„Boy Sprouted“, 26-минутен краток филм напишан од ботот „Furukoto“ и во режија на Јуко Ватанабе, годинава се прикажуваше на Short Shorts Film Festival & Asia 2022, еден од најголемите филмски фестивали во азискиот регион.
Приказната се фокусира на едно момче и неговото одбивање да јаде домати, што ќе ја натера неговата мајка да направи сè за да го предомисли. Но, таа не знае дека нејзиниот син има растение кое буквално никнува од грбот – идеја што потекнува директно од ботот со вештачката интелигенција Фурукото.
„Квалитетот (на сценариото) беше отприлика на исто ниво како и сценарио напишано од човек. Да не знаев, немаше да се сомневам дека е напишано од човек“, вели Ватанабе.
Развиен од јапонскиот стартап Ales Inc., Furukoto е бот со вештачка интелигенција што ја отелотворува суштината на „Ki-sho-ten-ketsu“ – јапонска наративна структура која го следи текот на воведот, развојот, кулминацијата и заклучокот.
Вештачката интелигенција, која го црпи своето име од архаичен јапонски збор што значи „приказна“, генерира сценарио со избирање соодветни реченици од голем број кандидатски реченици со користење на сопствената технологија „P-S-L“, развиена во стартапот.
P-S-L е кратенка за график за заплет, анализа на чувства и најава, (plotline graph, sentiment analysis and logline) и создава приказна со евалуација на овие три елементи на сложен начин. Користи рекурентна невронска мрежа наречена долга краткорочна меморија, или LSTM, за да ги генерира кандидатските реченици.
Моментално, Фурукото може да издаде само едно сценарио на А4 страници, што е еквивалентно на краток филм од 30 минути, засновано на опис од една реченица на приказна која содржи околу 60 јапонски знаци. Но, иако системот за вештачка интелигенција доби одлични оценки за креативноста во „Boy Sprouted“, неговите сценарија сè уште не можат да се споредат со нивото на детали содржани во сценаријата напишани од луѓе.
Продуцентот Риохеи Цуцуи рече дека филмот добил двојно значење, и како проект за истражување и развој за да се види колку добро може да се оживее приказна напишана со вештачка интелигенција со минимален придонес од режисерот.
AI wrote this short film "Boy Sprouted" 🍅
It's very fresh & magical!
Please check at #SSFF 2022 online venue with English subtitles!
(free of charge)https://t.co/zKJpp1TS4Z pic.twitter.com/n9aQ3tCPQR— ShortShortsFilmFest (@ssff_en) May 13, 2022
За да избегне разводнување на „чистотата“ на производот добиен од вештачката интелигенција, Ватанабе избрала да комуницира со екипата користејќи сторибордс наместо да се потпира на текст, и се погрижила да вметне само дијалози што нема да ја променат сцената или нејзината општа атмосфера.
Долгите секвенци со тишина помогнале да се создаде морничава атмосфера што одговара на филм кој режисерката го класифицира како дел од хорор жанрот.
Иако досега имаше неколку кратки филмови направени од сценарија генерирани од вештачка интелигенција, „Boy Sprouted“ е првиот што доаѓа од Јапонија и е првиот филм со значаен заплет. Претходните филмови имаа некохерентни заплети, а добија внимание само поради тоа што беа направени од вештачка интелигенција. На пример, во 2016 година, краткометражниот научно-фантастичен филм „Sunspring“, имаше сценарио целосно напишано од AI бот базиран на LSTM. Додека актерите ги одиграа своите улоги убедливо и резултатот беше чудно трогателен, дијалогот во поголемиот дел од приближно деветминутниот филм беше бесмислен.
Драган А.