Кога и да помислам на моите пријателства и на односите што ги имам со моите пријатели, како нишка ми се провлекува мислата колку тие се општествено детерминирани. Разговорите што ги имаме, чувствата што ги споделуваме и допирите што ги криеме. Дали начинот на кој сум пријател е прифатлив за другите и за општеството? Дали ја преминувам границата на пристојност и почитување на личните граници на другите? Кај односите со машките е уште покомплицирано. Притисокот е уште поголем. Како да бидам искрен пријател, но и маж во исто време? Како да ги задоволам своите потреби за блискост, а да останам маж? За жените ова никогаш не било проблем, во средно училиште секој голем одмор се држеа за рака. За машките ова не беше дозволено. Сега како возрасен маж, со целото искуство зад мене, се прашувам што ми е денес дозволено? До каде и на кој начин смеам и можам да ги сакам моите машки пријатели?
Една нова студија ги истакнува придобивките од машкото пријателство. Истражувачите од Универзитетот Беркли, Калифорнија, проучувале како пријателството влијае врз машките стаорци. Кога биле сместени заедно, машките стаорци често покажувале агресија еден кон друг. Тие често се карале за храна и вода. Меѓутоа, откако доживеале благ стрес, стаорците станале покооперативни и сè посоцијални. Тие престанале да се караат и почнале да стануваат многу попријателски еден кон друг. Тие се стуткувале заедно и барале утеха еден од друг. Гушкањето со другите стаорци, довело до зголемено лачење окситоцин во мозокот. Се чини дека окситоцинот, познат и како „хормон за добро чувство“, им помага на стаорците да се справат со стресот. Бромансата направила тие да се чувствуваат подобро.
Зборот bromance е кованица од англиските зборови bro (скратено од brother, што значи брат) и romance, што значи романса. Под bromance или броманса главно се подразбира истополово, несексуално машко пријателство кое, сепак, е исклучително блиско и интимно. Оваа поврзаност ги надминува вообичаените машки пријателства и во некои случаи, е иста или ја надминува хетеросексуалната романса. Во денешниот свет каде што физичките задоволства станаа сè подостапни, сè повеќе момчиња бараат блиски пријателства, во кои ќе бидат целокупно прифатени со своите емоции и размислувања. Оваа поддршка и прифаќање сè почесто ги наоѓаат кај своите машки пријатели. Дружењето на овој начин ослободува окситоцин во човечкиот мозок – а зголемениот окситоцин може да им помогне на мажите да живеат подолг и поздрав живот. Иако некои го нарекуваат окситоцинот и „хормон на љубовта“, емоционално интензивните платонски врски исто така го зголемуваат лачењето на овој хормон.
Утврдено е дека бромансата на мажите им нуди зголемена емоционална стабилност, зголемено емоционално откривање, социјално исполнување и подобро решавање конфликти, во споредба со емотивниот живот што го делеле со девојките. Машкото пријателство нуди утеха во светот исполнет со притисоци и очекувања. Исто како кај глувците, и луѓето по долгиот ден поминат во „борба“, околу себе бараат сигурно место во кое ќе бидат прифатени и сакани за тоа што се. Многумина од мажите ова го добиваат од своите пријатели наместо од своите партнерки, кои имаат очекувања и од самите себе и од нивните партнери. Бромансите сè повеќе личат на романтичното дружење од традиционалните очекувања, како на пример изјавите на љубов, гушкање и ексклузивна емоционална доверба. Тие се сигурна зона без критики и притисоци за тоа што се очекува од нив.
Бромансата не е ништо ново, низ вековната литература се развиени истополовите пријателства. Она што е различно е што женските пријателства низ историјата се опишани како „лице в лице“, а машките „рамо до рамо“. Мажите споделуваат интереси и активности; жените, самооткривање и емоционална поддршка. Мажите минливо се допираат еден со друг; жените се прегрнуваат. Мажите се безлични; жените се лични. Ова сè повеќе се менува, мажите се „гледаат в лице“ и нивните односи стануваат сè повеќе лични. Не е само потребата да се оди во борба еден до друг, туку и да се стуткаат, да се поддржат и да се погледнат в лице. Да си го дадат она што општеството им го забранува и го прави табу, да ги надминат разликите што се наметнати, разликите на маженственоста и женственоста, на она што го прави еден маж – маж, а жена – жена, барем во западните општества. Страсните пријателства меѓу мажите се сметаат за немашки и културно проблематични бидејќи многу интимни и приврзани пријателства од ист пол имаат поголема веројатност да предизвикаат сомневање за хомосексуалност кога се појавуваат меѓу мажи отколку кога се појавуваат меѓу жени. Страста кај мажите е дозволена само ако е во служба на нешто друго, на пример да одат заедно во борба или да се заврши некоја работа. Додека жените можат да бидат страсни една со друга и да останат стрејт, кај машките тоа се гледа поинаку. Сепак, овие разлики не се универзални. Машко-машките односи во голем број земји вклучуваат прикажување емоции и наклоност. Во Индија воопшто не е чудно да се видат двајца пријатели како се држат за рака, за разлика од западниот свет.
Исто така, има истражувања што укажуваат на тоа дека мажи со силни интимни пријателства со други мажи се попосветени татковци и остваруваат позначајни врски со своите деца. Тие им се и поверни на своите партнерки. Мажите преку бромансата „учат“ (на потсвесно ниво) колку за нив се значајни односите засновани на доверба и прифаќање и тоа го пресликуваат во својот љубовен живот.
Бромансата можеби е измислена како решение, прифатливо културно сценарио направено за да им дозволи на момчињата како мене да бидат емоционално ранливи едни со други, додека се заштитени од стигмата на хомосексуалноста. Да можеме да ги задоволиме романтичните желби да бидеме приврзани едни со други, без да ја наруши нашата социјална соодветност – ја одржува нашата мажественост недопрена. За жените е ова одамна дозволено. Треба да бидеме тука едни за други, да се поддржиме во ова и да го прославиме пријателството како однос што ќе биде исполнет со љубов, а не со срам. Да ги поддржиме момчињата од секоја возраст да се сакаат и да го покажат тоа. Да се биде маж подразбира и искреност во нашите емоции. Да се биде маж значи да се биде свој.
Иван Христов
За подобро да се информирате за Мовембер и аспектите од машкото здравје кои се во фокус на оваа иницијатива, посетете ја веб страницата на Златен Даб.
Иван Христов е училиштен психолог и гешталт психотерапевт под супервизија. Има долгогодишно искуство во работа со деца од училишна и предучилишна возраст. Има работено на домашни и странски проекти од областа на образованието, раниот детски развој, менторирање, инклузија. Исто така тој е и обучувач од областа на психологијата и психолошката поддршка. Верува дека преку свесност, одговорност и поддршка можеме да го менуваме нашето однесување и да имаме поисполнето секојдневие.