Живот и музика без заобиколување, straight to the point. И додека го слушате, и додека разговарате со него, имате чувство дека Едо Маајка е неуморен трагач по искреноста, автентичноста и доследноста со повисока цел и поинаква свест. Неговите лирики отсекогаш биле генијална вивисекција на балканштината. Можеби затоа што таа балканштина направила исто таков длабок засек во неговиот живот и му предодредила стигнување до една поинаква цел, на еден поинаков начин. Во било кое интервју, на било кое медиумско појавување, неизбежно е да се разговара со Едо низ призмата на „бегалец“, „номад“, и тоа оди некако паралелно со својството на најамблематична фигура на регионалниот хипхоп. Од Брчко во Загреб, од Загреб во Тел Авив и повторно назад. Минатата година, по петгодишна пауза го издаде шестиот албум „Put u plus“ – фантастично музичко шаренило збогатено со артисти како што се Дино Шаран, YаYa, Alejuandro Buendija. Во една од песните пее „Јас паѓам само за да се сетам да летам / и ќе паѓам толку колку што треба додека не се сетам на крилјата“. Деновиве е слетан (или паднат) во „градот убав“ за концертот што во сабота (4 мај) го прави во МКЦ.
Твојот последен албум „Put u plus“ беше оценет како доследен на препознатливиот авторски потпис, направен од виртуозен колектив во кој со полна сила се мешаат џез, фанки, рок моменти…
Во време кога сите работат албуми на матрица, јас составив одлична екипа и мошне храбро влетав во целиот проект. На тапани е Мирсад Далипи, кој свири во „Gipsy Groove“ од Косово, на клавијатури е Тони Старешиниќ, еден од најдобрите хрватски клавијатуристи, кој стои зад неколку свои бендови меѓу кои е и „Chui“, на бас е Марио Рашиќ, кој свири за „Majke“ и има свој проект наречен „Balkan Zoo“, и на гитара е Јоги Лонич, Американец што живее во Загреб и има настапувано со Крис Корнел, Мич Мичел, Били Кокс, како и пред изведувачи од типот на „Ролинг стоунс“, Роберт Плант, „Линкин парк“ и „Корн“. Албумот го завршивме многу брзо, низ некои 10 или 11 проби. Како што ги завршувавме песните, така влегувавме во студио и снимавме. Албумот излезе на првиот ден од Светското фудбалско првенство па немавме никаков фидбек четири месеци после тоа. Потоа имав голем концерт во „Дом спортова“ и тоа беше првата вистинска промоција на албумот во Хрватска.
Имам чувство декa од „Slušaj mater“ до „Štrajk mozga“, авторското огледало ти беше свртено кон општеството, како да сакаше со лутина да му се изнавикаш: „Видете какви сте, до кога вака ќе терате“. Во новиот „Put do plus“, полека го вртиш огледалото кон себе со своите болни вистини и интимни исповеди…
Искрено, ми здодеа тоа „попување“ на луѓето. Идејата беше следна: Имам искуство од омразата на другите кон мене, имам искуство од тоа кога јас сум мразел други, низ таа призма ќе ја раскажам мојата приказна. Така работев на овој албум. Тој пристап ми се допаѓа во моментов и ќе го задржам додека не ми стане досаден.
Едо, да зборуваме за бегството. Но не она за кое вообичаено те прашуваат, поврзано со бегалството од Брчко во Загреб за време на војната во 1992 или, пак, за петгодишната преселба во Тел Авив. Би сакал да знам за „личниот егзил“, бегството од себе. Живееме во ера кога ретко кој е свој, повеќето се некако отселени, сакаат да се на нечие туѓо место без вистински да си ја запознаат сопствената личност… Си се обидел ли да избегаш од себеси?
Сите ние бегаме од себе понекогаш. Некои бегаат од себе, некои едноставно се губат. Мене ми се случувало среде целиот тој стрес околу работата и сè она што се случувало околу мене, да не знам кој сум, што сум, каде одам. Така, најмногу ми годеше таа пауза кога добив дете и се преселив во Тел Авив кај сопругата. Тогаш физички излегов од Балканот и отидов во земја во која никој не ме познаваше. Тоа беше одличен момент бидејќи истовремено добив и дете, а тогаш ти се менува целиот свет. Навистина не знаеш кој си, каде си, што сакаш, како да продолжиш… Тој период истото ми се случуваше и на лично и на професионално поле. Веќе се имав заситено, имав издадено пет хипхоп албуми и едноставно тоа не ми беше никаков предизвик. Во суштина лесно се прави хипхоп, имаш матрица и ако си малку талентиран за рими, ги правиш и тоа е тоа. Мене тоа повеќе не ме исполнуваше и ми требаше малку повеќе работа со бенд. Па така, таа пауза од четири години одлично ми дојде. Три години воопшто не слушав музика, ништо ново не ме интересираше. Друго важно нешто што ми се случи е тоа што одново го открив Един Осмиќ како личност, бидејќи кога си Едо Маајка и живееш на Балканот, луѓето ти приоѓаат и ти не знаеш дали си ш*пак или не си, никој не ти кажува в лице дали си нормален или не си. Тоа е многу конфузна состојба за млад човек. Драго ми е што ова пронаоѓање на себеси ми се случи пред да наполнам 40 години бидејќи сега ми е многу полесно.
И како е да си Едо Маајка на 40? 🙂
Прво беше супер, а потоа си некако збунет. Луѓето од твојата генерација ти велат: „Супер изгледаш, супер си“, а помладите велат дека си пропаднал, дека си стар. Посебно на музичката сцена, за луѓето што имаат повеќе од 40 години автоматски се смета дека паѓаат, но тоа не е така. Јас познавам многу луѓе што имаат и 60 години, рокери или друг вид музичари што сè уште работат, успешни се во тоа што го работат.
На Балканот сè е некако подложно на мутација, на локална модификација, па така и рапот доби некој балканизиран клон што привлекува огромни маси публика, инстантна слава, хајп и следствено на тоа – пари. Што мислиш за ова?
Таа мутација на рапот настана во екс-ЈУ клубовите во дијаспората, во Швајцарија, Германија, Австрија. Тие млади луѓе никогаш не биле оптоварени со она што го слушаат, па на исто место се пуштале и рап, и фолк, и хаус. Мислам дека првите луѓе што влегоа во тоа биле под влијание од тие концерти во дијаспората. Така го основаа тој некаков раперски потфолдер што сега се вика „балкан тон“, што е супер име бидејќи во себе содржи голема доза народно во рефрените со еден модерен клупски кик. Зафркната работа е што тие момци навистина рапуваат! Ако ги ставиш нивните версови на некој микстејп, да го промениш битот, да ставиш друг рефрен, тоа сосема поинаку би звучело. Но да бидеме реални, овде на нашиве простори, народњаците секогаш продаваат сè. Луѓето што сакаат да заработат, прво ќе влезат во тој вид музика. Овие момци од оваа нова генерација ги немаат ставовите што ги имаме ние, не влегле во хипхопот со истите цели што ние ги имавме. Ние го имавме ставот „еј, ова е нешто ново, ајде да го фураме, ајде да ги менуваме нештата со ова“. Кај нив го нема тоа, тие веќе дојдоа на готов хипхоп и едноставно сакаа добро да заработат. И тие не лажат во своите песни, тие кажуваат како живеат. Па затоа не можам да кажам дека тоа е фејк и да го исплукам, бидејќи секој го работи тоа што го чувствува. На пример, на многумина не им се допаѓа моето флертување со бендот, со овој или оној вид музика, а јас едноставно имам периоди во животот кога тоа што го работам ми е досадно, па правам нов концепт, свирам така две години, па пак се враќам на некои поинакви битови. Но во суштината на сето тоа е MC-ијање и spoken word и комуникацијата со публиката, она чистење на сам себе на бината.
Каква е таа карма постојано да се селиш во држави со изразена националистичка хистерија? 🙂
Хаха, да! Не знам што сум потпишал горе кога сум се раѓал. Мојата душа потпишала некои чудни договори (се смее). Сфатив дека тоа се едни исти с*ања, само нагласени на различен начин. Но сè тоа е горе-долу иста приказна. Како што кажав на последниот албум: „Ајде јас тебе да те удрам, а ти мене не ми прави ништо“. Според мене, државите се однесуваат исто како и луѓето, некои се деца, други бараат внимание, трети се зафркнати поради нешто што им се случило одамна. Не можеш да ја гледаш ситуацијата глобално и локално само од овој момент. Мора да се земе предвид и како дошло до тој момент.
Дојде ли до одговор за прашањето од „Mater vam j*bem“: Pred nepoznatim ljudima drzim jezik za zubima da’l: selam, zdravo, bog? Kako je pravo?
Сè тоа е исто, луѓето само се оптоваруваат со глупости. Сите сме исти. Дури тогаш кога ќе имаш разбирање за другите, можеш да имаш разбирање и за себе. Не можеш да имаш разбирање за другите, ако немаш за себе. Проблемот во нашиот менталитет е тоа што сме одгледани без разбирање за себе и другите – мораш ова или мораш она, не прашувај зошто, затоа што мораш. Кога стануваш возрасен, ти си потполно дезориентиран. Затоа сега јас преку односот со моето дете се обидувам да бидам подобар кон себе. Се обидувам да го надоместам тоа што го немав додека растев, тоа разбирање за себе, се учам да имам разбирање за себе. Тоа не е лесно.
Во едно интервју замолуваш да не те прашуваат кои се твоите стравови и наместо тоа да те прашаат какви ти се надежите. Па, еве, на што се надеваш?
Се надевам дека ќе се случи некој напредок на овие простори во секоја смисла. Младите освестени луѓе си одат, мојата публика си оди! Најважен е квалитетот на животот, здравството, пензиите, работата. Тоа е многу важно и како што стареам, сè повеќе би сакал да се посветам на организации што ќе работат за луѓето и за заедницата. Не ми се чека веќе власта да направи нешто. Мислам дека луѓето што имаат волја да променат нешто околу себе треба да почнат да го прават тоа! Па тогаш, таа глупава балканска власт штом ќе види дека нешто функционира, сака да се вгради во тоа. Јас немам его, нека се вградат, само нека се помрднат некои работи. Важно е младите луѓе да имаат што поразновидни искуства. Да речеме, во Босна е зафркнато тоа што младите од Бања Лука воопшто не ги познаваат младите од Сараево. Тоа е два часа со кола! Тие не се гледаат и затоа е тешко на тој млад човек да му ја промениш сликата наметната од медиумите или од политиката за другиот. Сакам да работам на тоа.
Клише за крај: Kако ги доживуваш Скопје и скопската публика? Каде и што понатаму?
Последен пат во Скопје бев пред две-три години. Тогаш ја поддржав Шарената револуција. Скопје ми е најдраг град од сите екс-ЈУ центри во кои свириме. Храната е одлична, луѓето се прекрасни, ме врзуваат многу убави спомени за овој град бидејќи многупати настапував овде во мојот зенит, во прајм-тајмот. Сега во тек е промовирање на овој албум на регионални фестивали. Имам уште два спота и мислам дека веќе следната пролет ќе имам нов материјал. Сакам да направам уште еден албум со овој бенд. Доста се занимавам со продукција и би направил некој мини EP на електронски битови, некој unplugged… Во 2021 се навршуваат 20 години од мојот прв албум „Slusaj mater“ и планирам да го одбележам тој јубилеј со една клупска турнеја.
Јосип Коцев
фото: Ања Калин, Елена Фиданска