Future Yugoslavia можеме да го преведеме како „Идна Југославија“, „Југославија од иднината“ или слично, но како и да го преведеме, во најголемиот дел од нас оваа фраза ќе разбуди носталгичност, особено ако сте миленијалци, или постари. Причината за тоа веројатно е ветувањето на модернизмот за иднина што е богата и стабилна, а која никогаш не се случи, но кое продолжува да ни одѕвонува секогаш кога ќе се спомне името на таа држава.
Затоа и има смисла претпоставката на Каја и на Матија, дуото зад името „Future Yugoslavia“, дека овие два збора еден до друг се одличен брендинг. Ако досега не ви го привлекол вниманието нивниот Јутјуб-канал или Инстаграм-профил, можеби ова интервју ќе ви направи да се заинтересирате повеќе за овие луѓе и за нивната креативна мисија да ги угостат своите гледачи во дигитален простор уреден со љубов.
Претставете ни се: кој сѐ е Future Yugoslavia?
Прашања на „кој“ се секогаш тешки за одговарање… Како кога некому му тропаш на врата и однатре ќе чуеш „кој е?“ и прво ти доаѓа да кажеш „јас сум“, а потоа почнуваш да размислуваш дали треба можеби подобро да се опишеш… Ние, кои го пишуваме ова, сме двајца луѓе. Ние сме животни и продукциски партнери, работиме и живееме заедно од денот кога се запознавме. Матија е самоук филмолог што потекнува од книжевниот свет, а откако ја запозна Каја, се префрли во пишување сценарија. За Каја можеме да кажеме дека е класична „филмашка“, која завршила филмска режија.
Нас нѐ врзуваат изненадувачки број вкусови и тенденции, но за Future Yugoslavia најважни се нашите интереси за општото архивирање, драматуршките закони на ТВ-сериите и играњето со жанрови (документаристиката како целост може да се сфати како жанр). Така што нашата уредничка, програмска страна на Future Yugoslavia, е полустрого сериско-документарен дел од нашето творештво, но тие видеа се само форум околу кој се собира заедница на луѓе и идеи, кои се суштината на Future Yugoslavia. Нѐ има околу 2.000, а примаме дури и добри луѓе што не зборуваат југословенски.
Како настана овој проект? Како го одбравте името, кое за многумина од нас може да биде по малку носталгично?
Носталгија за загубената иднина! Да. Отворањето на Јутјуб-канал ни ја наметна и ја обликуваше оваа реалност „без да нѐ праша“. Дамнешната 2015-та, кога почнавме со crowdfunding кампања за проектот „Running with the refugees“, отворивме заеднички gmail за преку него да ја менаџираме кампањата и со тоа автоматски имавме и Јутјуб-профил, кој го нарековме Future Yugoslavia бидејќи неколку денови пред тоа зборувавме дека тие два збора заедно би биле одличен брендинг.
Пет години тој профил беше празен и непосетен. Во тие пет години ние поминавме низ разни релативно трауматични продукциски експедиции и бродоломи, душите ни се збрчкаа како на стари морнари и ни копнееја за одмор и слобода. Тогаш дојде и коронавирусот, кој за многу креативци се покажа како спас. Во тој момент поседувавме три немонтирани видеокорпуси, кои ги замислувавме како серии (прво, споменатиот „Running with the refugees“, кој ја заокружува целата приказна и го заокружува нејзиното име со својата југоносталгија; второ, неуспешниот филм на една пријателка на Матија за неговиот однос со неговата баба Ксенија, чиј снимен материјал го наследивме и потоа го преобликувавме во Medika diaries; и трето, гигантските снимки од животот на Каја, до денот кога се запознавме, кои беа расфрлени низ домот на нејзиното семејство, а на кои сега работиме под насловот Docudelia), единаесет сценарија за ТВ-серии, серијали, шоуа и емисии, и многу мир и слободно време што овој прекрасен вирус ни ги овозможи. Ни преостана само уште да почнеме со монтирање и да си ја најдеме публиката. Еве нѐ, три години подоцна, сѐ уште монтираме и си ја бараме публиката. Иднината е неизмерна.
Како се одлучивте да ја објавувате вашата содржина на Јутјуб? Вообичаено онлајн пристапот до документарните филмови се наплаќа или се прикажуваат на фестивали. Имавте ли конкретна цел на ум?
Нашата цел е многу едноставна: да го надминеме и да ги посрамотиме PewDiePie. И тоа со здодевни снимки од плакари, бабини рецепти, со помош од партизани, на јазик што ниту некој го разбира, ниту сака да го научи, нешто што спаѓа во најтесната ниша, нешто што не е приспособено на „младите луѓе“, „сегашноста“ и на самиот интернет, нешто што е бавно, постепено, тешко за разбирање, речиси одбивно. Сакаме нешто оригинално, но старомодно, сакаме телевизија, приватна, но југословенска. Сакаме да предизвикаме замена на тезата. Сакаме да угостиме луѓе во дигитален простор што сме го уредиле по наша мера и со љубов.
Кажете ни за процесот на правење документарен филм: од идеја до кликање „објави“ на Јутјуб.
Засега, почетните фази многу се разликуваат од проект до проект, во зависност од намерата, намената и од условите на тоа што се снима. Но, кога проектот ќе дојде до монтирање, секогаш потребата е иста – резбање, кочење, исцртување на формата, истакнување на наративната структура, усогласување, оформување композициски целини како поглавја, делови и на крај целосна епизода.
Што е тоа што ве мотивира кај документаристиката? Можете ли да замислите да работите во друг формат?
Ние се служиме со сите можни формати, односно документаристиката е далеку од единственото што нѐ интересира. Иако, кога создаваме фикција сме наклонети кон вистинското, вистински ликови, луѓе, локации, настани и на хартија и во кадрите, додека, пак, во документарната работа сме наклонети кон фикција. При монтирање документарен материјал, се трудиме да градиме пластично, вештачко, исценирано. Веќе го спомнавме нашиот интерес за игра со жанрови. Постои „ничија земја“ меѓу документаристиката и фикцијата и во неа ние сакаме да си изградиме дом.
Како ја замислувате иднината на вашиот проект?
Влеговме во ритам на продуцирање една серија годишно. Така што, нашата програма веќе сигурно навлегува во 2030 година. Docudelia е последниот проект што е снимен пред воспоставувањето на нашиот Јутјуб-канал и прв што беше финансиран од публиката (моравме да дигитализираме аналогни снимки). Продолжуваме со амбициозни проекти што ќе ги создаваме на овој или на слични начини што ќе ни се отвораат низ растот, а емисии ќе снимаме ексклузивно за каналот. Ќе има преноси во живо, радикални експерименти, сериозен политички ангажман… планираме вистинска лудница.
Клелија Живковиќ