Пери е ретка и интригантна аномалија во денешната музика и овој музички ренесансен човек се истакнувал во секоја област од музиката на која се има нафатено. Многумина што се одлични само во една креативна област од музиката, обично преминувањето во други жанрови го прават како излети, но не и Пери. Во последните 40 години, или со „Dead Can Dance“ или соло, тој имал истражено најразлични жанрови, географии, класична и амбиентална музика, како и најразлични народни музички традиции, кои потоа ги инкорпонирал во својата музика.
„DCD“ е група што во голема мера си дефинирала свој музички жанр и постигнала голем успех наспроти кариера што се базирала на бескомпромисна музичка визија. Неговата музика или како дел од „DCD“ или соло, претставува музика на поврзување, бидејќи во себе филтрирала различни уметнички форми и искуства.
Кога пандемијата го затвори светот и со тоа бил откажан вториот дел од светската турнеја на „DCD“ по повод 40-годишницата што била закажана за 2020 и 2021, Брендан Пери објави соло-албум „Songs of Disenchantment (Music from the Greek Underground)“, кој се состои од преработени стари ребетико песни, кои ги отпеал на англиски. Ребетико е музика што грчките бегалци населени од турско-грчката војна ја донеле со себе од Турција во 20-тите години на минатиот век, кога се населувале во поголемите градови во Грција. Таа се сметала за музиката на сиромашните, скршените, незадоволните и на отфрлените и избрканите. Честопати таа се нарекува грчки блуз и темите во песните зборуваат за љубов, загуба, дроги, но и приказни за бегалци. Музиката на ова издание како и на други изданија со „Dead Can Dance“ како „Dionysus“ или „Into the Labyrinth“ ја отсликуваат љубовта на Пери кон грчката и кон балканската музичка оставина и култура. Повод за разговорот беше овој албум и емоциите и идеите зад него како и за мултикултурната и повеќеслојна природа на „DCD“.
Песните на „Songs of Disenchantment“ се базираат на стари ребетико песни, само што се отпеани на англиски јазик. Што беше тоа кај овие песни од едно турбулентно и шарено време во Грција и нејзината дијаспора, кои Ве инспирираа да ги снимите и да ги објавите во некое друго турбулентно време? Што е тоа кај овие песни за кои чувствувате дека се релевантни сега, со своите приказни и пораки?
Освен фактот дека овие песни се неверојатно убави, тие единствено можат да бидат целосно ценети и доживеани од луѓе што имале слични искуства во животот. Ова е вистината за сите типови музика што споделуваат искуство преку песна. Сигурен сум дека секој што бил маргинализиран од општеството поради нивната раса, начело и професија и кои го предизвикуваат тој авторитет, ќе најдат песна што се однесува на нив во ребетико музиката денес.
Како првично дојдовте во контакт со оваа музика и со нејзината заднина?
Тоа се случи во Мелбурн, Австралија, во доцните 70-ти. Таму живее многу голема грчка заедница и понекогаш ја слушав таа музика додека се свиреше по грчките таверни и ресторани. Во тоа време немав поим дека станува збор за ребетико. Дури една декада подоцна во Лондон, откако ги чув Роза Ескенази и Рита Абаџи, можев да го категоризирам местото на оваа музика во еден специфичен жанр и историска рамка.
Дали имаше некакво истражување за заднината на оваа музика и за ерата во која била создавана, а која е поврзана со мангите (боеми и изгнаници)?
О, да, всушност и го направив тоа. Поминав месеци во читање, истражување и слушање ребетико песни како и вежбање бузуки пред дури и да одлучам кои песни имав намера да ги отсвирам. Ист е пристапот кон која било музичка традиција, која е адаптирана кон мојот стил на создавање музика. Истражувањето е неопходно за да донесе степен на автентичност кон процесот.
Албумот беше објавен среде глобалната здравствена криза со коронавирусот. На кој начин пандемијата влијаеше врз Вас и на личен и на уметнички план?
За среќа, сѐ уште можам да пишувам и снимам музика, но, за жал, не сум во можност да настапувам јавно што е мојот главен извор на приходи. На уметнички план, ова е време поминато во рефлексија за тоа што навистина е важно во животот… ова е повик за будење на многу нивоа и во голема мера ги изложи на виделина сите недостатоци на владите и на глобалната соработка. Нашиот свет цврсто се заснова на конкурентност на секое ниво, па затоа, кога дојде време за соработка со цел да се победи вирусот, ние бевме мизерно неподготвени и лошо опремени.
Живееме во тешки времиња полни со предизвици и светот е во навистина мрачна состојба. Какво е Вашето гледиште за вредноста на музиката и уметностите за време на овој период во кој сме?
Претпоставувам дека главната вредност на музиката во моментот за повеќето луѓе е да им помогне да избегаат од оваа многу стерилна и обезвреднувачка реалност. Се чини дека постои голема привлечност за музика што исполнува еден носталгичен копнеж за подобри времиња и да го чува тоа сеќавање, со цел да даде надеж за идните времиња. Лично би сакал да видам музиката да добие посилен политички тон во форма на критички информиран протест и свесност. Мораме да ги предизвикаме владите и корпорациите за да живееме во свет што нема да ни биде диктиран преку интереси и механизми за контрола, кои на нас гледаат само како потрошувачи. Ве молам, дајте повеќе протестни песни.
„Songs of Disenchantment“ не е првото дело во Вашиот опус кое е инспирирано од грчката музика и култура. Претходниот албум на „Dead Can Dance“, „Dionysus“, беше инспириран од митот за Дионис и идејата за креативно обновување и ревитализација. Што беше тоа кај овој мит што Ве привлече во оваа модерна ера и сакавте да го истражите подлабоко во Вашата музика со „DCD“?
Тоа беше поради тоа што повеќето луѓе се имаат отуѓено од природниот свет и го загубиле тоа што ги поврзува со Земјата. Тоа е химна за природата и во исто време е универзално славење на дионисиските ритуали, кои сѐ уште се изведуваат во светот денес.
Низ сета своја кариера, „Dead Can Dance“ покажале неверојатна разновидност и еден широк пристап кон создавањето музика. Од каде доаѓа интересот кај „DCD“ за мешање различни музички култури со современи звуци и сензибилитет, а кој резултирал во еден неверојатно разновиден опус?
Најверојатно тоа произлегува од тоа што сум имигрант, некој што постојано се движи од едно место кон друго. Отсекогаш сум бил љубопитен за другите култури и откако во голема мера го пропатував светот, дојдов до сознание дека наспроти нашите културни, лингвистички и религиозни разлики, ги имаме истите универзални надежи и аспирации. „DCD“ отсекогаш го славело универзалното наспроти работите што нѐ разделуваат.
Колку Вие лично длабоко ја истражувате музиката што доаѓа од најразлични култури, без разлика дали станува збор за грчки, за македонски или од кои било други места, со цел да функционираат заедно во рамките на идеите и на афинитетите на „DCD“?
Тоа е еден вид симбиоза. Ја апсорбирам и ја асимилирам една култура преку читање, слушање, гледање, сѐ додека таа не ја облее мојата потсвест и откако ќе помине периодот на креативна инкубација, почнувам да изведувам и да пишувам музика. Тоа што се случува е еден вид синкретизам, кој се отвора сосема природно и истовремено и почувствуван и промислен.
Многумина припишуваат спиритуално присуство во Вашата музика. Какво е Вашето гледиште за односот на Вашата музика со духовното?
Духот на животот, ритмите на животот. Сето тоа е за мене иста работа.
Лиса Жерар е некој со кого соработувате веќе долго време. Што е тоа што ја прави неа посебна и како вокалист и како креативно присуство за Вас? На кој начин хемијата што ја споделувате еволуирала со годините?
Таа е многу спонтана и непредвидлива. Во таа смисла, таа е многу храбра, да може да се верува на нечија способност да импровизира во моментот наспроти потпирањето на вежбање и одржување проби. Ова не функционира секогаш во практика, но кога функционира, тогаш создава нешто уникатно и божествено. Во таа смисла, таа е многу слободен дух. Хемијата се променила со годините едноставно поради тоа што таа не придонесува толку многу во албумите колку што би сакал. Кога таа ќе седне и ќе се фокусира на изведба со инструмент и ќе посвети време на создавање аранжман за нејзината песна, тогаш тоа може да биде прекрасно, но мислам дека посветува премногу од своето време во гостување како вокалист на дела од други автори и постојани турнеи.
За време на 2019-та бендот почна светска турнеја за да ја обележи 40-годишницата, а во чии рамки ги проследив кога настапија во Белград. Кои се некои од причините поради кои музиката на бендот има опстоено толку долго? Зошто се луѓето сѐ уште гладни за да ја чујат оваа музика?
Причината за тоа е бидејќи создаваме многу уникатна форма на музика, која ја слави универзалноста. Тоа е музика што има длабочина и силни и искрени емоции. Има душа. Ова е музика што може да биде искусена и со умот и со срцето.
Ненад Георгиевски