Според најавата, македонската публика за првпат ќе има можност да го слушне Radiohead преку џез-аранжмани на нивните композиции, кои ќе бидат уникатна фузија меѓу различните музички правци. Зад диригентскиот пулт уште еднаш застанува врвниот австриски диригент Зиги Фајгл. Сакавме да дознаеме повеќе за начинот на кој Биг-бендот на ЗЏМ ќе ни ги донесе препознатливите звуци на Том Јорк и неговата славна музичка дружина, која веќе три децении обединува многу генерации, па се обративме кај вистинскиот човек, не помалку бравурозниот македонски музичар кој е дел од Биг-бендот на ЗЏМ, Гоце Стевковски.
Гоце, нема да прашувам како му се случи Radiohead на Биг-бендот на ЗЏМ бидејќи сметам дека нема ништо поприродно за музичкиот бекграунд на генерациите музичари што го сочинуваат вашиот џез-колектив 😊 Ќе прашам која е целта на целиов овој проект што го работите под диригентската палка на Зиги Фајгл?
Иако Radiohead датира од 80-тите години, бендот сè уште остава голема трага на светската музичка сцена и сметам дека поради таквиот легендарен статус, тие заслужуваат да им се направи ваков омаж. И ние, како генерации што созреваа со музиката на Radiohead и припаѓаат на рокенрол фелата, сме биле изложени на нивното музичко влијание.
Што се однесува до Зиги Фајгл, тој по третпат ќе работи со нашиот Биг-бенд. Toj e професор на Џез-академијата при Универзитетот во Грац. Првпат диригираше со нашиот бенд на ZJM Jazz Orchestra plays the Beatles (ЗЏМ Џез-оркестарот свири музика на Битлси) во 2016 година, а вториот пат заедно со легендарниот Дон Менза беше дел од манифестацијата „Today it’s all about jazz“ (Денес сѐ е џез), која се одржа минатата година. Сега се одлучивме заедно да го направиме настанот „Radioheadjazz“. Станува збор за аранжмани на познати композиции од Radiohead, изработени од одлични светски аранжери какви што се Пети Дарлинг, Фред Сторм, Шорти Роџерс…
Целта ни е преку тој моќен звук на Биг-бендот да го приближиме џезот до пошироката публика во Македонија, на начин што полека ќе ги воведе помладите генерации во овој вид музика. Нашата цел е да го разбиеме нивниот страв, бидејќи често ги асоцира на некој вид експериментална музика што е тешка за слушање.
Од каде потекнува тој страв според тебе?
Тој страв е оправдан. Во последниве 10 или 15 години, џезот речиси и да нема свој медиумски простор. Ако веќе ја шириме таа музичка џез-култура, сметам дека еден од начините да допреме до публиката е токму ваквиот вид настани.
Што беше пресудно за да се пренесе успешно звукот на Radiohead на џез-терен?
Пресудно е да се долови „мирисот“, музиката мора да „замириса“ на тој бенд, да го има тоа чувство. Тука се препознава дали аранжерот завршил добра работа. Многу е посложено кога аранжирате за голем оркестар бидејќи не се работи за ист инструментариум, не се користат гитарски ефекти, ефекти од синтисајзер…
Какви се предизвиците за опстојувањето на бенд од ваков голем формат, особено во ваков културен контекст во кој често се соочуваме со неспособност за распознавањето на квалитетот на културната понуда?
Веќе три години постоиме како здружение, често разговараме околу годишната програма на Биг-бендот. Дел од публиката е запознаена со неговото постоење, но мислам дека сè yште станува збор за андерграунд кругови сочинети од џез-сладокусци. Мислевме дека е добро да продолжиме со ваквиот тип настани, бидејќи во последно време во државава се појавуваат разновидни т.н. групации во форма на биг-бендови. Треба да се направи јасна дистинкција, бидејќи во светски рамки „биг-бенд“ асоцира на џез-оркестар. Во тој правец, решивме да ја задржиме традицијата на креирање добра програма, преку која ќе ѝ овозможиме едно несекојдневно џез-уживање на публиката.
Кога аплицираме во Министерството за култура, обично аплицираме со годишна програма за Биг-бендот и добиваме минимални средства за бенд од ваков формат со 20 музичари. Ние немаме спонзори и одржувањето на нашите концерти се потпира на продажба на влезниците. Се надеваме дека во иднина ќе разберат за што станува збор, со оглед на тоа дека постоењето на вакви големи оркестри е неопходно, бидејќи кај нас постојат два факултета и голем број луѓе што сакаат да се занимаваат со овој музички жанр. Суштината на овој настан е ентузијазмот со кој овие дваесетина луѓе работат за да имаме биг-бенд. Кога ќе направите финансиска конструкција за настанот, ќе сфатите дека практично сè се сведува на чист ентузијазам. Но ајде да ги гледаме работите низ призма на тоа дека преку секој ваков концерт, ние сме побогати со знаење и искуства и сме поблиску до европската и светска џез-сцена.
Како да се истакне и да се препознае квалитетот на македонската џез-сцена, дали веќе правите обиди за излегување од границите на Македонија како биг-бенд?
Сметам дека во Македонија, како никогаш досега, постојат многу квалитетни џез-музичари што се членови на нашиот Биг-бенд и во европски рамки веќе се етаблирани како извонредни солисти. Затоа, покрај традиционалниот Скопски џез-фестивал, ние се трудиме да создадеме едно посебно случување, на кое покрај гостинските соработки со светски музички имиња, акцентот ќе им биде ставен на домашните џез-музичари. На тој начин созреваме и како музичари и како оркестар. Досега оди тешко, но ни успева, со оглед на тоа дека оваа година станавме дел од Европската џез-мрежа (European Jazz Network), a тоа е голем чекор напред за нас како организација. Во 2020 година ни следува и учество на конференција во рамките на оваа организација. Сметам дека вложениот труд во создавање квалитетни работи е препознаен однадвор, а нè вреднува и македонската публика.
Што може да очекува публиката во Филхармонија на 30 ноември?
Повелете, сметаме дека ќе биде интересно патување со музиката на Radiohead во поинакво издание. Бендот ќе биде на ниво на задачата и сите ќе си поминеме супер. Главна одлика ни е скромноста, па затоа велам, ние не сме најдобри, но секогаш се трудиме да бидеме подобри во она што го правиме. Очекуваме публиката да му даде сериозна поддршка на овој домашен фантастичен Биг-бенд, кој веќе три години функционира „на мускули“, но функционира фантастично. Кога ќе биде поинаку, ќе биде уште подобро од ова.