Гардијан го карактеризираше ова остварување на Алекс Гарланд (познат по романот „Плажата“, според кој Дени Бојл подоцна ќе го сними истоимениот филм, како и по режисерското деби со „Ex Machina“) како поетски научнофантастичен трилер. Филмот е снимен според романот на Џеф ВандерМеер, а поради процените дека е премногу интелектуален за да оствари поголем бокс-офис комерцијален успех, „Поништување“ заврши на Нетфликс, наместо на големото платно. Започнувајќи како научна фантастика, филмот се трансформира во хорор-трилер, за да заврши со концептуално получасовно финале, отворено за интерпретации и различни теории кај гледачот.
Лена (Натали Портман) е биолог и поранешна припадничка на армијата, која се труди да го надмине мистериозното исчезнување на сопругот Кејн (Оскар Ајзак), по неговото учество во една тајна мисија. Еден ден Кејн се појавува во нивниот дом жив, но неверојатно блед и дезориентиран, без сеќавања за сето она што се случило претходно. Набргу тој ќе биде хоспитализиран, а Лена добива информација од психологот д-р Вентрес (Џенифер Џејсон Леј) дека Кејн, всушност, бил на мисија во т.н. „Блесок“ – еден вид необјаснива вонземска мембрана со боја на разлеано виножито, која постојано се шири на територијата во една област во Јужна Флорида и им ги одзема животите на сите што влегле во неа. Кејн е единствениот што успеал да се врати жив оттаму.
Силното актерско присуство на Натали Портман особено доаѓа до израз по одлуката да влезе во „Блесокот“ заедно со Вентрес и со уште три други жени. Навидум флуоресцентната и живописна шума на т.н. Област Икс, во која ќе навлезе тимот од пет жени, ќе се претвори во вистинска арена на генетски мутирани растителни и животински видови. ДНК-составот на сите живи суштества таму се прекршува и се комбинира на нови начини, доаѓајќи во судир со личните приказни на секоја од петте жени зад кои стојат пропаднат брак, мртво дете, битка со рак, соочување со самоубиствени намери.
Престојот во „Блесокот“ се претвора во соочување со најинтимните тајни, доживувања и дразби, бидејќи сè што ќе видат петте жени внатре во смртоносната мембрана, ќе биде слика и манифестација на нивните лични приказни и трагедии. Целта поставена со филмското дејство е да се стигне до Светилникот, бидејќи според нивната теорија, токму таму е местото каде што удрил метеорот и токму оттаму започнува ширењето на вонземскиот ентитет „Блесок“. Влегувајќи во Светилникот, Лена дознава дека вистинскиот Кејн во очај се разнел себеси со граната и е заменет со вонземјански клон. Клучниот момент во филмот веројатно е кога Светилникот привлекува капка крв од телото на Лена и го генерира нејзиниот вонземски дупликат што го имитира секое нејзино движење и на некој начин метафорички ја симболизира борбата со самата себе, разнишаниот брак со Кејн, нејзината претходно назначена сексуална афера со колегата од работа…
Во овој момент философската слоевитост на филмскиот наратив (поради кој веројатно филмот беше буквално „шутнат“ кај Нетфликс) го добива полното значење, имплицирајќи ја внатрешната борба што секоја индивидуа ја води со себе во текот на животот и неоткриениот внатрешен универзум кон кој треба да се насочи човечкото љубопитство. На еден начин, филмот е порака за залудноста да се трага надвор од себе, при егзистенцијата на огромна недоволно истражена територија внатре во нас. Мора да се нагласи дека е јасна врската на „Поништување“ со извонредниот советски класик „Сталкер“ на Тарковски во портретирањето на т.н. Зона, односно „Блесокот“, како метафизичко подрачје во кое законитостите на Земјината природа се изменети и се судираат со законитостите на човечката психа.
Можеби вие ќе откриете уште некоја метафора или скриено значење во многубројните синеастички детали што ја обликуваат естетиката на овој филм, но конечно, „Поништување“ на Гарланд може да се стави во редот на научнофантастичните филмови кои гледачкиот телескоп насочен кон ѕвездите всушност го претвораат во мал филмски микроскоп, кој го преиспитува и се занимава со внатрешниот состав на ранливото човечко суштество. Филм за ѕвездените констелации во нас.
П.С Што се случи со „Блесокот“? Уништен е. Како? Па, со оган, нормално, ние луѓето уште од времето на Хераклит си знаеме дека универзумот бил и ќе биде вечен оган, кој со мера се пали и со мера се гасне.
П.П.С Што се случи со главните протагонисти? Нема да го направиме тој спојлер за да ве предизвикаме да го изгледате филмот 🙂