Полни раце работа оваа година ќе има басистот Џоле Максимовски. Покрај тоа што истовремено е дел од повеќе музички бендови, годината ја почна со концертно претставување на свој авторски музички материјал. Одбрана публика премиерно можеше да го слушне материјалот на „Максимовски јунајтед“ веднаш по божиќните празници во „Аудиокултура“. Композициите звучат возбудливо и раскошно. По многу години работа со други бендови, тука се гледа (слуша) дека Џоле компонирал музика како за своја душа, односно за својот инструмент (бас-гитарата) во водечка ролја, која е придружена со силен ритам на тапаните и обоена со необичен спектар звуци од клавијатурите. Финалната продукциска верзија на материјалите сѐ уште се „крчка“, но и првата импресија беше доволно атрактивна за разговор со Џоле Максимовски.
Новата 2023 година ја отвори со настап во живо на 11 јануари во „Аудиокултура“. Концертот беше насловен „Holymood music session“ на „Максимовски јунајтед“. Дали тоа, можеби, значи дека ова ќе биде година на твоја авторска музика?
– Токму така… Особено задоволство ми е што ја почнав годината со авторски концерт, и тоа во „Аудиокултура“. Тоа место има светски „вајб“. Годинава планирам да се занимавам со новиот материјал што го слушнавте на 11-ти јануари.
Колку време и со кого ги подготвуваше новите композиции, и дали „Максимовски јунајтед“ е твојот нов бенд?
– Музиката е рефлексија на амбиентот, луѓето околу мене и местата на коишто бев последниве година-две. Материјалот го подготвував во домашен амбиент, а на него учество земаат мои пријатели и соработници, а тоа се Александар Ванчовски Џигер на тапани, Александар Никодиновски на клавијатури и уште неколку артисти, кои ќе ги откријам кога ќе биде готов албумот. „Максимовски јунајтед“ е прв бенд во чие име стои моето презиме, така што означува и целосен авторски концепт… И да, тоа е мојот најнов бенд.
Планирано ли е материјалот да се појави и на носач на звук, односно дали се планира студиска снимка на истиот?
– Да, веќе се снимени 80 проценти студиски материјал, деновиве снимам со еден извонреден гостин, така што работата се привршува… И да, секако ќе оди на носач на звук.
На повеќе композиции се чини дека бас-гитарата има функција на водечки солист. Колку со овој начин на компонирање практично се истакнува твојот начин на свирење бас?
– Голем удел во тоа има фактот што повеќето песни се направени дружејќи се со бас-гитарата, така што и темите сам ги свирам, се разбира, не секогаш. Јас преку мојот начин на свирење ги искажувам идеите што ги имам.
Колку техники на свирење бас-гитара досега имаш применувано во различните состави во кои досега си настапувал?
– Многу техники, во зависност од тоа каква потреба има песната. Техника со прсти, со трзалица, слапинг. Техниката се добива кога си помлад, потоа само се надоградува и се вежба за да останеш во форма, така што повеќе и не размислувам кои техники ги употребувам додека свирам, едноставно, треба добро да звучи.
Познато е дека многу години (можеби 20-ина) беше дел од триото на Влатко Стефановски. Беше дел и од „Архангел“, „Гаро и Парамециум“, „Мугер фугер“, „Алшар“. Дел си од „Темпера“, „Кабадајас“, „Беневентан трио“… Како сите овие искуства влијаеле врз твојот развој како музичар?
– Сите овие артисти, бендови и пријатели ми дадоа можност да се обликувам како музичар и како човек, пред сѐ. Безброј патувања, снимања, мамурни утра, весели и гранде концерти, клубски свирки со одбран аудиториум, сето тоа собрано на купче, сум јас.
Покрај најновиот авторски проект, со кои бендови и понатаму продолжуваш да работиш?
– Покрај „Максимовски јунајтед“, годинава имам неколку проекти и концерти во најава, со „New Blue Trio“ (Давид Нешкоски, Дино Милосављевиќ и јас), како и со артисти како Мухамед Ибрахими, „Ларта“ (Дино Милосављевиќ и другарите од „Сетстат“), Владимир Четкар, „Функаделика“ (Давор Јордановски), „Темпера“, Рис Флауер и други. Ако некого заборавив нека се јави!
Тони Димков
Фотографии: Аудиокултура / Стефан Рајхл