство на дом.
Слушајќи те, добив впечаток дека чаршафот е на некој начин границата што ти недостигала, која ти го дава тој простор за себе што не си го имала некое време, додека, пак, ги покажуваш градите како дел од тебе кој е навидум достапен за интимност, а сепак посочува на некаков револт и хумор.
– Ова е одлична интерпретација! Без разлика зошто и како се откриваме пред луѓето, секој човек има моќ да контролира колку од себе ќе открие. Градите се можеби комична хипербола за тоа бидејќи луѓето сакаат да веруваат дека добро те познаваат затоа што гледаат нешто лично, но вистината е всушност… под чаршафот.
Како би можела публиката на PopUp да те поддржи?
– Хаха, like & share 🙂 Пред сѐ, фантастично е тоа што како креативци го имаме овој непосреден и слободен медиумски простор на PopUp, кој сметам дека треба да го имаат што повеќе креативни личности. Би им порачала на сите други креативци на кои им треба совет или разговор дека сум отворена за комуникација, а на општата публика на социјалните мрежи би им порачала да ја консумираат содржината објавена таму со почит. Сите сме многу храбри на тастатура и посакувам сите да размислиме дали би се однесувале едни со други во живо така како што се однесуваме во дигиталната сфера.
Клелија Живковиќ