Инспирацијата и креацијата се дел од секојдневието на Глигор Кондовски. Неговото творештво е мултимедијално и со секој збор, слика, тон или филмски кадар трага по индивидуалната слобода. Зад себе веќе има сериозен аудиовизуелен багаж, кој во последно време сѐ почесто го претставува пред културната јавност.
На почетокот на март во „Аудиокултура“ изведе материјали од новиот албум „Средба“ (Encounter). Во каков процес е создаден материјалот, имајќи предвид дека сам го изведуваш на сцена?
– Албумот „Encounter / Средба“ е приказна обвиткана во музички албум со плот во себе кој носи и порака: „I dreamed of a better world/ Сонував за подобар свет“. Како што и сите мои музички проекти се поврзани и со визуелноста и пренесуваат пораки. Се подразбира и тоа дека и музиката пренесува порака на ист принцип како што тоа се прави во литературата и визуелните уметности.
Дваесет и први век е, и за мене најубав, па можеме да си дозволиме технички да настапуваме на сцена со неколку професионални „играчки“, наречени контролери, и се разбира лаптоп со соодветни музички софтвери. А, тука е и мојот инструмент – виолината, кој е дел од мене. Освен диџеи, во светот многу академски музичари и композитори настапуваат сами на таков начин. Тоа не е експерименталност, како што обично се вели, туку е комбинација која создава своја оригиналност, бидејќи и интерпретацијата доаѓа внатре од себе и е поврзана со начинот на живот и комуникација со светот на самиот уметник.
Кога го создавав албумот размислував повеќе визуелно отколку музички, иако идејата си беше музички албум. Имав чувство како да пишувам и спремам некаков си говор пред аудиториум за да си ја пренесам својата искрена порака како некаква должност. А, мислам дека публиката тоа и го сака и затоа го доживува албумот како интимно патешествие, пронаоѓајќи се себе во него, а тоа ми беше и намената и намерата. Дел од материјалот е направен во летен период, тогаш се снимени многу звуци од надвор и затоа имаме и чувство на отворен океан.
Слушањето на албумот повикува на поглед кон внатрешноста на душата, и на домот. Каква инспирација те поведе кон „Средба“?
– Искрените уметнички дела се детска поетичност на вистината, а со тоа и убав допир до срцата на слушателите или гледачите. „Средба“ е духовното созревање на еден човек од детство до старост. Почеток и крај. Барање, осознавање и мудрост. Оттаму и чувството на испреплетени хармонии и мелодии на кои се потрудив да создадам некаква „агностична“ внатрешност. Кога ги слушате одвоено, секоја мелодија е своја за себе, и може да функционира посебно, а исто така функционираат и заедно во склоп на една хармоничност. Колективитет во кој секоја индивидуа е испочитувана рамномерно.
„Средба“ е утописки албум со широки погледи кон секој од нас на оваа планета. Јас не верувам во правила на некакви етикети, верувам во лична духовна и душевна анархичност. Правилата се одлични до моментот кога треба да ги надминеме и да создадеме либералност од која нема да се плашиме. Така е и во уметноста. Кога ја учиме имаме правила сѐ до моментот кога веќе созреваме и создаваме слобода од која нема да бидеме исплашени да ја примениме. Таа доаѓа од искреноста и чистата детска слобода на градење на уметничко дело. Често како деца сме имале многу поголеми идеи за големи уметнички дела за разлика откако сме пораснале.
Според мене секој креативен човек е најоригинален кога го прикажува својот живот, неговото опкружување, секојдневие, домот, без разлика за каков формат на уметничко искажување станува збор. Тогаш тој уметнички порив е оригинален каков што е неговиот архетип, детски во слободата, простодушност во начинот, затоа што автоматски е надвор од „шематскиот приказ“ што обично го гледаме од областа на таканаречената популарна или друг вид на култура. Понекогаш ми е жал кога гледам како уметноста се дави во криминал, а за тоа и да не сме свесни.
Домот е во духот, а душата се храни од духот внатре во нас кој, се разбира, треба да е на вистинското место, а вистинското место е релативитет кај секој човек засебно. Битието индивидуално си има свое вистинско место според тоа каква е неговата средба со себеси. Ова зборува за сите нас како луѓе колку е важно да знаеме дека секој од нас вреди, да се бара храбро, цврсто и одлучно и сонот за подобар свет ќе му биде остварен доколку несебично и непресметливо дава сѐ од себе за кругот на луѓе во кој живее и создава, а притоа да не очекува за возврат, затоа што секако ќе му се возврати.
Кога луѓето би се сретнале себеси, би имале поголема својственост во човекот и така би ја спознале и политичката, општествената, покрај психолошката страна на себеискажувањето и секако „паланката“ би била некое ниво на кое не би се осврнувале. Така и државата во која живееме ќе стане видно подобра на многу полиња, пред сѐ, во културата.
Низ албумот провејуваат разни мали хармонични и мелодиски четива кои зборуваат за бунтовност и различностите во нашето општество со повторени мелодии во вид на минимализам како фраза испишана на парола дека треба да созреваме, а тоа значи да ги прифатиме различните од нас самите, преку виолината како нераскинлив дел од мене. Виолината е секако сензитивно револуционерен инструмент. Од пролог до епилог, имам композиции насловени како страници од секојдневието на еден човек, со бледите сеќавања да не се осврнуваме на минатото, туку на сегашноста. „Покрај сѐ“ ми е композиција како надеж и ослободување од тмурните стереотипни идеи, и прифаќање дека сме сите различни во нашето општество на кое треба да му дадеме поголема вредност, а не наметливост, ако сакаме да сме успешни човекови битија.
Настапот во „Аудиокултура“ беше во рамките на серијата „Крај Вардарот сесии“ на „ПМГ Џез“. Како се случи соработката со оваа дискографска куќа?
– „Аудиокултура“ е прекрасно мало место кое им даде простор на музичките активисти да можат да проговорат од сенката која демнее и го боде „културниот“ простор во Македонија. Јас бев официјален фотограф на „Тетово џез фестивал“ и така лично ги запознав џез составот „Сетстат“ и Владан Дробицки како тромбонист на бендот. Стапивме во контакт преку социјалните мрежи за да им дадам фотографии, но не ми паднало на памет дека можеби ќе соработуваме. Ми испрати порака со албум на „Сетстат“ да преслушам и јас му предложив дека ќе му испратам материјал да слушне, и така некако се случи моето прво остварување со „ПМГ Џез“ и албумот „Nightscape“, каде свири и Владан на тромбон. Потоа следеше албумот „Разгледи“, каде се вклучи и Марија Каева, а паралелно со сето тоа и импровизаторското трио неконцептуален џез заедно со Владан Добрицки и Дени Омерагиќ. Во меѓувреме го создавав и албумот „Encounter / Средба“.
Досега објави шест авторски албуми. Карактеристика на твоето музичко творештво е амбиенталниот звук. Низ каков ментален процес ги создаваш композициите за албумите?
– Првиот мој албум е издаден во 2009 година со наслов „Crumbly Secret“. Таа година ми се случи и композицијата „Green Dance“, која се најде на компилациското ЦД за Радио ВАЛ 202/ при РТ Словенија. Вториот албум ми е издаден во 2012 година и е насловен „Flown Letters“, а по седум години пауза, бидејќи бев на студии на вториот факултет – Филмска и ТВ режија, се појавив повторно во 2019 со албумот „Around the Bend“ во издание на „Seamless Recordings“.
Конечно, во 2020 година за првпат издавам за македонски дискографски куќи, со албумите „Here“ и „Беседа“, а во 2021 година и со албумот „Hover“, како изданија на „Шарла“, каде издавач и продуцент е Давид Ангелевски. Таа соработка исто така не е прекината. Настана и соработката со „ПМГ Џез“ и со продуцентот Мирко Попов. Покрај серијата соработки со луѓе кои издаваат за „ПМГ Џез“, тука се најде и мојот соло албум „Encounter / Средба“.
Албумите во себе носат „storyteller“ мигновение. Амбиенталниот звук се појави сам по себе и повеќе носи карактер на „синематски“ стил на искажување. Многу хармонии и мелодии како теми се како искажани реченици кои често се повторуваат како некаков вид на ултиматум. Ова е музика со програмски карактер. Секоја мелодија зборува и сама за себе, но и во концептот на заедништвото создавајќи хармонија која го пренесува амбиентот и соодносот на звучна перцепција до слушателот.
Покрај самостојните проекти, на три албуми влезе во соработка со Владан Дробицки, Марија Каева и Дени Омерагиќ. Какви искуства за тебе беа овие соработки?
– Екипа која се појави сама по себе. Тоа се мои пријатели, пред сѐ, па после и соработници. Нешто што се манифестира како „ги бараш луѓето кои те пронајдоа“. Владан е вистински професионалец, тромбонист и продуцент кој ги поставува принципиелно и професионално соработките и е уметникот кој придонесе да се создаде кругот на сето тоа што мене ми беше потребно, а се разбира и обратно за да се искажам послободно во креативноста. Соработката тече и не запира, а ние воинствено стоиме во првите борбени редови и се трудиме да продуцираме македонска квалитетна музика, која ако не денес, некогаш ќе го најде своето место под ова небо.
Со Марија Каева, покрај албумот „Разгледи“, подготвуваме и нови композиции кои излегуваат од границите на тоа што ние до сега самите сме го создавале, и со тоа сме надвор од нашето „музичко удопство“. Со Марија се втемеливме во музиката и така си разоткривме многу неосознаени доблести што инспиративно влијаат и врз нашите соло проекти, покрај заедничките. Многу е важно да постои таа почит во однос на соработките за да може кулата од карти да се зацврсти и бетонира.
По вокација си виолинист, по професија професор по виолина во Државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Тетово, но заврши и магистерски студии на ФДУ во Скопје и активно се занимаваш и со филм и со фотографија. Уметностите природно се надополнуваат една со друга, но како успеваш да го организираш времето за реализација на проекти во секоја од нив поединечно?
– Покрај магистерските студии по Филмско и ТВ сценарио, завршив и втор факултет Филмска и ТВ режија на ФДУ, во Тетово. Аудитивниот и визуелниот момент ми се на иста линија, само што понекогаш раскажувам преку музика, понекогаш раскажувам преку визуелниот момент на искажување. Проектите се исти, што значи дека музичкиот албум „Encounter“, можеби, еден ден ќе заврши како сценарио, не се знае. Можно е и некое сценарио да заврши како музички албум. Уметниците патуваат низ времето и по пат ги создаваат најоригиналните дела. Никогаш не се знае кога се создава, тоа може да е навечер, може да е наутро. Зародиш на мненине е како зародиш на било што во животот, само зависи дали ќе се бориме до крај со едното или со другото. А, треба и да избереме.
Инспирацијата и креацијата се дел од животот и, се разбира, ќе бидеме свои доколку животот го прикажеме преку уметноста. Ние секако треба да правиме нешто со нашиот живот. Да си некаков уметник не значи дека правиме нешто поразлично од другите професии, за да не се соочиме со „суетен удар“. Ако пак, не правиме ништо, а притоа сме завршиле некаков уметнички факултет, не си променил професија, тогаш преминуваме во негативна смисла на живеење, осудувања, гнев, лажна висока самодоверба, а со тоа и апатичност. Згора на сѐ, животот ќе стане комплициран од едноставност, и повторно нема да сме свесни. Бираме да правиме нешто што времето ќе ни каже дека сме среќни тоа да го правиме. Ако тргнеме по погрешни улички не ќе можеме да излеземе на прав пат, а ниту, пак, да се вратиме назад. Проектите се надополнуваат. Обично една идеја се провејува од музика до фотографии, само насловите и развивањето на контекстот е во друга димензија и начините на искази се во различна сфера. Идејата секогаш останува иста во многу проекти и така постепено си ги шири крилјата за да опфати неколку уметнички форми.
На кое уметничко поле ќе бидат твоите следни предизвици?
– Оваа година правам самостојна изложба на фотографии насловена „Импровизации“. Изложбата е поддржана како проект од национален интерес на Министерството за култура и е во план да се одржи во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. Тоа се фотографии од џез-фестивалот „Крај Вардарот џез“, настаните „Градот ме тера да пеам“, „Прво па женско“ и генерално се фотографии поврзани со импровизаторскиот дел на музичкото прикажување, а воедно и импровизацијата како слободно искажување на еден уметник во општество во кое сѐ уште се соочуваме со инквизициски и поданички идеи во скоро сите сфери на живеење, паралелно со лошата економска ситуација. Да импровизираш демократија е исто како да газиш на поле со мини, а притоа секогаш некој друг треба да ни е крив. За да можеш да импровизираш со слободоумие треба претходно да ги осознаваш правилата за подоцна да не играш според нив, а притоа да не ѝ штетиш на државата и народот во неа, особено од културен аспект.
Албумот „Encounter“ продолжувам да го изведувам. Нареден настап ми е во „Буква“, а потоа и во социјалниот центар „Дуња“. Се надевам и чекам одговор од една светска музичка платформа која организира концерти дека и таму ќе го направам овој настап, надвор од Македонија.
Направив краток експериментален филм под наслов „Timeflow“, за кој чекам одговор од фестивали надвор од оваа земја. Филмот „Timeflow“ зборува за циклусот на раѓање и смрт и кругот на временската рамка. Исто така, и еден документарен филм кој е во склоп на продукција и треба да оди за „Ал џезеира“, но за нив би зборувал во наредни прилики. Во меѓувреме, се спремаме со џез-триото (Кондовски, Дробицки, Омерагиќ) за настап во КИЦ – Скопје, каде ќе ги изведеме двата музички албума за кои зборувам погоре, а се во издание на „ПМГ Џез“ – „Away“ и „Outcasts“.
Тони Димков