Убава и неформална атмосфера, спонтано дружење, сјај во очите на авторите и лесен прием на музиката од страна на избрана публика ја карактеризираа промоцијата на петтиот албум на групата „Баклава“ со наслов „За Скопје со љубов“. Промоцијата се одржа во храмот на префинетиот звук „Аудиокултура“ на Теохаров Аудио. Албумот во целост е посветен на градот Скопје.
Неодамна го промовиравте новиот албум на групата „Баклава“ со наслов „За Скопје со љубов“. Колку албумот е посвета на градот, а колку, пак, градот е инспирација за стиховите и за музиката?
– Албумот „За Скопје со љубов“ се создаваше и сѐ уште се создава спонтано. Повеќето композиции, кои се дел од оваа целина, ми ги шепна Скопје. Кога оформив една мелодиска и аранжманска целина, сѐ уште немав идеја дека таа ќе продолжи стиховно да се обликува во приказна за Скопје, полна со љубов. Процесот на раѓање на песните подразбираше дијалог со градот. Љубопитно и страствено трагање по животните приказни на неговите жители, дружба и прошетки со стари скопјани, ослушнување по сокаците, населбите, градбите. Старите и новите. Исто така, тоа беше и патување низ минатото и иднината, не само низ сегашноста, враќање во детството (индивидуалното и колективното) полно со наивност, едноставност, бистрина, игривост и животорадосност.
На промоцијата спомнавте дека реализацијата на албумот е своевидно патешествие. Во која смисла?
– Живееме во чудни времиња. Понекогаш градот знае да биде многу суров, или пак, тоа е само лично видување. Честопати се присутни критиките дека градот се губи, се менува до непрепознатливост, огрдува. Ова е патешествие на повторно вљубување, разоткривање, осознавање, спознавање. Потрага по убавината во себе преку убавината на градот. Потрага по сржта, кодот со кој се идентификуваме со него. Овој процес беше, на некој начин, психотерапија преку алатките и терминологијата на градот. Попатно, се случи и дружба со многу автори, писатели кои ги посветиле своите дела на Скопје, повеќето романи. Читањето или препрочитувањето на овие дела ми донесе големо задоволство, среќа, инспирација и исполнетост.
Стиховите за песните ги напиша Сибо, а на дел од нив работите заедно, додека во однос на музиката целосно ја потпишувате сама. Резултатот се слуша на албумот, но како течеше креативниот процес на создавање на стиховите и на песните?
– Беше голем предизвик оваа интуитивно стокмена музичка целина да ја претвориме во скопска приказна. Разговаравме, читавме, истражувавме, се сеќававме, но и ја пуштивме слободно интуицијата, естетиката и менталните афинитети да не водат во создавањето и обликувањето на стиховите и приказните. Во овие девет песни посветени на Скопје беа опеани фрагменти од нашите детства во Чаир и во Ѓорче Петров. Стиховите опејуваат и неколку од најубавите скопски маала. Создадовме нова, наша легенда за создавањето на градот и чаршијата. Го опејавме веќе урнатиот зелен дворец во Пржино преку разговорот на душите кои сѐ уште битисуваат таму. И многу повеќе!
Извесен период од животот бевте надвор од Скопје, а сега повторно сте тука. Што во суштина ви значи Скопје?
– За разлика од претходната деценија, кога живеалиште ми беше Истанбул, Турција, но и аеродромите, хотелите, сцената насекаде по светот (многу повеќе од Скопје), периодов сум многу повеќе физички присутна тука. Сепак, кога сум некаде далеку, често ми се случува вистински да го чувствувам Скопје, да копнеам по него. Минатиот месец, на пример, го поминав во Берлин. Силно и доминантно ми беше чувството дека токму таму го живеам Скопје, онака како што го познавам од некогаш (секогаш). Се чувствував своја, со леснотија се движев, впивав и изразував. Беше преубаво.
Првите албуми на „Баклава“ беа поблиски до традиционалната музика, додека на последните два албума поприсутен е поп-изразот. На што се должи таквата промена?
– Музиката на „Баклава“, пред сѐ, ја карактеризираат истражување, искреност во изразот, спонтаност и храброст да се патува низ еден куп музички стилови. Кокетираме не само со традиционалната и поп-музиката, туку и со сите останати правци со кои сме растеле и музички сме созревале во одредени животни периоди и кои неминовно влијаат на креацијата. Патот кој сме го избрале подразбира оригиналност и личен белег наспроти копирање и репродуцирање. Постојано бегство од конфорната зона наспроти нудење рамо за тапкање од страна на омеѓеното помодарство кое ги одредува критериумите по кои треба да мрдаш, воопшто. Секој нов албум е неминовно растење. Продуктот е искажана внатрешност.
Тргнавме од изворот и традицијата и таа и по повеќе од две децении е наша водилка и доминанта во секоја песна (и покрај тоа што вториот и последните два албума се комплетно авторски). Егзотичен е и начинот на којшто прекрасните и врвни музичари со своите, исто така, егзотични инструменти танцуваат во ова музичко море, слободно движејќи се низ разновидни музички изрази. Тоа е неспоредливо далеку од терминологијата поп или етномузика. Виша математика!
На албумот работи старо-нова постава на групата „Баклава“. Колку тие промени се резултат на природен животен процес? Со каков мотив се приклучија новите членови?
– За разлика од претходниот албум „4“, којшто беше многу покомплексен и презентиран со многу и разновидни музичари на сцена, за овој албум чувствував потребна од покомпактна формација. Освен мене (вокал и укулеле) и Сибо (деф, тарабука), од постарата постава на бендот се и Петар Христов (кларинет, саксофон и лира) и Дејан Теодосиевски (виолончело). Тимко Чичаковски (канон) е понов член во бендот (како музичар и личност, а не како инструмент). Владимир Стојчевски (бас гитара) е мој долгогодишен пријател, а за овој проект почувствував потреба да биде дел од бендот, на што тој изреагира со радост, која е важен витамин за една музичка храна. Сето ова е убаво и позитивно искуство и добро донесени одлуки од кои сум максимално задоволна. Секако, тука е и дизајнот на звукот, за кој е заслужен Дени Крстев и прекрасниот визуелен дизајн на Моника Муличковска.
Албумот е снимен во студиото „1060“ кај Дени Крстев, а објавен е за германска издавачка куќа. Како течеше тој процес?
– Тон-мајсторот Дени Крстев, а потоа и директорот на германската издавачка куќа беа луѓето со кои интензивно другарував во овој процес на создавање на албумот. Новите пријатели. Процесот го красеше свежина, врвна стручност, професионалност, експедитивност, убава работна атмосфера, многу труд и посветеност, многу хумор, смеење и убава енергија, завршени домашни задачи и положени испити.
Кои се следните промотивни активности поврзани со новиот албум?
– Веќе се најавени концертни промоции на новиот албум низ цела Македонија, во регионот и во странство. Наскоро некои од песните ќе добијат и видео записи, а за неколку концерти подготвуваме и комплетна видео приказна. Мотивација ни даваат позитивните првични реакции кои ги добиваме, особено оние кои доаѓаат од странски стручни музички критичари, кои му даваат високи оценки на албумот. Албумот наскоро ќе добие и свое винилно издание.
Тони Димков
Фотографии: Стефан Рајхл, Зденко Петровски