Првиот авторски проект на тапанарот Дино Милосављевиќ со наслов „LARTA: Fragments“ е објавен за издавачката куќа „ПМГ Џез“. Во проектот со свое авторско и изведувачко учество придонесуваат долгогодишните соработници Џоле Максимовски – бас, Васко Бојаџиски – саксофон и Владан Дробицки – тромбон, кој воедно се јавува и како продуцент на изданието.
Претходните години од музичката дејност на Дејан (Дино) Милосављевиќ се поврзани со низа врвни бендови и артисти. Како еден од најистакнатите тапанари во земјата и на Балканот тој е активен на музичката сцена од почетокот на 90те години. Бил дел од Влатко Стефановски Трио цели 19 години, а соработува и со други познати артисти, како Калиопи, Кирил Џајковски, Стефан Миленковиќ, Теодосиј Спасов, Јан Акерман, „Анастасија“, „Мугер Фугер“, Стен Скиби, Раде Шербеџија, Бајага, Зоран Предин, Џибони, Владо Јаневски, Владимир Василевски – Четкар, „Ласт Експедишн“, Каролина Гочева, „Меморија“, Игор Џамбазов Бенд, „Суперхикс“ и други. Неговото артистичко умеење особено доаѓа до израз на албумите на „Сетстат“, „Кабадајас“, „Беневентан трио“, „Инфјуз“ (Infuse) и проектот „Алшар“ на Никола Коџабашија.
Еден е од основачите на „Skopje Drum Talks“, првото здружение за едукација и поддршка на тапанари во Македонија, кое веќе три години организира јавни настани поврзани со уметноста на овој инструмент.
Кон крајот на минатата 2022 година се појави неговиот прв авторски албум како 38. издание на етикетата „ПМГ Џез“. Снимањето на албумот е поддржано од Министерство за култура на Република Северна Македонија. Албумот содржи четири долготраечки теми, а деталите ги дознаваме од Дино Милосављевиќ.
Што беше мотив да се создаде албумот „Фрагменти“ (Fragments)?
– Мотивот би бил истиот оној кој ме тера секое утро да станам од кревет, да седнам на инструментот и таму да ги поминам следните шест часа во еден здив… Или оној кој, години наназад, ме натера да дигнам раце од Правниот факултет и да го посветам животот на свирење… Претпоставувам дека е во прашање некаква желба за креација, за нешто ново и живо, делење време, музика, искуства, хумор и енергија со луѓе кои ми се драги и на кои им верувам… Така некако.
На музичките концерти најчесто тапанарите се во задниот дел од сцената. Поретко се случува да бидат и автори на самостоен проект. Како се случи „LARTA“ и со каква цел?
– Да, тапанарите се обично позади, што значи дека задниот дел од бината може да го сфатиме како темел на којшто потоа се надоградува остатокот од бендот. Верувајте ми, прво што ќе забележите кај бенд е лош тапанар. Нешто слично како диџеј кој лошо микса песни. „LARTA“ бидна спонтано, без некакво особено планирање. Концептот е сосема отворен и слободен, практично е конверзација и истражување помеѓу неколку индивидуи, тогаш и таму. Како и каде ќе еволуира проектот понатаму – ќе видиме!
Како треба да го прочитаме самиот наслов на проектот „LARTA“? Или можеби, станува збор за акроним?
– „LARTA“ нема никакво конкретно значење, тоа е збор, израз, синоним кој го измислив самиот. Она што ми е битно е дека одзвучува на одреден начин во мојата глава, лежи добро со мојот сензибилитет и моето восприемање на светот и на реалноста. Името/насловот е првата допирна точка на светот со твоето дело. Битно е да можеш гордо да застанеш позади истото. Подоцна, преку Гугл, сфатив дека зборот има повеќе значења на разни јазици, но ништо од тоа нема врска со мене.
Во проектот соработуваш со музичари со кои си настапувал и претходно во други проекти. Како тие ја прифатија понудата да соработуваат на твој авторски проект?
– Со Владан Дробицки, Васко Бојаџиски и Џоле Максимовски имаме мнооoгу заедничка историја, многу музика, многу време поминато заедно и јас на „LARTA“ гледам како на наш заеднички проект. Секој има свој подеднаков удел во приказната.
Како се одвиваше соработката со „ПМГ Џез“ и планирана ли е концертна промоција на албумот?
– Владан е дел од „ПМГ Џез“, така што преку него албумот е објавен за оваа издавачка куќа. Морам да истакнам дека сѐ беше максимално ефикасно и професионално од нивна страна во процесот. Не би имал проблем повторно да соработувам со нив. Концертна промоција ќе има во текот на февруари. Ќе биде објавено кога и каде… сѐ уште преговараме.
Какви се твоите искуства како тапанар што настапил со голем број врвни македонски музичари (списокот е голем), односно колку во тие настапи си имал можност, покрај занаетскиот дел да употребиш и твоја авторска креација?
– За среќа, во поголемиот дел од мојот музички живот имав одврзани раце да креирам, односно да интерпретирам музика со доволно дадена слобода притоа. Еднаш кога ќе меморирам одредена музика (занаетскиот дел), можностите потоа се неограничени, и тоа од аспект на идеи, текстури, динамика итн. Онаму каде што можеш да додадеш свое – ја прави приказната вредна секој пат.
На каква гарнитура тапани настапуваш и имаш ли твоја омилена гарнитура?
– Гарнитурата е практично жива материја – се менува и варира во зависност од повеќе фактори, како вид на музика, простор во кој се настапува (големина и акустика), во живо или студиско снимање итн. Имам неколку сета на тапани, секој со своите особености, како и една (не)здрава колекција на добоши и чинели и уживам во нив секојдневно (секој себе-почитувачки член или членка на тапанарското племе ќе се препознае во последново, сигурен сум).
Еден си од основачите на „Skopje Drum Talks“. Со каква цел е основано здружението за едукација и поддршка на тапанари?
– Здружението „Skopje Drum Talks“ (SDT) започна како иницијатива за поддршка и едукација на секој оној или онаа кој/а сака да се занимава со нашиов инструмент во земјава и наоколу. Сакавме да креираме заедница во која оваа тема ќе биде жива и активна, каде секој/а ќе може да се обрати за помош или совет, да сподели искуство, знаење, видување. Секоја година се организира и фестивал на кој настапуваат музичари од разни жанрови, од земјава и од регионот. Сите заинтересирани ги охрабрувам да го побараат SDT на официјалниот вебсајт и на социјалните мрежи.
Тони Димков
Фотографии: Дино Жилчан, Алекс Јакимовски и приватна архива.