Неговата кариера грубо е поделена на два колосека, рок музика и авангардна класична музика. Мал е бројот на тие кои можат да ги премстат различните креативни светови со таква виртуозност и вкус како него а и да соработува со најреномираните уметници. Тука се вбројуваат Стив Рајш, Филип Глас, Катја и Мериел Лабек, Пол Сајмон, Bon Iver, Џони Гринвуд, Нико Мули, Кронос квартетот, Дејвид Ленг и Мајкл Гордон (Bang On A Can) и други. Голем дел од неговиот опус се дела по порачка од светски водечки ансамбли меѓу кои се Лондонскиот филхармониски оркeстар, Парискиот оркестар, Њујоршкиот филхармониски оркестар, Кронос квартетот (Aheym) и Карнеги Хол.
Исто така, активен е и како композитор на филмска музика и заедно со Руичи Сакамото и Алва Ното работеше на филмот на Алехандро Инариту „Повратникот,“ а автор е и на музиката за многу филмови меѓу кои „Сирано,“ „Двајцата Папи„ (со Ентони Хопкинс)„Кујната.“
Фановите на инди рок музика повеќе го знаат како основач на овој рок бенд заедно со неговиот брат близнак Арон, каде Брајс е и гитарист, аранжер, автор….Бендот зад себе има 8 албуми и во 2021 г. обележуваа 20 годишница од нивното истоимено деби издание.
Поводот за интервјуто беше делото „Impermanence“ кое тој го напиша за Австралискиот гудачки квартет а по порачка на Сиднејската танчерска група. Музиката и делото биле инспирирани од пожарот што го зафати Нотрдам а и пожарите кои ја зафатија Австралија на почетокот на 2020г. Поради пандемијата, и настапот на оваа трупа, а и промоцијата на ова издание на Деснер беа одложени и конечно промовирани во 2021 г.
На што би ја припишале разновидноста на вашите интереси и изданија? Член сте на The National, што е рок бенд, имате богат опус и историја како композитор на класична музика, а работите и како композитор за филмска музика и поп аранжер.
Моите почетоци се во класичната музика и како дете учев да свирам на флејта, а потоа студирав класична музика и како тинејџер почнав да свирам „гитари.“ Тогаш и се префрлив на гитарата. Мислам дека ова е делумно навистина американски феномен а тоа дека нашата популарна култура е толку многу дефинирана од афро-американската музика, од џезот, од рок музиката. Музиката беше насекаде т.е. таа што ја слушав. Поради тоа рано знаев дека многу ме интересира класичната музика и тоа поамбициозната – или историски репертоар или поновите креации, но исто така и музиката на нашето време како фолк музиката или џез или рок. Ги сакам сите форми на музика и навистина не почувствував потреба дека треба да направам избор.
Многу често, особено во класичната музика постои чувство дека морате да изберете, да се работи само една работа. Мислам дека е тоа идеја од 20 век особено за композиторите. Често на нив гледаме како на осамени генијалци, кои работат изолирани некаде, каде тие пишуваат музика но која не ја изведуваат самите. Очигледно во ренесансата и низ барокот па до раниот класицизам, композиторите биле импровизатори кои изведувале различни работи па поради тоа мислам дека ова не до толку чудно. Мислам дека композиторите како Доуленд, (Dowland), големиот изведувач на лејта и еден од големите англиски композитори, па дури и Моцарт – сите овие луѓе имале многу разновидни кариери. Што се однесува до мене, моите учители ме учеа да одберам само една работа, а јас го направив спротивното. За тоа мора да му се заблагодарам на моето семејство. Повеќето споредни проекти кои ги работам се со The National или проекти поврзани со брат ми близнак Арон кој е исто така музичар и многу често работиме заедно. Тој не е класично образуван па затоа работата со него е интересна. Луѓето често си мислат дека самиот ја сработувам целата работа но всушност половината од мојата кариера ја сочинуваат проекти заедно со брат ми. Веројатно треба да му се заблагодарам за неговата подршка и соработка.
Дали може да зборуваш за проектот „Impermanence“ и расположението и емоциите кои се обидуваше да ги доловиш?
„Impermanence“ беше порачка напишана за Австралискиот гудачки квартет (Australian String Quartet) и Сиднејската танчерска компанија (Sydney Dance Company) кои се една навиистина неверојатна, модерна танчарска компанија. Тие се како национална танчерска компанија на Австралија и се многу важна група каде директор и кореограф е Рафаел Боначела. Тој претходно имаше направено кореографија базирана на едно друго мое дело направено со друг гудачки квартет т.е. со Кронос квартетот и се викаше „Frame of Mind.“ Тоа беа постоечки работи и беше репертоар што тие го знаеа. Но во тоа време кога ме посети Рафаел во Париз, црквата Нортдам беше во пламен, а и Трамп беше се уште претседател и се случуваше ерозија.
Толку многу работи беа под напад и се чинеа кршливи. Нотрдам гореше, а исто така и во Австралија се случуваа големи пожари кои целосно ја променија средината таму. Со „Impermanence” сакав да напишам дело кое беше одраз на нестабилноста и кршливоста во животот, работи за кои мислиме дека ќе постојат долго но сепак се кршливи.
За музиката, си дозволив себе си – голем дел од концертната музика е многу активна и има промени кај текстурите. За ова танчерско дело, танчерите се многу физички активни, многу се впечатливи и се многу емотивни. Сакав да напишам музика која им се обраќаше ним, која ги ангажираше нивните тела, нешто инстинктивно. Ова не е неопходно интелектуална музика односно не е сложена музика. Направив нешто со минималистичка позадина. Тоа може да се спореди со „Wires,“ или со „Cabrel“ или „Skrik Trio“ кое беше снимено од Ensemble Resonanz. Ова е скоро како природна енергија, како центрифуга, која ја чувствувате и која ги зближува заедно работите. Друга интересна работа во врска со ова дело е дека се изведува во големи театри со одлично озвучување и сакав да го засилам преку користење електроника. Со тоа сакав да биде привлечно и моќно, како да го чувствувате во вашиот стомак, кое би направило богато чувство во вашето тело. Затоа има силен електронски пулс кој е суб-бас и суб-текстура која се провлекува.
Огромните пожари во Австралија, како и ред други лоши случувања на самиот почеток на 2020 беа првите рани знаци дека нешто лошо почнува да се случува таа година. Како пандемијата влијаеше на вас и на личен и на професионален план?
Како и со многумина други, така и нашите концерти беа откажани. Се прашувавме дали некогаш воопшто ќе можеме повторно да свириме. Но од друга страна, таа пауза што се случи беше како благослов за моето семејство бидејќи пред тоа патував многу. Се покажа како подарок. Почнав да развивам поинакви методи на пишување. Пред тоа пишував по аеродроми, возови, автобуси. Сега се навикнав да работам во моето студио и да сум дома, да сум поблиску до природата и да сонувам повеќе. Напишав многу музика. Напишав концерт за тромбон, напишав дело за оркестар кое се вика „Mari“ и кое премиерно ќе ја изведе Чешката филхармонија, потоа напишав виолински концерт. Напишав многу музика. Ова навистина го промени начинот на кој работам. Исто така, минатата година направив пауза. Се обидов некое време да не пишувам музика, едноставно да си дадам себе си простор да размислувам. Мислам дека во последниве 10 години имам напишано толку многу дела дали со бендот или за свои проекти. Имам сработено толку многу проекти поради што мислам дека почнуваат да се таложат едни врз други. Тоа и прави да биде потешко да напредувате. Затоа си дадов себе си време да дишам. Честопати се прашував што ќе биде следно. Мислам дека сфатив дека имав многу среќа. Имав прекрасна кариера. Таа беше многу разновидна и успеав да создадам дела со толку многу различни типови на уметници и да постигнам успех на различни начини. Понекогаш се шегувам на своја сметка велејќи дека не морам никому ништо да му докажувам повеќе. Затоа, наместо да правам работи од гордост, правам работи во кои уживам.
Имавте можност да работите со толку многу реномирани автори како Стив Рајш, Филип Глас, Руичи Сакамото, Кронос квартетот и други. На кој начин овие реномирани уметници влијаеле врз вас и вашите идеи за музика?
Мислам дека сите овие луѓе кои ги спомна се со многу отворени умови. Тие ја ценат својата приватност и ќе помислите дека се затворени и не примаат никого во своите кругови но сепак се покажа спротивното.
Но истите овие работи ги рекол и за Пол Сајмон, дека е ист таков. Џони Гринвуд и Том Јорк одRadiohead исто се покажаа како такви. Ова се луѓе кои го гледаат хоризонтот, широчината на светот и не се баш секогаш фокусирани само на малите детали, да се пасивни. Постои одредена отвореност за тоа како можете да правите музика, со кого можете да правите музика, како таа може да звучи за да емоцијата биде добра.
Не мислам дека Стив Рајш е најемотивниот композитор, но сепак има неверојатна разновидност во неговиот опус и тој е толку многу различен од Филип Глас. Европјаните ги нарекуваат минималисти но поделбата во нивната музика е сосема различна. И навистина ми е драго што ги познавам нив двајца, знам за нивните проекти. Сестрите Лабек (Labèque) Катја и Мариел, се исто така многу многу важни уметници во мојот живот. Живеам близу нив во Франција и ми се како семејство. Работеле со Месиан, биле блиски со Берио. Тие се уште го изведуваат Моцарт, Шуберт, така што нивниот музички живот е многу моќен и се сметам за среќен што сум работел со нив.
Мислам дека композиторите понекогаш избираат само еден пат. Тоа е идеја од 20 век или како да станам следниот Милтон Бабит. Чувствуваат дека можат да најдат некое изолирано парче земја каде претходно никој не стапнал и да го забодат своето знаме таму. И тоа е добро кога некои луѓе го прават тоа, но за мене е добро кога чувствувам отвореност во врска со тоа бидејќи можам да создавам звуци во кои уживам.
Сакам да работам со концертни музичари, поради нивниот талент, поради нивната енергија и поради нивната хуманост. Ми делува многу моќно кога ќе чујам како изведуваат дела од други артисти или мои и многу сум возбуден кога ќе испаднат работите поинаку отколку што претпоставував. Ова може да се опише како изненадување. Ова се некои од работите кои ги научив од луѓето кои ги спомна. Руичи Сакамото, со него работев на саундтракот за „Повратникот“ (The Revenant) на Алехандро Инариту. Тој е некој кој создава многу со многу малку. Сакамото е многу економичен. Со него две ноти можат да бидат моќни колку и цел оркестар.
На кој начин овие активности во класичната музика влијаат врз работата во рок музиката? Кои се искуствата кои ги носите од едната област во другата?
Кога свирам рок музика, тогаш сум изведувач, свирам гитара, пијано. Тоа е можеби како танчер и кореограф кога свирам рок. Тогаш и играм, го придвижувам телото и повеќето време импровизирам. Свириме песни кои можеби сме ги напишале лани или пред 20 години. Секоја вечер тоа е како патување низ времето и посетувате моменти од вашата историја. Има нешто моќно кога се чекори по тој добро разгазен пат. Тоа е патот дома, патеката по која чекорите целиот ваш живот и сте среќни што можете да го направите тоа. Беше едноставно кога ги пишувавме но тие се моќни песни за многу луѓе и секоја вечер гледате илјадници луѓе како пеат со вас. Тоа е знак дека правиме нешто значајно.
Но е сосема поинаква ситуацијата кога настапувате со оркестар, имате кончерто, чувството е поинакво. На одреден начин, можам да рецитирам поема додека ме прати рок бенд за илјадници луѓе и тоа да биде како мантра или едно колективно искуство со таа енергија.
Но од друга страна, едното не значи дека е подобро од другото. Среќен сум бидејќи можам да ги правам двете работи. Мислам дека има сличности особено кај делот што се однесува на деталите и текстурите. Енергијата која се вложува во продукција на еден албум е многу слична на енергијата вложена во оркестрирање на едно парче музика. Размислувате за фреквенција, бои и регистер. Размислувате за архитектура на едно искуство и токму таков е начинот на кој еден композитор работи. Но исто така работи и еден изведувач на пример соло виолинист кој се спрема за изведба на некое дело на Бах или нешто друго. Тие размислуваат за тоа какво е патешествието на едно дело и сите работи кои еден добар бенд треба да ги направи. Мислам дека се тоа различни форми но нешто се случува меѓу нив што прави да се разликуваат односно економијата околу нив односно институциите кои ја претставуваат класичната музика наспроти структурите во поп музиката кои се покомерцијални. Токму тука има најголеми разлики и тие не се баш до толку интересни. Може да бидат фрустрирачки, како што е менаџирањето со распоредите знае понекогаш да биде. Комплицирано е бидејќи кога ќе знам дека ќе пишувам опера во 2025 г, тогаш бендот нема да биде букиран 6 месеци претходно. Понекогаш е потребен вистински менаџмент со календарите за да се изнајде решение.
Од време на време ќе ми дојде мислата дека не треба да работам толку многу. Исто така имам семејство и дом и не би сакал да живеам на пат цело време. Но ова е интересно, постојано еволуира и ја сакам помислата дека имам пристап до два различни светови.
The National претставуваат огромен дел од вашата кариера до ден денес. Оваа година се навршуваат 20 години откако бендот го објави своето деби. Дали може да ја опишете хемијата која ја споделувате меѓусебно и да го опишеш патешествието кое сте го поминале заедно?
Еден бенд е како семејство и во нашиот бенд има семејство. Јас и брат ми сме семејство, двајцата Девендорф, тапанарот и басистот се браќа, но бендот функционира како семејство, постои хемија. Постои хемија во љубовта и би декол дека секој прави нешто различно. Некои сработуваат повеќе од другите, во однос на обемот на работа, но тоа не ги прави другите помалку важни. Нивниот придонес е вреден без разлика дали пишуваа песни или свиреа бас, како и да е. Постои хемија тука. Тоа е кревка хемија. Ова е семејство но не е баш како семејство бидејќи можеш да одбереш да направиш нешто. Тоа е причината зошто бендовите не траат многу долго бидејќи е тешко. Се работи за група луѓе кои прават музика заедно и на некаков начин го споделуваат тој товар и ги компромитираат своите уметнички идеи и ега. А потоа притисокот се зголемува.
Заедно сме поминале низ многу, многу креативни циклуси и циклуси на измачувања и радост. Бендот скоро неколку пати ќе се распуштеше и би рекол дека веројатно сме се уште заедно поради тој семеен аспект. Се имаме себе си и сакаме да правиме музика заедно. Но мислам дека е добро да не се плашиме, сега сите водиме различни животи. Мет, нашиот пејач има соло кариера, а брат ми продуцира неколку големи уметници, а јас го имам својот свет со класична музика додека браќата Девендорф имаат свој бенд.
Значи има разни активности вон бендот кои ни овозможуваат да чувствуваме дека ова не е единствената работа која ја правиме. Продолжуваме да еволуираме. Ние сме многу горди на музиката која сме ја создале и албумите кои сме ги направиле заедно. Мислам дека моментот кога ќе направиме албум кој не ни се допаѓа, музика која неја сакаме, тогаш тоа ќе биде крајот. Тоа мора да еволуира. Затоа сега всушност размислуваме за нов албум сега што значи дека ќе има ново поглавје.
Какви се вашите размислувања за вредноста на музиката за време на овој неверојатно бизарен период во кој живееме?
Мислам дека музиката за време на големи и болни случувања и промени секогаш играла важна улога. Мислам дека улогата на уметникот е да ја кажува вистината. Со сета бучава создадена од медиумите тешко е да се поверува во тоа што го слушате но токму тоа го дефинира еден уметник, да биде искрен. Ова е важноста на музиката. Пандемијата се случи после Трамп, овој свет во кој живееме. Се зголеми бројот на трауматични случувања. Исто така мислам дека музиката дава засолниште и нуди мир и утеха на толку многу луѓе. Многу е важно младите луѓе да научат да се изразуваат себе си за да научат да свират некаков инструмент или да учат да танцуваат или да пеат или да сакаат музика. Имам син кого го гледам како учи да пее и свири малку виолончело и само гледајќи ја таа радост, тоа за мене е важен дел од тоа да се биде жив. Видете ја улогата која панк музиката ја имаше за децата во Англија на времето. Сега имаме деца на различни возрасти кои изгубиле цела една година од својот живот и ова е тешко време за нив. Знам дека ќе произлезат интересни уметнички дела од сето тоа. Не знам дали ќе биде за Ковид но се сомневам во тоа. Сигурно ќе биде интересно.
Ненад Георгиевски
фото: The National – fb fan page