Ако нѐ следите, веројатно веќе знаете дека сме целосно навлечени на заразната енергија на младите уметници. Нивниот ентузијазам и храброст сакаме да ги негуваме и да ги поддржуваме најдобро што знаеме.
Еден таков млад музичар е FLEX. Неговото прво ЕР „RAGETAPE“ излегува денес на сите стриминг-платформи!
Претстави ѝ се на нашата публика, кој е FLEX?
FLEX е еден 19-годишен артист и продуцент од Велес, кој се занимава со музика уште од мал и сака да ги скрши бариерите на македонската музичка сцена со експериментирање на нови „непознати“ звуци. Исто така е и графички дизајнер, ги дизајнираше сите визуелни елементи за Трап Слава и Трапславија 3 – настани организирани од ТДФУ и „Mask ‘N Shake“ – настан организиран од SureShotz на кој настапуваше како артист заедно со Bullz!
Како почна да се занимаваш со музика?
Музиката отсекогаш ми била во фамилијата – дедо ми беше композитор, татко ми свири на пијано и гитара, мајка ми има свое балетско студио, а сестра ми исто така свири на пијано и учи во државното музичко-балетско училиште „Илија Николовски – ЛУЈ“. Сета таа разновидна музика ме инспирираше да знам повеќе за тоа како се прави истата. На мои 14 години почнав да правам рекреации од познати песни на програма наречена FL Studio и така ми започна мојата кариера како продуцент. Почнав да правам свои битови / инструментали, кои ги прикачував на SoundCloud и така почнав да градам некоја публика на која ѝ се свиѓаше мојот вкус на битови. По неколку години дознав за македонската сцена и откако се запознав и работев со неколку артисти и продуценти – ја добив првата македонска песна на која јас работев наречена „Милион“ од човекот што ме внесе во сета сцена – Rager. Потоа почнав да правам музика со сè повеќе и повеќе луѓе од оваа сцена и еве сум овде денес, со изваден проект со прилично интересен и уникатен звук.
Кои артисти те инспирираат?
Многу артисти ме инспирираат, но морам да ги издвојам Yeat и Rich Amiri од тој „rage“ правец, бидејќи јас осеќам дека тие се (особено Yeat) оние што го популаризираа „rage“ звукот на глобално ниво. Lil Tecca и Lil Mosey за тоа како треба еден млад артист да се издвои од другите со помош на мелодии. Од македонската сцена во моментов најмногу ме инспирираат моите луѓе Stevie, Rager, Sexy Marsa, Young Dadi и екипата на Visionary – капа долу на сите, фала ви што постоите!
Која е приказната зад твоето прво ЕР „Ragetape“? Од кога работиш на овој материјал?
Сè започна кога Irie Scratch ме контактираше за овогодишниот „Mask ‘N Shake“ настан, за кој ме побара да настапувам заедно со Bullz – се согласивме, отидовме на настанот, си поминавме мега и по настапот кога видов на колку луѓе им се свиѓа ваков звук – се одлучив во тој момент да направам нешто во тој стил на музика. Почнав да работам следниот ден и по неколку дена се одлучив да го крстам овој проект „RAGETAPE“, што е уствари игра на зборовите „rage“ и „mixtape“. Имав неколку песни што ги имав само како демо дотогаш, ги ислушав сите и се одлучив да ги работам и да ги завршам овие 6 песни што се на проектот. После многу студио сесии и многу денови каде што се осеќав дека тапкав во место – конечно го завршив цел и мислам дека испадна прилично супер! Со овој проект сакам да им дадам материјал на луѓето што сакаат да слушнат нешто ново на сцената, а сепак да им биде препознатливо!
Можеш да ни кажеш кратка историја за rage правецот во трап-музиката?
Корените на rage музиката започнуваат во Атланта во крајот на 2010-те години. Млади артисти како Lil Uzi Vert, Playboi Carti и Trippie Redd почнуваат да експериментираат со агресивни битови и минималистички текстови – што резултираше со создавање на т.н. првата rage песна – „Miss The Rage“ од Trippie Redd и Playboi Carti, името на стилот доаѓа од самото име на песната. Yeat е еден од најуспешните изведувачи на овој жанр – тој се смета за еден од најуспешните изведувачи во овој жанр со тоа што има способност да ги обработува и да ги претвори синтетичките звуци во атмосферски и емотивни песни што е карактеристично за rage музиката. Со својот специфичен стил и талент, тој инспирира сè повеќе артисти да експериментираат со овој стил, со што други артисти како Destroy Lonely, Ken Carson и Playboi Carti (сите заедно под името Opium) имаат многу значајна улога во формирањето на развојот на rage музиката.
Кои се твоите планови за иднината?
Сега-засега имам неколку други проекти што ги работам истовремено, како проект на Bullz, кој излегува за многу брзо, проект на Rager кој исто така ќе излезе брзо и други проекти за кои ќе дознаете повеќе во следниве неколку недели! Можам да кажам дека работам на мојот прв албум наречен FLEXTAPE во кој ќе ме видите во скроз друго издание – повеќе информации ќе добиете ова лето!
Како може публиката на PopUp да те поддржи?
Можете да ме поддржите и да ја поддржите мојата музика на многу начини. Првично, слушајте ја мојата музика, споделувајте ја на социјалните медиуми и со вашите пријатели и познајници. Ако ви се допаѓа мојата музика, можете да ја стримате на сите музички платформи, како Spotify, Apple Music итн. Со тоа ми помагате и ме инспирирате да продолжам да создавам нова музика! Покрај тоа, можете да ме следите на моите социјални медиуми, како Instagram, TikTok, итн., за да бидете во тек со мојата работа и да добивате информации за новите проекти!
Клелија Живковиќ
Фотографии: Tone Bandits