Албумот „Апокриф“, како прво издание на Добрила и Дориан Дуо, содржи седум традиционални композиции од македонското музичко поднебје, во аранжман и изведба на тандемот Грашеска/Јовановиќ. Дизајнот на обвивката е на Зоран Кардула, а албумот е објавен како 45. издание на „SJF Records“.
Во основата на темите објавени на албумот е зен-реакцијата по повеќегодишното заедничко созревање на Добрила и Дориан, нивните размислувања и анализа на она што би можело да се направи од македонската музика и што со неа би можело да произлезе.
Со Добрила Грашеска се познаваме уште од времето кога студираше на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, каде што и дипломираше на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Тогаш, сѐ уште, јавно не го откриваше својот скриен талент. Тоа се случи на еден семинар за чалгиска музика, кога неколку музички експерти, но и нејзини блиски пријатели открија каков глас излегува од нејзиното грло. Потоа се појави групата „Чалгија саунд систем“, а во последниве две години е активна и со Добрила и Дориан Дуо.
Албумот „Апокриф“, што го снимивте во дуо со Дориан Јовановиќ и го објавивте под етикетата на Скопскиот џез-фестивал во 2021 година, се искачи на висока позиција на балканските листи на „ворлд-мјузик“. Се надевавте ли дека албумот ќе доживее таков успех?
– И не само на балканските, туку и на европските и светските. Приказната за „Апокриф“ започнува како митот за надежта – истата онаа што тропкала од ковчежето од кое се слушало: „Отворете, тука сум…“ Тој албум е онаа музика што си седеше во нас и само чекаше момент да се појави. За тоа време, ние ја зедовме улогата на медиуми што го изнесовме на виделина без да имаме какви и да било очекувања или планови за таков успех. „Апокриф“ е нашата отскриена естетика за која не знаевме дали ќе им стане блиска на другите. Ние едноставно го правевме она што само по себе се појави од нас. А сега, откако собра навистина одлични критики, имаме причина за голема радост.
Албумот содржи традиционални композиции од македонското музичко поднебје. На кој начин беше направена селекцијата на темите објавени на албумот?
– А, можеби тие нѐ одбраа нас? Можеби тие сакаа да станат дел од нашата приказна и да видат како ќе звучат преку нашиот филтер, низ нашето видно поле, низ нашите инструменти и глас за да добијат нова форма. Веројатно им дошло да променат гардероба и да бидат стилски поинакви. Можеби посакале да бидат ем традиционални ем вечно модерни. Но, ако го свртиме објаснувањето од другата страна, тогаш ќе кажам дека ова се едни од нашите омилени песни, што чалгиски, што традиционални, со кои си подадовме рака, ги отпеавме и отсвиревме по наше и одеднаш, сите станавме поинакви.
Каква порака, или музичка трага, сакавте да оставите со албумот?
– Пораката е дека сѐ може да доживее трансформација, па дури и она што го поимаме како скаменето – како што е тоа случајот со традиционалната македонска музика. Но, исто така, дознавме дека работите секој си ги гледа низ своја перспектива и си ги доживува на свој начин. Ние полека-полека ги откривавме океаните од можности што ги има нашата песна и одеднаш сфативме дека може да „играме“ со разни музички стилови и експериментални звуци и тишини. Кога на тоа ги додадовме и нашите лични музички фантазии, добивме музика – брод што плови по сите меридијани…
Од претходно те познаваме како вокалистка на „Чалгија саунд систем“. Што се случува со таа група во овој период?
– Еднаш вокалистка на „Чалгија саунд систем“, засекогаш вокалистка на „Чалгија саунд систем“. Тоа е мојата прва љубов, а како што знаеме, таа е незаборавна. „Чалгија саунд систем“ е активен бенд, кој бескомпромисно стои на браникот на чалгиската музика. Чалгијата во Македонија е автохтона музика со специфичен израз и како таква мора да биде заштитена. Ние, како истражувачи и вечни вљубеници во неа, пронаоѓаме песни што сакаме да ги свириме и пееме затоа што убавината мора да воспитува и да насочува кон сѐ што е добро и благородно. Затоа сите заедно одиме понатаму.
Возобновувањето на чалгискиот музички израз беше иницирано на еден семинар за чалгија пред, можеби, 20 години. Тогаш и самата почна во организирана форма да го изразуваш сопствениот музички талент. Колку во денешно време чалгијата е присутна во музичкиот живот?
– Точно е дека во 2005 година со тој семинар, чалгијата повторно се врати на голема врата во Македонија. И ако јас тогаш не го победев својот страв и срамежливост, денес ќе пеев додека готвев на радост или жалост на соседите. Но, да бидам искрена, јас отсекогаш знаев, или длабоко во себе верував дека еден ден јас и музиката секое утро ќе се поздравуваме со: „Добро утро. Ај да запееме една“.
А во однос на традицијата… чалгијата има вековна традиција кај нас. Таа е народниот јазик на дворската византиска музика, која многу полесно си го нашла патот меѓу обичните луѓе и станала медиум преку кој тие си ги искажувале сите свои емоции, верувања и обреди. Истото се случува и денес, кога и не знаејќи, во песните што ги создаваме внесуваме некои специфични интервали што сме ги „собрале“ попатно возејќи се во автобус или јадејќи баклава во чаршијата.
Глас (вокал) се раѓа или глас се негува?
– Глас се добива со раѓање – тој ти е наградата, златникот, талентот што ти е даден да си го носиш како крст и кој во еден момент ако го препознаеш, ќе стане твоја судбина. Но, со чинот на препознавање доаѓа моментот на одлуката: дали си подготвен на жртва и на бескомпромисен влог во талентот и неговата нега. Но, да се разбереме, таквата нега не значи купување скапи производи. Негата на гласот значи откажување од секојдневни задоволства што другите луѓе ги имаат, значи секојдневни проби, значи одење надвор од својата комфорна зона и патување на концерти, истражување музика, работење повеќе отколку што другите луѓе си замислуваат. И да не заборавам: негата значи и задолжително носење капа и шал сѐ додека температурата на воздухот не стане 15 степени (три смајлиња).
Дали можеме да очекуваме нови проекти во дуо со Дориан, или можеби со „Чалгија саунд систем“?
– Еве токму во овој момент ти си првиот кому можам да му ја објавам новоста дека Добрила и Дориан Дуо веќе работи на својот нов материјал, за кој се надеваме дека ќе се појави во текот на оваа година. Но, истовремено планираме нов материјал и со „Чалгија саунд систем“, така што годинава нѐ чека сериозна работа и убави заеднички моменти.
автор: Тони Димков
насловна фотографија: Татјана Ранташа