Со 30 години активна кариера на музичката сцена, Џон Апелгрен може да се пофали со искуства како ретко кој друг. Како интегрален дел од она што се нарекува џез-сцена или џез-култура во Македонија, зад себе има настапи со најразлични џез-состави од стариот биг бенд на РТС, па со настапи како новиот ЗЏМ биг бенд или со Македонската филхармонија. Неговиот кадифен глас краси повеќе од 200 снимени џез-стандарди и соработувал со многу автори. Но, неговиот репертоар не се ограничува само на џезот туку вклучува и боса нова песни од Бразил, шансони за што сведочат многубројните концерти, а во најава е и голем концерт со кубанска музика во вториот дел од годинава.
Како активист, тој е секогаш гласен за правата на неговите колеги и еден од тие гласни протести е книгата „Забранети луѓе“, која беше објавена од „Арс Ламина“ во 2022 година. Книгата претставува портрети на 14 музичари заедно со нивни фотографии чиј автор е Апелгрен. Целта на книгата беше да се прикажат луѓето чии судбини беа засегнати од пандемијата со забраната за настапи, со што нивните извори на приходи беа прекинати. Самата книга беше наградена на овогодишниот Саем на книга за општествена активност, а во галеријата на Кинотека, на 1 јули ќе се отвори изложба со фотографии што се дел од книгата.
Исто така, кратко пред тоа, во малата сала на Филхармонија, заедно со бендот на Мартин Ѓаконовски ќе изведат песни од најавениот албум што допрва ќе ја види светлината на денот со познати песни од опусот на композиторот Драган Ѓаконовски – Шпато „Во себе те носам“, така што новите генерации ќе се запознаат со овие џез-бисери од минатото, но со нови аранжмани и со многу емоции.
Во ова интервју зборуваме за неговата љубов кон џезот, неговите искуства, книгата „Забранети луѓе“ и пораките што оваа книга ги праќа, соработката со Мартин Ѓаконовски за новиот албум со песните на Шпато, но и соработката со новите генерации џез-музичари.
Џони, како се случи џез-музиката во твојот живот? Твоите почетоци се во рок-бенд, си учел виолина, балет, но како се случи џез-музиката?
За мене џезот ја претставува највисоката форма на музиката. Тоа е затоа што преку него можете да се изразите потполно лично и да раскажете некоја приказна на свој препознатлив начин, да пренесете кон публиката дел од вашиот сензибилитет, најчесто не затоа што така сакате, туку затоа што имате потреба тоа да го сторите. Ова го кажувам сега како возрасен, но магичната привлечност на џезот ја добив од плочите на мајка ми, кои таа ги имаше донесено од Англија. Некако таа музика ми кажуваше повеќе од класичната што ја учев. Џезот е размена на идеи, слобода во интерпретацијата, игра со времето во одредено темпо, заради сето тоа џезот можев и да го живеам, иако тоа се осмелив да го направам многу подоцна, кога виолината и балетот останаа зад мене.
Кои беа некои од првите џез-музики што оставија длабок впечаток врз тебе?
Кај мене дома не се слушаше радио. На тогашните два канали на РТС (Радио-телевизија Скопје) немаше џез-музика, барем јас не памтам, но секоја вечер заспивав со музиката на Сара Вон, Ела, Нет Кинг Кол и Синатра на грамофонот. Се замислував во приказните што тие преку песна ги раскажуваа и тоа длабоко ме допираше. Веднаш по нив ги открив и Оскар Питерсон, Чет Бејкер, Бен Вебстер, Џули Лондон…
Кои се некои од првите џез-концерти на кои си присуствувал?
Првите џез-концерти секако имав можност да ги следам на Скопскиот џез-фестивал. Не можам да се сетам кој конкретен настап хронолошки ми оставил најголем впечаток, но Завинул, Аберкромби, Каунт Бејзи Биг бенд, синот, внукот на Жобим со брачниот пар Мореленбаум, Бети Картер… се само неколку од концертите од кои бев фасциниран.
За време на својата кариера имаш снимено повеќе од 200 џез-стандарди и соработувано со голем број состави, луѓе како Илија Пејовски, Кире Костов, Гоце Димитровски итн. Што беше пресудно за тебе да се одлучиш ова да биде твој животен повик?
Првиот џез-состав со кој имам направено снимки во РТС беше М2. Составен од моите пријатели Мартин Ѓаконовски, Павел и Петар Ренџов, Бедрија Синаноски и Зоран Крагуевски. За моја среќа, ни се погоди Илија Пејовски како продуцент и веднаш потоа знаев дека припаѓам таму, во студиото М2, со џезот под закрила на Пејовски. Тој беше мој ментор и пријател и ги напиша и првите аранжмани за мене за ревиски оркестар во кој гудачите беа моите школски другари и биг бендот на тогаш сè уште РТС. На среќата ѝ немаше крај кога станав и постојан хонорарен вокалист на биг бендот, единствен во тогашната ЈРТ. Соработките со диригентите Кире Костов и Александар Џамбазов, со Дамир Имери и Љупчо Мирковски, Гоце Димитровски, само ми помогнаа да продолжам да напредувам и да учествувам во прекрасни концерти со биг бендот, Македонската филхармонија и со разни помали формации произлезени од членовите на биг бендот. Турнејата низ Македонија, настапите на сите позначајни македонски фестивали, снимањата на безброј различни музички емисии за мене претставуваа бескрајна радост, бидејќи конечно го правев она што сметам дека најдобро го знам, а тоа беше исполнувањето џез-музика.
За време на пандемијата ја објави книгата „Забранети луѓе“ Како дојде до идеја да ја објавиш оваа книга?
Мојот последен настап во живо беше на 14 март 2020, а веќе на 18 март истата година, Владата донесе одлука со која се забранија сите живи настапи. Тоа нас музичарите, кои живееме исклучиво од нашите настапи, а не сме вработени во радијата, музичките школи и академии, во операта или филхармонијата, нè остави буквално без можност да заработуваме за егзистенција на нашите семејства. Помошта што државата ни ја додели беше минимална, условите беа контрадикторни, особено за самостојните уметници. За првпат во животот почувствував немоќ и имав силна потреба да го кренам гласот и да застанам јавно да побарам од нашите политички елити да помислат на еден сегмент од носителите на македонската уметност и култура што тие ги оставија на маргините.
Освен поддршка од јавноста и еден дел од вработените колеги, државните органи и комисии не успеавме да ги анимираме. Тие најдоа време и начин да направат протоколи за сите можни занимања, освен за нас. Често слушавме дека можеме да правиме концерти, но концерти правиме еднаш до двапати годишно, а учествуваме во други 5-10, но според бројот на публика што беше ограничен, воопшто не можеше да стане збор за некакви приходи со кои е можно достоинствено да се живее.
Имаше парадокси како, на пример, во такси беше дозволено во 3м3 да се возите со маски, во затворен простор, или четворица да седат во ресторан на иста маса и да јадат заедничка салата, а притоа беше забрането некој во истиот тој ресторан да може да настапува. Па беше ставена смешна од ѓутуре забрана за музика над 55 децибели, што е еднакво на гласност на нормален говор. Барајќи најсоодветен начин како да ѝ ја претставам на пошироката јавност нашата мака, начин на кој ќе успеам и да ја спасам од заборав таа иста мака за да не ни се случи никогаш повторно во иднина, сметав дека е соодветно да ја направам книгата „Забранети луѓе“.
Насловот на книгата е „Заб(ранети) луѓе“ со акцент на ранети. На што се однесува ова?
Насловот говори за состојбата во која навистина се чувствувавме ранети и беспомошни во истото општество кое и тоа како ги консумираше нашите снимени материјали за зачувување на духот и менталното здравје во време на карантините.
Што е тоа што го научи за време на пандемијата за вредноста на музиката?
Научив дека сите ќе те тапкаат по рамо, а многу малку луѓе ќе се обидат вистински и конкретно да помогнат за олеснување на состојбите. Научив дека музиката во нашата земја има само декларативна важност.
Што е тоа што се надеваш дека и другите го научиле?
Доколку сум сосем искрен, сметам дека никој ништо не научи. Доколку се случи слична пандемија, повторно ќе бидеме оставени на маргините од нашите „преумни“ политичари. Видете, во време на пандемија и застој на функционирање на државата, економијата, најголеми буџети требаше да имаат министерствата за здравство, за социјала и труд и за култура, бидејќи тие сектори беа најпогодени, но културата тогаш го имаше историски веројатно најмалиот буџет, затоа велам дека не верувам дека е нешто научено. Едноставно ја видовме себичноста на нашите политички елити, отсуството на човечност и политичка зрелост, особено на еден министер што нè канеше да ги видиме по болници луѓето што умирале, веројатно заразени на свадби, но изостана негова покана кај сопствените колеги што први заразуваа колеги по конгреси во Рагуза, тазе вратени од скијање, или заразувањето пациенти на нефрологија после мекици во една скопска кафеана.
Книгата изобилува со портрети и со интервјуа со луѓе од различни сегменти од музичкиот свет. Како некој што е дел од таа бранша и соработува со многумина од нив или е пријател, како ги одбра луѓето што се во книгата?
Важно ми беше во книгата да се поместат биографии и портрети на музичари од различни бранши затоа што ја делевме истата судбина. Битно ми беше да се тоа музичари на кои живите настапи што беа забранети, им претставуваат единствен приход што сега изостануваше.
Зошто е важно прашањето кое им е поставено на луѓето „зошто ја избрале музиката како професија?“
Секој што се занимава со некаков вид уметност има една заедничка црта, а тоа е дека најприродно на сите ни доаѓа да се изразуваме преку неа. Ние сите во себе носиме таков единствен порив, без кој не можеме да живееме и без кој би биле сосем други. Сакав тоа јасно да им го претставам на читателите и да не се заборави… тоа нас музичарите нè дефинира.
За време на пандемијата, а и во постпандемискиот период сведоци сме на големи кратења и ограничувања во културата. Секојпат кога ќе се случи нешто, прва на удар е културата. Колку еден ваков симболичен чин како што е книгава може да укаже на деструктивната практика постојано да се крати, гаси и ограничува светот на културата на домашен план?
Во цивилизираните земји тоа не е случај. Со разни даночни олеснувања, но и голема општествена свест, огромен број компании ја избираат токму културата и со вложувања во неа го помагаат нејзиното одржување и развој, токму како важен дел од општествената одговорност. Ние се фалиме дека сме колевка на цивилизацијата, но забораваме дека културата е најсилниот и најзначаен столб на цивилизацијата. Од декларативна заложба на нашите политички елити, ретко нешто се реализира во реалноста. Доколку ги прочитате политичките програми на сите партии, на сите досегашни избори ќе видите дека културата обично е едвај застапена на крајот од програмата, на половина страница декларативен наратив.
Книгата беше наградена на Саемот на книга 2023 за општествена ангажираност. Каква е улогата на музиката и на културата воопшто на градење подобро општество и помагање на луѓето да ги пребродат овие тешки времиња?
Како што и претходно спомнав, токму музиката беше најчесто употребувана во домовите за време на карантините за да луѓето што беа останати без работа, во неизвесност, исплашени за иднината, би можеле барем малку да го задржат менталното здравје и да створат некаков привид на нормалност.
Каква приказна ќе раскаже изложбата на фотографии која е дел од „Забранети луѓе“? Што таа ќе каже а што книгата не го кажала?
Изложбата за мене претставува сосем поинаков медиум од книгата. Книгата се искусува лично и во сопствен ритам, содржи и текстуален дел и останува во библиотеките, па можеме на неа да се навратиме. Изложбата нуди поинтензивно и заедничко искуство. Повеќе од тоа, изложбениот простор ги стимулира социјалната интеракција и дијалогот меѓу посетителите, бидејќи тие можат да разговараат за нивните интерпретации, да споделуваат свои мислења и да се вклучат во разговори со фотографот или со другите присутни. Токму овој заеднички аспект може да создаде чувство на споделено искуство и поврзаност, што често недостасува кога ја консумираме книгата индивидуално како медиум. Да резимирам, додека книгата нуди поинтимно, лично искуство со фотографиите, изложбата нуди мултисензорско, пространствено и заедничко искуство на изложените фотографии.
Зошто е џез-музиката и нејзината култура толку интересна за фотографите?
Џез-музиката и нејзината култура носат во себе силни наративи и тоа ја прави мошне податлива за фотографирање. Таа е позната по спонтаноста, импровизацијата и живата енергија. Овие квалитети им обезбедуваат на фотографите можност да ја забележат динамичноста исполнета со страст, емоции и креативност на џез-музичарите.
Koја е пораката што би сакал посетителите на изложбата да ја разберат?
Оваа изложба е мое прво претставување како фотограф на пошироката јавност. За мене е повеќе значајна темата за која сведочат фотографиите и тие се надевам ќе доловат дел од тешкотијата на живеењето на музичарите што беа забРанети луѓе, визуелно ќе ја раскажат сериозноста на тој период. Затоа се решив за црно-бели фотографии снимени во еден мрачен простор, кој треба да асоцира на нашите емоции во моментот на нивното настанување.
Многу често може да се чуе името Шпато како важно за музичката култура во Македонија, меѓутоа многу малку се знае за него и за неговите достигнувања. Дали можеш да го објасниш значењето на Драган Ѓаконовски – Шпато за современата македонска музика?
Едноставно е. Практично од појавата на Шпато започнува македонската забавна и џез музика на нашите простори. Значајна е неговата појава и од причина што тој ги оформува првите џез-бендови и оркестри во Македонија, но она што го прави за мене уште поинтересен е дека тој е навистина врвен во својата музичка експресија и како композитор, но и како аранжер со неговото совршено чувство за вметнување на македонскиот звук и ритам во забавната и џез музика. Неговите композиции и аранжмани за разни видови ансамбли, биг бенд и вокални состави имаат инспирирано огромен дел од нашите музички дејци од различни музички жанрови. Како што Бразил го има својот Жобим, Америка својот Гершвин и Кол Портер, така ние го имаме Драган Ѓаконовски – Шпато.
Какво значење имаат неговите песни и оставина за тебе?
Неговите песни на обичниот слушател му изгледаат едноставни, а за нас музичарите неверојатно хармонски богати и силни. Можеби токму во тоа е неговата уникатност. Тие се прекрасен дел од македонската современа музика. Обично за секоја песна ги врзуваме пејачите и ретко кој знае кои се авторите на големи хитови, не само кај нас туку и во светот. Никој нема да каже: Баш ми се допаѓа „My Way“ од Пол Енка, туку сите ќе речат „My Way“ од Френк Синатра. Но, кај Шпато ситуацијата е обратна. Неговиот печат се чувствува и дури асоцира на цел еден период од македонската забавна и џез музика како „од времето на Шпато“.
Каква приказна раскажуваат песните што се отпеани на албумот „Те носам во себе“, кој е во соработка со Мартин Ѓаконовски?
Морам да признаам дека особено ме радува фактот што на еден ваков албум, кој треба да претстави дел од творештвото на Драган Ѓаконовски – Шпато, Мартин Ѓаконовски реши јас да сум вокалниот солист на албумот. Тој факт за мене претставува особена чест, задоволство, но и навистина огромна одговорност кон негувањето и промовирањето на тоа извонредно творештво и сето тоа во соработка со врвни музичари како самиот Мартин, Гордан Спасовски, Кирил Кузманов, Барт фон Лиер, Пол Хелер и Левин Ѓаконовски… не можам да бидам посреќен. Јас сум презадоволен од резултатот на таа соработка и овој албум сметам дека е еден од најзначајните проекти на кој воопшто се наоѓа моето име.
Песниве што наскоро ќе бидат испеани во живо за концертот во малата сала во Филхармонија, биле пишувани за различни пејачи од некои други времиња. Една од песните во оригинал е отпеана и од Есма. На кој начин им пристапивте на песните за да ги доведете да бидат релевантни во оваа нова доба?
Песните отпеани од Есма, Диме Поповски, Зоран Милосављевиќ, Виолета Томовска и други во тоа време врвни наши интерпретатори, се длабоко врежани во сеќавањата на македонската публика. Она што ние се обидовме да сториме е да им внесеме нов живот и тоа својствен за нас, како џез-музичари. Сакаме да го испочитуваме авторот на песните токму во стилот што најмногу би го израдувал, а тоа е џезот. Тие секогаш ќе бидат популарни кај нашата публика, а во нашиот пристап кон нив само ја посочуваме неговата големина како композитор во чии песни врвни џезери можат да пронајдат своја инспирација, а се надевам публиката тоа и ќе го препознае.
Твојата кариера трае повеќе од 30 години со настапи ширум светот и со домашни и со странски уметници. Како некој што има соработувано со стариот биг бенд на РТС и е еден од симболите на џез-културата во Македонија, какво е твоето мислење за новите генерации џез-музичари вклучувајќи го и новиот национален оркестар на ЗЏМ со кој ти често соработуваш?
Јас ја имав среќата многу млад да започнам да соработувам и настапувам со тогашниот биг бенд на РТС. Илија Пејовски, Кире Костов, Дамир Имери, Бедрија Синаноски, Љупчо Мирковски, Радослав Шутевски, Зоран Јовановиќ – Лимо и други, ми беа навистина од голема помош и бргу ме прифатија како свој. Во М2 студиото се чувствував буквално како дома и секојдневно бев присутен на пробите и на снимањата бидејќи сакав да впивам знаење и искуство од своите повозрасни колеги. Сметам дека тоа искуство многу ми помогна во понатамошната музичка кариера. Бев страшно разочаран кога престана со работа биг бендот и огромен дел од мојата музичка активност со тоа замре.
Со формирањето на ЗЏМ биг бендот, повторно ми се отвори огромна можност да настапувам со таква прекрасна формација и еве веќе неколку години по ред имам по неколку настапи годишно со нив. Младите колеги се извонредни инструменталисти, длабоко посветени на џезот, и сметам дека тоа што државата конечно ја препозна потребата од институционализирање на составот е огромна придобивка за македонската култура, за сегашните и идни џез-музичари, но секако и за публиката што го сака тој моќен звук.
Ако треба да издвојам некого од помладите со кои често соработуваш, тоа се пијанистот Гордан Спасовски и саксофонистот Кирил Кузманов. Тие настапуваат со тебе често, а и беа дел од албумот што го објави пред пандемијата „Midnight Conversation“. Што е тоа што ги прави овие луѓе толку интересни поради што често соработуваш со нив?
За мене нема поголема среќа што во Македонија имам помлади колеги со кои соработувам, а кои со својата инвенција, виртуозност и посветеност кон џез-музиката се на светско ниво, односно по ништо не заостануваат зад своите колеги од белиот свет. Во последниве неколку години практично и не постои мое концертно претставување, а на него да не сум придружуван од исклучителните помлади колеги, веќе споменатите Гордан Спасовски, Кирил Кузманов, но и Трајче Велков и Кирил Туфекчиевски и Иван Иванов. Поради појавата на овие млади џез-музичари, сигурен сум дека македонската џез-музика има перспективна и плодна иднина.
Ако се земе предвид дека во државава го имаме еден од најдолговечните џез-фестивали чија програма е прогресивна и авангардна, потоа имаме нови генерации џез-музичари и настани и институции, дали џез-музиката сè уште има своја привлечност за младите слушатели?
Џез-музиката секогаш ќе биде привлечна за млади луѓе што имаат изграден вкус за музика. Тие точно знаат што сакаат да чујат и во денешно време можат да видат преку интернетот како функционираат и концертираат џез-состави во светот и да направат споредби. Претпоставувам дека ги привлекува разноликоста на џез-стиловите и експресијата што во себе ја носи секој џез-музичар и верувам дека им е особено драго што токму Македонија изобилува со голем број врвни џез-музичари. На тоа укажува и огромната публика што постојано ги следи нашите концерти, без разлика дали станува збор за биг бендот на ЗЏМ или за помалите формации од членовите на ЗЏМ.
На кој начин може да се привлечат млади луѓе во светот на џезот кога стандардните и популарни џез-песни или композиции се стари најмалку половина век?
Џез-стандардите за џезот го претставуваат истото што и железниот репертоар за класичниот балет или симфониски оркестар. Разликата е во тоа што џезот дава и слобода за различна интерпретација на одреден џез-стандард, а со тоа само се зголемува љубопитноста кај публиката, за кое како и кај нас музичарите секоја нова изведба е нова креација. Да го парафразирам Пејовски: Класичните музичари ги интересира како ќе отсвират, а џез-музичарите што ќе отсвират.
Како некој што постојано настапува со различни генерации музичари и со различни состави, на кој начин ја одржуваш свежината на она што го правиш со рамките на џез-музиката?
Навистина не е едноставно да си на сцената повеќе од 30 години, а да задржиш релевантност кај својата публика и да заинтересираш нова со своите изведби. Можеби тоа го правам со тоа што секогаш внимавам репертоарот да ми е интересен, постојано го надградувам, а во последно време го проширувам и со репертоар на за мене нови јазици. Претпоставувам запознаени сте со моите музички прошетки, како што ја нарекувам серијата концерти што секоја година ги правам, каде што пробувам да ја анимирам и да ја запознаам публиката со прекрасна музика од целиот свет. По „Француски шансони“ следуваше „Звуците на Бразил“, па се надевам годинава и „Кубанска авантура“ каде што композициите ги исполнувам на јазикот на кој се напишани. На тој начин на мојата публика ѝ претставувам нова музика, не секогаш хитови од далечни земји, туку музика што, пред сè, е убава и квалитетна. Веќе го споменавме концертот „Те носам во себе“ на кој ќе изведувам песни од Драган Ѓаконовски – Шпато, но и неколку проекти на кои во меѓувреме работам, а треба во иднина да бидат издадени, како трибјутот за Нет Кинг Кол, снимен со Мартин Ѓаконовски трио на кој гостува сега веќе заминат вечно во музичките легенди, неверојатно маркантниот џез-трубач Душко Гојковиќ, кој нашата публика имаше можност да го проследи во живо на неколкупати во Македонија, еден проект со композиции на мојот најверен сегашен соработник Гордан Спасовски и уште неколку изненадувања што ќе следуваат во блиска иднина.
Ненад Георгиевски