Фантастичен список на соработки со светски познати музичари има Џијан Емин зад себе. На списокот се Дерик Меј, Хуан Аткинс, Џеф Милс, Франческо Тристано, уметници – добитници на Оскар и на Греми, а минатата година настапи и со светската џез-легенда Курт Елинг. Многубројни се и неговите концерти како диригент и аранжер со оркестарот на Филхармонија.
Активен е и на домашната џез-сцена како член на Здружението на џез-музичари и слободни уметници (ЗЏМ), кое, пак, е основата за создавањето на ЗЏМ Биг бенд оркестарот и дискографската етикета „ЗЏМ Рекордс“. Во последно време активен и во креацијата на комплексни музичко-визуелни перформанси.
Најнов музичко-поетски и визуелен перформанс на кој работиш во овој период е „Диши љубов“, кој ќе ја има својата премиера на 25 март (петок) во Концертната сала на Филхармонија. За што поточно станува збор?
– Станува збор за сосема нов и уникатен проект, во кој музиката создадена низ песни раскажува љубовна приказна. Музиката ќе биде изведена од бендот „oVo“, составен од извонредните Драган Гиновски Гино – гитара; Ади Имери – гитара и вокал; Дарко Мучев Мучо – бас гитара и Гоце Стевковски – тапани, заедно со „Магичниот гудачки ансамбл“, во кој членуваат музички уметници од Филхармонија и хорот „Магични гласови“. Сцената ќе биде збогатена со визуелни ефекти специјално создадени за овој настан од уметникот Емил Петров.
Според имињата на учесниците во проектот, пола од нив се од џез, а пола од рок-сферата. Како се создаде овој музички конгломерат?
– Мислам дека работите секогаш сами си доаѓаат на вистинското место. Некогаш треба повеќе време, некогаш повеќе труд, но најчесто најдобри соработки се оние што се направени без многу непотребна мака. Мислам дека и овој проект има таква аура. Така што, сите учесници се дел од проектот поради нивната желба за убаво и подобро утре. Наједноставно кажано, супер ни е додека свириме.
Мислам дека работите секогаш сами си доаѓаат на правото место
Стиховите ги напиша Тина Иванова. Каква ќе биде приказната и пораката на перформансот?
– „Диши љубов“ пее за љубовта прикажана во сите нејзини лица – тажна, меланхолична, дури и трагична, среќна, возбудлива или полна со страст. Љубовта што сите нè „демне“ во текот на сиот наш живот, љубовта без која не би можеле да опстоиме, без која не би можеле да дишеме, љубовта по која копнееме. Пее за Скопје, за здивот и духот на градот. Всушност, зборува за две суштински појави, без кои човекот не би можел да опстои – воздухот и љубовта.
Постер за перформансот „Диши љубов“ во Филхармонија
Пред Нова година беше изведен друг перформанс, по мотиви на повеста „Улица“ од Славко Јаневски, со сценарио на Матеј Богдановски и режија на Филип Херин. Таму беше водач на бендот како солист, вокал и композитор. Во последно време почесто се појавуваш со комплексни визуелно-музички перформанси. Дали тоа е твојот нов предизвик?
– „Улица“ е одлично искуство од повеќе аспекти. Најголемата инспирација за овој настан беа текстовите на Славко Јаневски, кои се вонвременски. Јас почнав да правам песни на некои стихови, и така тргна. Бидејќи сѐ се случи многу брзо, немавме време да бараме вокален солист и така некако јас ја презедов таа улога. Ми годи и добро ми е кога свирам гитара и пеам. Ме потсетува на раната младост и ми буди убави спомени. Дополнително се создаде одличен бенд, кој еве повторно ќе го слушнеме во ново издание. Секогаш сакам повеќеслојни комплексни уметнички дела и би било одлично да имаме можност овие два проекта да ѝ ги презентираме на пошироката јавност.
Стабилна база за твојата работа се ЗЏМ Биг бенд и ЗЏМ Колектив. Какви познавања бара работата со оркестарската џез-музика?
– ЗЏМ Биг бендот е во постојан процес на прогрес и со тоа барањата стануваат поголеми. Секогаш од сите, вклучувајќи и од мене, се очекува подобра реализација. Работа со оркестар воопшто, во основа е комплициран процес гледан од повеќе аспекти. Тоа е жива материја што се менува во зависност од контекстот во кој е поставена. Не секогаш сите музичари имаат афинитет кон програмата што треба да се изведе, а се очекува од диригентот да најде начин како да успее да ги мотивира музичарите и да ја стекне нивната доверба во процесот. Од уметнички и технички аспект се очекува потполно познавање за можните начини на изведба, кои особено во џез-културата имаат широк опсег.
Секој оркестар со кој работи Џијан Емин е „магичен“
Минатата година во Загреб со ЗЏМ имавте настап со светската џез-легенда Курт Елинг. Како таквите искуства влијаат врз твојата понатамошна работа?
– Концертот со Курт Елинг беше прекрасно искуство. Со самото тоа што имавме заеднички концерт со еден од најдобрите џез-вокали на денешницата е голем показател дека сме на добар пат. Да се биде на сцена со голем уметник е огромно искуство. Одеднаш сѐ е лесно, сѐ оди… секако ние чесно го одработивме нашиот дел со пробите во Скопје, за во Загреб да имаме само една кратка непотполна проба со Курт Елинг. Концертот помина одлично и хрватските медиуми пријатно изненадени не штедеа пофални зборови за нашиот ансамбл. Чувството е прекрасно некој да ти каже: дечки, многу бевте добри!
Концертот со Курт Елинг беше прекрасно искуство
Повеќе концерти со различна жанровска определба имаше со оркестарот на Филхармонија. Каков е твојот актуелен статус во Филхармонија?
– Прашањето не можеше да дојде во подобро време. Покрај тоа што сум бил дел од многу успешни различни жанровски концерти за кои публиката посведочила, сепак имам чувство како да сум под лупа при секој нов проект што го работам со Филхармонија. Секој концерт како да ми е прв. Како вчера да сум се родил. Од една страна тоа е добро за мене, бидејќи ме одржува во една постојана младост, а од друга страна е малку напорно, затоа што постојано сум сведок на некакви чудни и нејасни енергии. За ова можам да зборувам многу, но само ќе кажам дека мојот статус во Филхармонија во моментов за мене е нејасен. Моите желби за креирање музика се јасни и тоа е она што ме одржува во живот и ќе продолжам да го правам тоа додека сум здрав и жив.
Каде во себе го откриваш извориштето на целиот тој спектар музички интереси и професии (композитор, диригент, аранжер, вокалист)?
– Не можам да имам јасна слика како јавноста гледа на менувањето на мојата улога како уметник во различни ситуации. За мене тоа е сосема нормален процес, каде што јас ги користам сите горенаведени професии како алатки за поефикасна реализација на идеите. Тоа се, секако, драматично различни состојби, но уживањето во тие состојби за мене е огромно и не можам, ниту пак сакам, да изберам што најмногу треба да правам. За среќа на околностите, некако успевам да се носам со задачите и бескрајно сум благодарен што можам да уживам во она што го правам.
Сепак, најголемата среќа и награда за мене се насмевките на лицата на публиката или кога некој непознат на улица ќе ми каже: Браво! Терај, само напред. Тоа е за мене многу повеќе од доволно за да продолжам понатаму.
Автор: Тони Димков
Фотографии: Маја Аргакијева