„Во цут“ е насловот на Вашата самостојна изложба, која деновиве е отворена во познатата Мобилна/Монтажна галерија на Центарот за современи уметности во Паркот на франкофонијата во Скопје. Презентирате нови дела со многу впечатливи цветови во различни бои и контексти. Колку Ви е неопходно ваквото „славење на животот“ сега по ковид-кризата?
„Во цут“ е изложба на платна, слики и графики цртани во последниве 3 години и е продолжување на темата „Славење на животот“ што ја работам во последниве 13 години. Овие дела се поистоветување со будењето на природата како фаза за себе, будење низ процесот на депресија и тага, и надежта за подобар свет и грижа на планетата Земја. Менталното здравје е во фокус на изложбата и има за цел презентирање нови визии, идеи за грижата на луѓето за животната средина и колективната грижа. Цветовите што се дел од делата симболизираат: љубов, надеж, грижа кон себе и природата, тага, живот, радост, колективната грижа. Цвеќињата што ми беа инспирација, набљудувајќи ги во текот на денот (и тие имаат разни расположенија и состојби), ме поистоветуваа со нас луѓето бидејќи и ние под многу фактори исто така менуваме расположение и одредени случки ни носат радост, тага, бес итн. (Не мислам тука на токсичната, нереална интернет среќа, која секојдневно ја гледаме и што не е вистинска и претставува тотален denial, туку на вистинскиот момент кога чувствуваме дека сме живи и постоиме.)
Тоа што го создавам низ годините е терапевтска и мотивирачка уметност и секогаш се водам од мислата на прекрасниот Карл Јунг, кој добро ја има опишано функцијата на уметникот: „Како човечко суштество, уметникот може да има многу расположенија, волја и лични цели, но како уметник тој е ‘човек’ во повисока смисла – тој е ‘колективен човек’ – оној што го носи и го обликува несвесниот, психички живот на човештвото“. Јунг верувал дека „суштината на уметничкото дело е неговата способност да се издигне над личното и да зборува од умот и срцето на уметникот до умот и срцето на човештвото“. Така и низ моите дела јас пробувам да го опишам моментот на емоции кога сме тажни и весели, да изнудам реакција, па дури и агресија кај некого. Тие што ме познаваат лично или што низ годините го следат моето творештво, знаат дека кога цртам со многу бои, најчесто сум многу тажен и експресијата е многу посилна од другите дела. Боите на цвеќињата се неверојатни, еден мал совет за да ги забележите.
Во однос на постковид кризата, прекрасно е што повторно сме меѓу своите другари и другарки без да бидеме претпазливи и „извадени од памет“ за да не се заразиме едни со други. Посакувам никогаш да не ни се повторат овие кризни времиња, иако имаше и супер моменти помеѓу нив.
„Тие што ме познаваат лично или што низ годините го следат моето творештво, знаат дека кога цртам со многу бои, најчесто сум многу тажен и експресијата е многу посилна од другите дела“
Пријатно изненадување е фактот дека на „Радио МОФ“ еднаш неделно, и тоа наутро, го водите поткастот „АМ шоу“ каде што мотото е: „Само нежно кон себе во понеделник“. Што можат слушателите таму да чујат, какви реакции добивате досега од нив?
Радиото е моја стара љубов и прекрасно е што по повеќе од 15 години се вратив во етерот во 2020 година, за жал, во лош миг, меѓутоа инспириран од пандемијата и од потребата да се поттикне дискусија за важноста на свеста за менталното здравје. Го започнав поткастот на кој имав супер дискусии со разни луѓе, беше супер инспиративно во миговите кога седевме дома и тоа беше начинот на дружење и комуникација. По враќањето на физичкиот живот, поткастот продолжи на „Амок радио“ кое, за жал, веќе не постои, а каде што презентирав покрај свои гости и музика од разни епохи во Македонија и во светот. Четвртата сезона започна на првото интернет-радио кај нас, „Радио МОФ“ каде што се обидувам да им дадам друга димензија на понеделниците со „АМ шоу“, а мотото ни е: „Само нежно кон себе во понеделник“. Се обидувам понеделничките утра на сите да ни се малку поинакви. Мене ми се, и на слушателите што нѐ слушаат, според реакциите и според она што тие ни го пишуваат. Иако зборувам за темите што секогаш и биле присутни во #celebratelifepodcast, музиката има огромна улога во овие утрински емисии, покрај мојата рефлексија на градот во утрата кога одам накај радиото. Си дадов предизвик себеси поинаку да го доживувам градот секој понеделник и тоа го презентирам во програмата. Супер е, уживам многу. Инаку, покрај утринските емисии, веќе подолг период „мозгам“ концепт како да излеземе од радиото и да почнам да правам слушачки собири каде што со своите другари и другарки би ја презентирале музиката што ни се допаѓа. Ништо претенциозно, ниту големи амбиции кон клубови и не знам какви концепти, туку само слушање музика, тоа ми е битно и приоритетно.
Какви поуки можете да извлечете од кризниов период на економски и безбедносен план во земјава и надвор од неа, како уметник, дизајнер, скопјанец што се залага и за заштита на животната средина, за заштита на човековите права…?
Дистопија… Измешани емоции секој ден… многу тага, смрт, збунетост, панични и анксиозни напади, излудени и себични луѓе, простаклук, воздишки, разочарувања но, и надеж. Живееме во ера на технолошки развој, меѓутоа сѐ уште се справуваме со работи што одамна требаше да ни се минато. Секојдневното газење на човековите права и тоа како е пораз на целото човештво. Нееднаквоста, сиромаштијата, корупцијата, немањето воздух, правото секој да си мисли дека смее да ти кажува што да правиш со својот живот и да ти се заканува, и тоа како не се одлика на современиот човек денес. Колку и да звучи дека крајот на светот е дојден одамна, особено ми е драго што сѐ уште постојат луѓе што свесно и цврсто се трудат и се борат „дивите луѓе“ да не завладеат комплетно. Современите луѓе шират љубов и разбирање, садат дрвја, разбираат дека разликата помеѓу нас и бегалците е минимална, дека ние сме имале само среќа да не се најдеме на позицијата да сме бегалци, не уништуваат туѓи животи и не грабаат лакомо за свои цели, не се насилни, возат точаци, не фрлаат ѓубре, не јадат животни, не се занимаваат со криминал итн.
Задоволен ли сте од начините на кои можете да ги создавате и да ги презентирате своите дела (сито графиките, на пример), задоволен ли сте и од соработката со „Партизанска штампа“, со помладите и со постарите колеги?
После 25 години работа и полуинтернационална кариера, работите би требало да се поинакви тука, меѓутоа не се, но тоа и не е причина да престанам да работам затоа што пред сѐ го сакам тоа и уживам во него. И искрено, ми е гајле за игнорантскиот однос кон мене и не мислам дека нешто ми следува и дека којзнае колку сум добар. Разбирам дека галериите, настаните и конкурсите се за свои пријатели и тоа ниво на непотизам. Можеби одамна ќе престанев да создавам ако тоа беше причината, ама еве уште цртам и создавам. Добро е што сѐ уште има луѓе што разбираат и дека е потребна промоција и давање можности и на други луѓе. Соработувам со луѓе и со организации на кои им значи што работат и се радуваат кога работиме заедно, свесни се дека сме си потребни едни на други. Со „Партизанска штампа“ соработката ни трае веќе неколку години, ова е четврта по ред, и верувам дека и понатаму ќе соработуваме. Инаку, битен ми е односот на постарите и на помладите колеги, иако си седам настрана, работам и си бркам своја работа, кога ќе имаат потреба од некаква помош, секогаш стојам на располагање. Со тие што си ја почитуваме работата и тоа како соработуваме и комуницираме, а на пат се и некои разговори за заеднички колаборации.
Очекувате ли изложбата „Во цут“ да ја види и публика надвор од Скопје?
Би сакал и отворен сум за секакви опции. Има некои планови, но ништо конкретно сè уште.
Ќе продолжите ли со дизајнирањето облека? Познато е дека и во тој творечки сегмент досега Ви беше важен еколошкиот аспект, се надевам така и ќе остане.
Во 2019 година е последното парче облека што го имам дизајнирано и создадено, а во меѓувреме се наближува 14-годишнината од творењето и создавање од првиот продукт на „Celebrate Life“. Веќе некој период работам на нешто со реупотреба на отпад, меѓутоа немам конкретно ништо да кажам, release date. Еколошкиот пристап и минималниот отпад и тоа како останува приоритет во создавањето облека. Во план е за 14-годишнината да излезе повторно некоја серија, а можеби и колаборација.
Катерина Богоева