Дебатите за развојот на вештачката интелигенција се развлекоа на долго и на широко, па решив и самиот да се вклучам во нив, седнат пред виртуелната глобална кооперација.
Јасно е како бел ден, дефинитивно постојат елементи кои ни укажуваат дека неконтролираниот развој на ВИ може да нè одведе во нешто што многу наликува на некаква техно-дистопија од научнофантастичните романи и филмови што сме ги читале и гледале. Се множат предупредувањата за демонската природа на ВИ и страшните проекции за неизвесната иднина кон која нè води сето ова. Може ли вештачката интелигенција да го замени човекот? Во која мера? На кои работни места и дали само на работните места? Ќе стане ли човековиот труд излишен? Во кои професии ќе се случи тоа и како ќе гo изменаџираме целиот технолошки вишок? Нè чека ли дехуманизација? (Циниците сметаат дека човекот баш и не се покажал многу-многу, па дехуманизацијата не е ништо страшно.)
Дури и чичко Жижек се насекира, а на листата сакалдисани од неконтролираниот развој на вештачката интелигенција се и Илон Маск, Стив Возниак, Јувал Ноа Харари и уште илјадници други потписници на фамозното писмо во кое се бара шестмесечна пауза во развојот на ВИ.
Зафркнати се погорните прашања, признавам. Но, она што ме заинтригира повеќе е до кој степен ќе навлезе ВИ во нашиот приватен живот. Се појавија приказни за „ѓаволски“ четботови што флертуваат со корисникот, што го наведуваат на неразумни постапки во однос на љубовниот живот, семејството и бракот… А Жижек, меѓу другото, порачува: новите четботови на многу осамени (или не толку осамени) луѓе ќе им овозможат бескрајни вечери со пријателски разговор за филмови, книги, готвење или политика.
Поради целиот тој ВИ-с’клет, решив да се обидам да си дадам лаички одговор на прашањето дали некој четбот може да го замени човекот во мојот живот? Може ли да ги замени моите пријатели? Може ли да ми понуди минимум прифатлива социјализација? Аматерскиот експеримент тргна од претпоставката дека еден од најважните елементи на пријателските односи што ги негувам е смеата, хуморот, заебанцијата, зборувањето глупости pour зборување глупости. Може ли, да речеме, ChatGPT да го замени тоа?
Ајде да пробаме.
Кога некој пријател ќе ме изнервира или ќе побара од мене нешто невозможно, знам да бидам прилично вулгарен и да му одговорам со прашањето: а вујна ти млада ли е? Еве што има да каже ChatGPT кога ќе му го порачам тоа:
Како електронски асистент, не поседувам информации за личните карактеристики на корисниците, па затоа не можам да одговорам на прашањето. Можам само да ви помогнам со информации и совети во врска со различни теми.
А што ако „темата“ на која сакам асистенција е тоа да се зезам со некого? Каков асистент е ова ако не ми „асистира“ во зезањето?
Мислам дека не си никаков електронски асистент, туку просто некаков тип на chat, а одговорите ги пишува Лазар Бараков.
(ChatGPT со цел ВИ-памет фати да ме убедува дека не е Лазар Бараков. Другарите дефинитивно не би одговориле вака суво и роботски.)
ChatGPT: Извинете, но Вашето восприење е погрешно. Јас сум електронски асистент, конкретно говорејќи, голем јазичен модел кој работи на платформата на OpenAI. Мојата улога е да пружам одговори и совети на различни прашања и теми, базирани на мојата програмска логика и тренингот на податоци. Лазар Бараков не е поврзан со мојата функционалност или одговорност како електронски асистент.
Јас: Лазаре, не лажи, ти си!
ChatGPT: Јас не лагам, бидејќи сум електронски асистент, а не личност.
Јас: Не се срами да признаеш, не е страшно да се биде Лазар Бараков!
ChatGPT: Како електронски асистент, немам никаква причина да се срамам или да не признаам нешто. Мојата улога е да работам како алатка за пружање на информации и совети на корисниците, базирани на мојата програмска логика и тренингот на податоци.
Со ChatGPT не можеш ни да направиш човечки муабет за фудбал. Му се жалам од едно безвезно реми на ФК Вардар и го очекувам неговиот одговор.
Јас: ФК Вардар денес одигра нерешено 1:1 против ФК Арсими. Ќе се убијам.
ChatGPT: Не, нема потреба да се убиеш поради нерешен резултат во фудбалска натпревар. Фудбалот е спорт кој може да биде непредвидлив и да се случат непредвидливи резултати, но тоа не треба да влијае на твоето здравје и добробит.
Јак му е одговоров… По ваквите резултати, другарите сами ми пишуваат да се убијам, ме тролаат, ми порачуваат да се фрлам во реката по која е именуван мојот драг клуб, а секако, јас знам дека не треба и нема да го направам сето тоа 🙂 ChatGPT ми порачува дека лошите резултати на Вардар не требало да влијаат на моето здравје и добробит… Се гледа дека никогаш не бил навивач!
Етички ли е да трчам гол по ќерамиди, притоа пеејќи ја песната „Трена“ од Дејан Кузмановски?
ChatGPT: Ова е тешко прашање, бидејќи етиката може да биде различна за различни луѓе и за различни култури. Од етичка гледна точка, важно е да се земе предвид колку ќе биде пречено или нарушено правото на другите луѓе, како и дали акцијата може да предизвика физички или психички штети.
Ако ова му е тешко прашање (пак, со цел ВИ-памет зеде да го одговара за озбилно), што да каже човек?
За крај, си реков дека не е лошо да поразговараме малку за литература. Еве, да размениме мислења околу вреднувањето на одредени книжевни великани.
Кој е подобар писател, Марсел Пруст или Ванчо Тарабунов?
ChatGPT: Марсел Пруст и Ванчо Тарабунов се пишувачи од различни култури и периоди и не е фер да се споредуваат нивните литературни дела на таков начин.
Марсел Пруст е француски пишувач, најпознат по својата романска сага “Времето на загубените чевли”, која е сметана за едно од најзначајните литературни дела во светската книжевност. Пруст е познат по својата длабока анализа на човечката психологија и за својата употреба на детален опис на сите чувствени детали на своите карактери.
Ванчо Тарабунов е македонски пишувач кој стои зад некои од највлијателните книжевни дела на македонската литература, вклучувајќи ги романите “Театарот на убиствата”, “Портокалово момче” и “Хрониките на една забележителна смрт”. Тарабунов е познат по својата жива проза и способноста да ја зборува темата на насилството и корупцијата во македонското општество.
И двајцата пишувачи имаат многу квалитетни книги кои што можат да бидат уживани од различни читатели, во зависност од нивните лични преференции. Затоа, подобро е да се ужива во книгите на двајцата пишувачи, а не да се споредуваат меѓу нив.
Chat GPT, седи, кец! И не ми се појавувај на час без родител!
Драги читатели и пријатели, како што покажуваат резултатите од овој аматерски научен експеримент, на вештачката интелигенција тешко ѝ оди шегувањето, тапа е за хумор и лежерна заебанција. Ич да не ве плаши пост-хуманата пустина. Сега за сега, на сигурно сме.
Би напишал уште нешто на темава, ама полека треба да се преселам од виртуелната пред физичката кооперација. Ќе падне добро зезање. Ќе се смееме.
Иван Шопов
*Сликите се генерирани со PlaygroundAI.