Книжарницата „Гаврош“ е замислена како простор во кој ќе се сретнат световите на децата и возрасните. Колку и да се различни и недопирливи, разговарајќи со Ника, сопственичка на ова прекрасно место, сфативме дека и децата и возрасните се пронаоѓаат во книгите со илустрации и дека „Гаврош“ ги спојува токму преку тоа шарено, разиграно и необично книжевно искуство 😊 Еве што ни раскажа Ника:
Од „Менада“, преку „Горки“ до „Гаврош“
Кога постоеја сите три, се шегувавме дека „Менада“ е госпоѓа во пензија, „Горки“ е нафурана госпоѓица, а „Гаврош“ е малото братче.
Иако „Максим Горки“ и оваа улица се локациски многу блиску, сепак се работи за два сосема различни света 😊 Многу е интересно што тука има горди локалци од градски блок со посебен респект кон веќе етаблираните места што функционираат долго време. Ние сме овде непознати, меѓутоа веруваме дека „Гаврош“ ќе се избори за своето место 😊
За името
Името му го доделив јас. Гаврош е можеби најтажниот лик од европската литература, детето од улица што ќе загине на барикадите на Француската револуција, опеано во „Клетници“ на Виктор Иго.
За книжевната понуда
Локалната сцена е скромна, меѓутоа приказната со детската литература е сè yште свежа, иако избегнувам да го користам терминот „детска литература“ бидејќи сметам дека секоја од илустрираните книги е и за деца, и за возрасни. Во „Гаврош“ имаме замислено пет категории книги што ќе ги претставуваме и ќе се менуваат на месечно ниво. Една полица секогаш ќе биде резервирана за изданијата на „Гаврош“. Во моментов подготвуваме четири изданија што треба да излезат до крајот на декември. Сега имаме само едно – „Сигрид и ноќта“ на шведскиот автор Јонс Мелгрен. Втората полица е резервирана за стрип, третата за избор за илустрација на која треба да ѝ се даде акцент, четвртата е за странски и петтата за локални изданија.
Имаме едно катче со книги што ги купувам во од. Луѓето доаѓаат во посета на „Гаврош“ со своите деца, можат да се служат со книгите и да ги разгледуваат. Исто така, ги имаме и лектирите бидејќи има родители што овде доаѓаат со деца во училишна возраст. Иако тие не се илустрирани, сепак сметавме дека би требало да ги има.
Во фокус од преведените илустрирани книги ни е „Мечето Ушко“ на полскиот автор Чеслав Јанчарски и илустрации на Збигњев Рихлицки во издание на „Темплум“.
За повозрасни би ја издвоила „Црната марионета“ од С. Корина Биј и Ханс Биндер. Станува збор за графички роман илустриран со гратаж-техника.
За идните планови
Кога ќе кажете дека станува збор за кафе-книжарница, луѓето мислат дека овде се служи само кафе. Не, во „Гаврош“ ќе најдете и други видови пијалаци, а во план ни е да воведеме и винска приказна, со неколку видови вино од наша позната винарија, но тоа сè уште е идеја во развој.
Планираме и т.н. ретроградни промоции на туѓи изданија. Книгите за кои немало простор или едноставно издавачките куќи немале време да направат промоции, планираме да ги актуелизираме со соодветни промоции овде кај нас, во наша режија.
Традиција на која сакам да се потсетиме се „дневните читања“. На пример, секоја сабота напладне би сакала да има читање на некоја книга пред мала детска публика, затоа што мислам дека повеќе го нема сегментот на меѓусебно читање родител-дете, бидејќи ниту едно дете на почетокот не зема самото да чита, туку првично секогаш мора некој да му чита. Недела би сакала да биде ден за размена на стрипови. Желба ми е овој простор да функционира во соработка со другите издавачки куќи и тие да го чувствуваат како свој.