Фестивалот за современа музика „Модоарс“ веќе 15 години носи нови и иновативни концепти на презентацијата на класичната музика. Креаторка на идејата за организација на фестивалот е пијанистката Ема Попивода, која паралелно ја развива и својата солистичка кариера.
Некако паралелно, во овој период имаше активности и како пијанистка со соло рецитали и како организаторка на Фестивалот за современа музика „Модоарс“. Како се случи и на чија покана беше концертот во Прага?
– Овој период за мене навистина беше интензивен на професионален план. Имав мини концертна турнеја во Црна Гора со солистички концерти во „Краљевско позориште“ – Цетиње, црква „Св. Духа“ – во Котор и во КИЦ „Будо Томович“ – Подгорица. Паралелно работев и на организацијата на концертите што се одвиваа на Фестивалот „Модоарс“ – концертот на Џузепе Нова (флејта) и камерниот оркестар „Профундис“, со диригентот Паоло Шибилија од Италија. На овој концерт настапив и самата како солист со авторски композиции.
Понатаму следуваше организацијата на концертот на Алесандро Вена од Италија и вокалниот перформанс на Јулија Кастелучи. Во истиот период го подготвував и мојот солистички концерт во Прага, кој се случи на 15 јуни. Концертот се случи на покана на музичкиот конзерваториум „Јан Дејл“ и мојата колешка Јитка Франкова. Посебно им се допаднала музиката и мојот видеозапис на композицијата „Зајди, зајди“, поради што ме поканија да одржам солистички концерт во прекрасната концертна сала на конзерваториумот.
Со каква програма настапи таму?
– Во Прага настапив со Ноктурната оп.49 и оп.52 на Димитрије Бужаровски, базирани на македонски народни теми. Со оваа програма сум настапила на повеќе од 30 концерти во странство и е посебно интересна за странската публика. Концертот и самата музика се одлична промоција на македонската култура и уметност. Воедно и можност за странската публика да се запознае со македонските народни песни преку овие сложени пијанистички композиции, кои секогаш со воодушевување се прифатени од публиката.
Твоја авторска музика беше изведена на отворањето на јубилејното 15. издание на фестивалот „Модоарс“. Тоа беше премиерна изведба на „Supersonic pieces“?
– Авторските композиции „Supersonic pieces“ за првпат, или премиерно, ги изведов на отворањето на овогодишното издание на Фестивалот „Модоарс“ на 6 јуни. Композициите се резултат на моја повеќегодишна работа, идеја и истражување во различни музички правци. По проектот „Акустик електроникс“, за кој напишав композиции за пијано на теми од познати електронски хитови, мојата работа продолжи и како еден вид истражување на електронската музика. Оттаму настана и идејата за темите, а понатаму и разработката на петте композиции за „Supersonic pieces“. Оркестрациите ги напиша Владимир Ботев. Оваа прва изведба беше навистина одлично прифатена од публиката, за што посебно се радувам. Се надевам дека ќе следуваат уште многу изведби, а во план е и проширување на репертоарот со нови композиции.
Од соло-пијано, преку работа со помали формации полека преминуваш на изведби со поголеми оркестри, како „Профундис“. Како однатре го чувствуваш развојот на твоите музички и композиторски идеи?
– Настапите како солист носат одредена тежина во однос на тоа дека сам ја носиш и работата и одговорноста за настапот. Настапите со камерни состави, пак, носат друга тежина во која се работи на заедничката интерпретација, заедничко доживување и емоција на изведувачите од камерниот состав. Додека работата како солист со оркестар e сосема поинаква. Од една страна, доаѓа до израз индивидуалноста на солистот, додека, од друга страна, се бара и совршена кохезија со оркестарот.
Иако неколкупати сум настапувала како солист со оркестар, навистина сум среќна што овој пат настапив со еден од најдобрите наши оркестри „Профундис“. Имав навистина голема поддршка од нив и многу професионално и посветено работевме за овој концерт. Голема благодарност упатувам и до креаторот и водач на овој оркестар, маестра Ѓурѓица Дашиќ, за напорната работа, спремањето и пробите за концертот на отворањето на Фестивалот „Модоарс“.
На годинашниот „Модоарс“ имаше и вечер посветена на етидите на Филип Глас и вечер со експерименталниот музички перформанс на вокалистката Јулија Кастелучи. Во кој правец планираш понатаму да го развиваш концептот на „Модоарс“?
– „Модоарс“ е фестивал за современа музика, чија главна цел е да ги претстави најновите светски трендови во музиката. Токму затоа и посебно сум горда што на ова издание на фестивалот македонската публика имаше можност да ја слушне музиката на Филип Глас во изведба на пијанистот Алесандро Вена. Етидите на Филип Глас за првпат интегрално, во целина се изведоа во Македонија.
Вокалниот перформанс на Јулија Кастелучи, кој се изведе во Даутпашиниот амам, пак, беше вистинска новина на нашата сцена. Пеејќи маратонски во хоризонтала, речиси четири часа, интимно, еден на еден со секој од публиката, таа направи вистинска магија во амамот и незаборавно искуство за сите присутни. Сметам дека токму овие концерти донесоа свежина на нашата културна сцена.
За следното издание веќе се во план неколку концерти со современа музика, концерти што ќе донесат новитети не само во изведбата и композициите, туку и ќе претстават нови инструменти, нови музички правци и нов вид уметнички настапи.
Колку си задоволна од реализацијата на јубилејното издание на фестивалот во однос на реакциите на публиката?
– Сѐ уште пристигнуваат позитивни коментари од публиката. Навистина добивам искрени честитки за сите концерти. За успешноста зборува и фактот што сите концерти ги посети голем број публика, а за некои од нив се бараше и место повеќе. Се надевам дека во иднина Фестивалот „Модоарс“ ќе привлече уште поголема публика. А со својата оригиналност и несекојдневни настани ќе има свое место на светската мапа на современи културни настани.
Дали и на авторски план подготвуваш нешто ново?
– Имам многу идеи за авторски композиции, концерти и перформанси. Во тек е подготовката на еден голем авторски проект насловен „Опера електроника – магична фреквенција“. Станува збор за авторски композиции – спој на класична со електронска музика на кои работев заедно со диџеј Егоритмија. Претставува современа електронска опера со оперски солисти, хор, балетски ансамбл и оркестар, која обработува приказна што е фикција, но допира до многу реални сегашни искуства со кои се соочува човештвото. За операта се изработени и видеоанимации, кои се дел од сценографијата.
Покрај ова големо сценско дело, работам и на нови композиции за пијано, синтови на кои ќе изработам свои фреквенции и саунд-ефекти. Се надевам дека набрзо ќе имам можност да ги изведувам.
автор: Тони Димков
фотографии: Приватна архива