Нејзината музика ги брише границите помеѓу современа класична музика, импровизација и електронска музика и со тоа таа создава звучни инвенции во вид на хипнотични, длабоки и по малку мрачни композиции. Таа е челистка, но користи посебен тип виолончело, кое го нарекува „омар“, кое е адаптирано и изменето, а користи и електронски ефекти и помагала. Со него, таа ги создава тие карактеристични за неа слоеви од звук, вклучувајќи ги мелодиите, пулсирачките ритми и спектралните амбиенти. Почетоците на нејзината кариера се врзуваат со соработки за бендови и луѓе со различни профили и кои творат во различни жанрови како Pan Sonic, Throbbing Gristle, Animal Collective, Sunn O))), Hauschka, и многу други, а има објавено и неколку свои амбиентални албуми.
Нејзините почетоци во филмската музика се врзуваат со соработката со композиторот Јохан Јохансон, за кого таа свири виолончело кај повеќето негови дела за филм, вклучувајќи ги филмовите на Денис Вилнев „Сикарио“ и „Пристигнување“. Подоцна таа дури и работеше со него на последното негово дело како ко-композитор за филмот „Марија Магдалена“. Неколку години откако работеше како челист на музиката за филмот „Сикарио“, таа беше ангажирана како автор за музиката за продолжението на филмот „Сикарио 2: Војна без правила.“ Понатаму, таа работеше заедно со Руичи Сакамото и Алва Ното на музиката на филмот на Алехандро Инариту „Повратникот“ (The Revenant).
Оваа година, таа ја компонираше музиката за мини-серијалот „Чернобил“ каде што беа претставени случувањата од несреќата со оваа нуклеарна централа во 1986 година и нејзините последици. Музиката е компонирана врз основа на звуци што биле снимени во вистинска (но затворена) нуклеарна централа и каде што е снимана самата серија. Успехот на серијата и музиката ѝ донеле награда Еми за „извонредна музичка композиција“. Понатаму, во јули, Гуднадотир беше примена како член на Академијата за филмски уметности и наука (која ја доделува наградата Оскар). Исто така, ја напиша музиката за филмот „Џокер“ со Хоакин Феникс во главната улога и кој имаше премиера на Филмскиот фестивал во Венеција. Таму филмот беше награден со „Златен лав“ за најдобар филм. Филмот е сега на репертоарот на кината во Скопје.
Имавме можност да зборуваме со Хилдур Гуднадотир во Берлин за нејзините ангажмани на полето на филмската музика, нејзините искуства во светот на филмот и луѓето со кои работела.
Кои се некои од елементите што ги вметнувате во Вашата работа како композитор бидејќи Вашата музика нема никакво стриктно чувство за припадност на еден одреден жанр? Се чини дека таа припаѓа на жанр сам за себе.
Ви благодарам. Се обидувам да размислувам колку што е можно помалку за жанрови кога пишувам музика и како композитор се обидувам да ја користам својата љубопитност како главно средство. Кај секој проект и секое парче музика се обидувам да пристапам со што помалку претходно утврдени и цврсти концепти, колку што е тоа можно и се обидувам да научам нешто или да експериментирам со нешто за секој проект. Претпоставувам дека можеби е ова причината зошто не може лесно да биде ставена во некаков стриктен жанр.
Кои се некои од предностите од класичната музичка наобразба за она што го работите сега?
Станува збор за различни ефекти. Како композитор, кога пишувате за други луѓе, добро е да имате некакво познавање за тоа како се свири некој инструмент бидејќи ќе имате подобро чувство за тоа како се оркестрира. Ако знаете како да свирите некој инструмент, вие ќе увидите што можете да направите, а што не. И мислам дека е добро да се вежба музика секој ден и да се размислува за неа сето време. Кога ќе почнете да свирите уште од најмала возраст, го вежбате вашиот ум и тело за изведување музика. Тоа е прекрасна работа – колку повеќе вежбате комуникација, толку подобри ќе бидете. Колку повеќе вежбате во некоја област од музиката, толку подобри ќе станете кога ќе треба да се изразите себеси.
Како дојде да се занимавате со филмска музика?
Отсекогаш ме интересирало раскажувањето приказни. Сакам приказни и сакам да читам, а сакам и да раскажувам приказни особено преку музиката. Се чувствувам многу подобро кога се изразувам себеси со музика отколку со помош на зборови. Затоа раскажувањето приказни со музика е нешто што отсекогаш сум сакала да го правам. Јас работев во театар пред да почнам да работам со филмска музика. Почнав да работам во светот на филмот пред околу 15 години со повремени проекти, но никогаш не ми била амбицијата да станам филмски композитор. Се погоди да работам повеќе на филмови во последната година бидејќи имам син и не можам да одам на турнеи често. Не можам толку често да настапувам сега. Затоа се концентрирав повеќе на студиска работа и работата на филмови едноставно ми се случи.
Дали може да го споредите процесот кога пишувате музика за себе наспроти музиката за филмови?
Мислам дека разликата е во нивото на комуникација и нивото на надворешниот дијалог кој мора да го имате кога работите на филмска музика бидејќи вие не ја раскажувате приказната само од вашата гледна точка туку работите со многу други луѓе што исто така ви го даваат своето мислење за суштината на приказната. И така имате дијалог со режисерот, сценаристот и со другите луѓе што работат за студиото. Тука се инволвирани многу мислења, кои морам да ги слушам и да соработувам со нив. Тоа е интересен начин на комуникација и честопати води кон други места, на пример. Но кога работите сами, вие создавате музика само поради музиката и тука има поголем внатрешен дијалог што се одвива во вас. Тука е најголемата разлика.
Дали може да зборувате за пристапот што го имавте кога работевте на музиката за мини-серијалот „Чернобил“?
Ми беше важна оваа приказна бидејќи станува збор за вистински настан и многу луѓе се инволвирани во приказната и многумина имаа последици од тоа што се случило. Толку многу луѓе се инволвирани и некои од нив се сè уште живи и се сеќаваат на сите овие настани. Тоа е настан што имал толку неверојатен и забележителен ефект каде и да погледнете. Мислев дека е навистина важно да се пристапи со колку што е можно поголема почит и со што поголема искреност за да не се драматизира непотребно овој настан. Не сакав да направам луѓето да почувствуваат нешто што не се случило бидејќи тоа што веќе се случило, беше доволно ужасно само по себе. Затоа почувствував дека е навистина важно да се замине таму и да се искористат вистински елементи од звучни материјали што можат да се најдат во такво опкружување. Навистина се обидов да замислам какво навистина било чувството на страв во вистинска смисла наместо да им кажувам на луѓето: „Во ред, сега ќе го видите ова бидејќи тие чекорат по овој коридор“. Но пристапот се состоеше во тоа да се почувствува како е да бидете заглавени во еден коридор со таа големина и должина и да се почувствува таа клаустрофобија. Каков е овој невидлив ужас во форма на радијација? Затоа ова беа вистински расположенија со вистински структури, кои јас ги инкорпонирав во нешто што даваше вистинско чувство за тоа како навистина било внатре. Тоа беше најважното.
https://www.youtube.com/watch?v=R21xLNqNNLU
На кој начин се координиравте со режисерот? Како комунициравте со него?
Мислам дека добрата работа во овој случај е дека ние бевме во склад со тоа како тој сакаше да ја раскаже приказната и како сакаше јас да ѝ пристапам. Ние имавме навистина прекрасна комуникација додека работевме на овој проект и имав многу среќа бидејќи тоа не се случува многу често.
Темата кај овој серијал не е само несреќата што се случила туку и недостатоците што излегле на виделина по неа. Ова е чувствителна тема и многу сложена приказна отколку само за една хаварија.
Апсолутно. Имаше толку многу работи и многу аспекти од тоа што се случило – целиот контекст, човечкиот елемент, луѓето што биле инволвирани и нивните приказни. Тука е и научното објаснување за тоа што се случило.
Каков беше Вашиот пријателски и работен однос со прерано починатиот композитор Јохан Јохансон. Вие работевте многу со него на неколку филмови прво како солист, а потоа и како коавтор. Како почнавте да работите заедно?
Ние се запознавме на Исланд пред околу 20 години и работевме заедно на секој проект што секој од нас го работеше околу 16 и нешто години? Ние бевме многу блиски соработници. Практично бевме семејство. Имавме силен и длабок однос што се однесува до работата. Сè беше во духот на соработката. Секогаш постоеше дијалог кога се обидувавме разни работи и кога наоѓавме начини да се изразуваме и да снимаме. Тоа навистина беше голем дијалог меѓу нас.
Вие свирите на еден многу специфичен инструмент односно едно препарирано виолончело што го нарекувате омар. Што е тоа што го прави да биде толку посебен за вас?
Работата што прави овој инструмент да биде навистина посебен е комбинацијата на електронски уреди и акустика, сè со цел да се создаде многу специфичен звук. Дури и ако звуците се електромагнетски, тие се сепак многу физички поради конструкцијата на телото на инструментот. Тој е многу специјален спој од електроника и акустика што сè заедно прави да ми биде многу забавно да работам со него.
Вие исто така работевте со еден до моите омилени композитори Руичи Сакамото (и Алва Ното) на музиката за „Повратникот“. На што се сеќавате од работата на тие сесии како солист?
Беше прекрасно. Да се работи со Сакамото е фантастично бидејќи тој е неверојатен музичар и неверојатен човек. Тоа беше навистина прекрасен период, полн со работа и истражување. Исто така, целиот процес беше колаборативен и тој остави доволно простор за експериментирање и истражување на непознатото. Ова е навистина одличен пристап кон работење со музика.
Неодамна во кината се појави филмот „Џокер“. Што можете да откриете за идеите што ја придвижија оваа музика и филм? Сепак е ова карактер што има голема историја зад себе и кој бил игран од брилијантни актери, а сега Хоакин Феникс има свој обид.
Мислам дека пристапот што го имавме е малку посилен од претходните верзии на „Џокер“. Идејата беше да им се оддаде почит ним, но да не се дозволи да го диктираат новиот филм. Приказната која е кажана во нашата верзија е оригинална приказна за почетокот и која никогаш претходно не била раскажана на филм. Никогаш не била официјална приказна. И на некаков начин имавме отворена карта. Не постои оригинален почеток како таков, а јас почнав да работам на музиката во најраните фази од филмот и имав увид во сценариото. Почнав да пишувам музика уште пред да почнат да снимаат. Таа мораше да биде приспособена на темпото во филмот и на целата атмосфера и изведбите бидејќи ја користеа музиката додека ги снимаа некои од сцените. Малку е поинаков пристапот кога пишувате за фиктивни ликови и имате повеќе простор да пишувате таква музика. Во таа смисла ова е потрадиционално дело. Беше навистина прекрасен проект да се работи и сум навистина среќна од оваа соработка.
Што е следно за вас?
Па се надевам дека нема да следува многу (се смее). Се надевам дека ќе направам сега мала пауза откако излезе „Џокер“. Се надевам дека ќе имам доволно простор што ќе ми овозможи да се одморам и подготвам за тоа што ќе следува после, но се надевам на мала пауза од сета работа.
Ненад Георгиевски