Овој мај Битола ја разубави Интернационалниот фестивал на монодрама, кој се одржа по 24-ти пат. Годинава фестивалот беше отворен на 12 мај со претставата „Жени во собрание“ во изведба на Театар Комедија од Скопје, работена според Аристофан, во режија на Ќендрим Ријани. Покрај тоа што станува збор за Фестивал на монодрама,фестивалот беше отворен со голема претстава, преку која, како што изјави директорката на фестивалот Маја Андоновска Илијевски, целта беше да се прикаже разликата помеѓу драмата и монодрамата. Како што дознавме од организаторите, секоја година има сè повеќе интерес и сè повеќе апликации.
Градот повторно блесна во културно-уметнички дух, полн со гости љубители на театарот и актери. Под слоганот „Да се биде“ од 12-ти до 20 мај се одиграа голем број монодрами во кои секој БЕШЕ лик – замислен или реален со кој ја освои публиката. По секоја претстава имаше кутии од еден до пет, во кои гледачите со својата влезница можеа да ја дадат својата оцена. Имаше некаква возбуда и задоволство во учеството на избор за најомилена претстава на публиката. За главните три награди одлучуваше жирито, кое беше во состав на: Нина Мазур од Германија – театарски критичар и драматург, потпретседател на Интернационалниот форум на монодрама (ITI, UNESCO), член на германскиот центар на Интернационалниот институт за театар, уметнички директор на интернационалните театарски фестивали „MOST“ и „Vidlunnya“; Сашко Коцев – познат актер на македонската сцена и пошироко, од 2006 година настапува на сцената на Македонски народен театар, одиграл голем број претстави, како актер работел и во неколку филмови, од кои најпознат ни е по улогата во филмот „Трето полувреме“, но исто така помеѓу македонската публика е препознатлив по неговата комична и ведра улога како водител на неколку по ред изданија на „Златна бубамара на популарноста“; Николај Урумов – актер и режисер од Каварна, Бугарија, добитник на најпрестижните театарски награди во Бугарија – Аскеер и Икар, како и на многу меѓународни театарски награди.
За време на фестивалот пантомимичарите Дарко Вељиќ и Мето Јанакиевски беа специјални гости во ОФФ програмата. Тие секојдневно ги забавуваа граѓаните, а тоа може да го проследиме преку низа прекрасни фотографии направени во различни делови од градот, на познати места. Нивното „шоу“ придонесуваше во убавината и ведрината што овој фестивал му ја донесе на градот. Овие двајца мајстори за пантомима одржаа и две работилници „Игра низ пантомима“ и „Сценски борби и акробатика“ во Народниот театар во Битола.
Во ова издание на фестивалот се одиграа монодрами од Црна Гора, Естонија, Косово, Израел, Србија, Монголија, Италија, Шпанија, Хрватска, Литванија и три од Македонија. Имав можност да ја гледам монодрамата наречена „Срам“, чијашто режисерка и актерка е Ангела Стојановска, во соработка со Милош Б. Андоновски – режисер и Ева Камчевска – драматург. Оваа претстава ја издвојувам бидејќи беше нешто што не очекував, не знам дали претходно сум видела толку природен однос на сцена. Речиси во секоја монодрама некако го имаме тоа чувство дека сме и ние дел од претставата, и ние сме на сцена со актерот. Ова беше токму така, но на еден сосема природен начин, во кој се забележуваше како публиката без колебање се препушта. Малечката сала се полнеше и полнеше, се пополнија сите седишта, па донесоа клупа, се пополни клупата, па донесоа втора клупа, се пополни и таа, па трета…
Актерката кажа дека не очекувала толку публика, ни се извини и рече дека ќе се потруди да биде насочена кон сите страни. Веднаш по почетокот на претставата Ангела успеа сите да нè внесе во претставата, како да бевме во дневна соба, на кафе кај пријателка, тивко, без метеж и бучава да ја слушаме нејзината животна приказна. Интимното отворање како да донесе повеќе почит и внимание, можеби како луѓе сме склони да омекнуваме и да се соживуваме кога слушаме животни приказни. Низ подготовка на еден едноставен и вкусен десерт во кујна, актерката ја приближи до нас приказната за една девојка, која поради физичкиот изглед често била неприфатена онака како што изгледа, нејзината желба за десерти била осудувана, но таа го следи својот апетит прифаќајќи го како дел од неа, кој ја прави посебна, ја прави она што е. Преку оваа претстава актерката ни покажа како прифаќањето на своето тело онака како што изгледа е она што нè прави убави. Освен што успеа да ја доближи до нас малечката Ангела, која е заинтересирана главно за сладоледи и други слатки работи, тинејџерката на која ѝ се замерува поради нејзината физичка конституција, успешно нè внесе во настани во кои беа присутни и други ликови. На крајот на претставата актерката нè покани да ја пробаме тортата што ја направи за тоа време.
Фестивалот се заврши со специјално гостување на велешкиот театар „Јордан Х. К. Џинот“ со претставата „Нема струја на електричниот стол“ – дуодрама во режија на Дејан Пројковски, по текст на Андреј Секулов, драматург – Сашо Димовски и на сцената музиката во живо ја создаваше Сашко Костов. Актерите Васил Зафирчев и Исидор Јовановски одлично ги толкуваа своите улоги, во еден момент сите се наоѓавме во собата во која осуденикот седи на електричен стол. Совршен избор за затворање фестивал за монодрама, кој беше отворен со голема претстава, на публиката ѝ се даде можност да ужива во трите вида драма и да направи поделба меѓу нив, со можност да се сфати тежината и комплексноста на секоја претстава без разлика на видот.
Пред почетокот на претставата се одржа Гран при, на кое беа доделени четирите главни награди. Церемонијата на доделување ја отвори директорката на фестивалот Маја Андоновска Илијевски, а доделувањето на наградите беше водено од македонскиот член на жири-комисијата Сашко Коцев, кој ѝ даде уште повеќе шарм на целата церемонија што беше исполнета со многу емоции и паузи во зборувањето, кои доаѓаа со преголемата возбуденост.
Тој изјави:
„Да се биде жири на овој фестивал е чест, но и огромна одговорност, посебно пред оваа битолска публика, пред која секогаш кога сме играле, сме имале морници и многу трема бидејќи е префинета публика со долга театарска традиција и навистина ми е драго што сум вечерва тука и што сум член на ова жири и што ЈАС ќе ги соопштам наградените. Зад нас се седум прекрасни, возбудливи театарски магични денови, можевме да споделиме многу актерски пригоди од различни поднебја, да видиме кој во каков дух живее: Македонија, Косово, Србија, Хрватска, Италија, Естонија, Израел, Монголија, Црна Гора и Шпанија, сите беа одлични.“
За најдобра режија беше избрана „Крвава свадба“ – претстава со многу богат режисерски израз на Хорхе Лопез и Пати Доминик, со концепт што веднаш нè плени, со многу симболи што ја збогатија актерската игра и делото на Лорка и воопшто самата претстава, имаше силни изразни средства поткрепени со оној шпански немирен дух и со прекрасните зборови на Лорка и актерските вештини на Марија Видал.
Наградата за најдобро актерско остварување му припадна на Салваторе Арена за улогата во претставата „Како мало зрно песок“ од Италија. Одлично актерско остварување, кое со својот широк спектар емоции ја освои едногласно и публиката и членовите на жирито, неговите емоции танцуваа, нè прошетаа по малите улички на Италија, беа младешки, бунтовнички, страдални и секако вистински во секој момент од претставата. Оваа претстава ја доби и наградата од публиката, па Салваторе си отиде дома со две награди.
За најдобро остварување во целост, Гранд при на фестивалот, беше прогласена претставата „Кој сум јас“ од Монголија на авторот и режисер Б. Батделгер и на актерката Јанјиндулам Рагкасурен. Оваа претстава беше нежна, емотивна и тивка, покрај тоа што ништо не разбравме од претставата, разбравме сè. Наградата беше прифатена со солзи во очите, возбуда и емоции, кои актерката не ги криеше од публиката. Сите наградени беа бескрајно благодарни и тоа го искажаа пред публиката. Интересно беше што покрај тоа што јазикот беше бариера, сите кажаа по неколку реченици на својот јазик, а ние иако не го разбираме нивниот јазик, преку изразот и сјајот во очите го разбравме она што требаше да го разбереме. Целата церемонија беше многу пријатна, исполнета со шега, емоции и солзи, предизвикани од радост и благодарност.
Викторија Мачковска
Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски