Во Битола летата секогаш се убави, радосни, исполнети со културни настани и со многу дружби, туристи, посетители, но овој пат се случи културен бум. Во исто време се случуваа еден куп големи и битни културни настани во градот и во околината. Само неколкуте со кои јас сум запознаена, беа: Битола отворен град; Шекспир фестивал; Фотоколонија Пелагонија; Меѓународна ликовна колонија „Де Ниро“; „Бит фест“; „Cinedays“ патувачко кино во Битола, а во исто време се одвиваше и фестивалот „МЕЕТ Prespa“ на неколку локации во преспанскиот дел, па голем број битолчани беа присутни и на тој тридневен фестивал.
Не беше лесно да се донесе одлука што да се посети, а што да се пропушти. Моето патување низ културните настани започна на Фотоколонијата, во која учествуваме околу петнаесет луѓе. Ми беше задоволство што имав можност во живо да ги слушам предавањата на Роберт Јанкуловски, еден од најбитните фотографи во Македонија, човек што освен што ја негува и ја практикува фотографијата, тој и ја истражува старата македонска фотографија. Роберт со нас сподели дел од своите фотографски искуства, совети како да се подобри квалитетот на фотографиите и што е она што треба да се направи за фотографиите што се создаваат, да добијат уште поголемо значење. Вториот ден Далибор Митковски со нас ја сподели својата успешна приказна за основање на неговата продукција и како сите овие години успешно работи и патува низ светот фотографирајќи. Фотоколонија Пелагонија е едукативно-творечки проект, чија цел е да овозможи пренесување искуства и размена на идеи помеѓу истакнати и заслужни македонски фотографи и млади ентузијасти од Пелагонискиот регион, кои се на почетокот на својата кариера.
По предавањата за фотографија, фативме зајдисонце во „Улаф сте“ на пешачката зона во старата чаршија во Битола и го слушавме младиот диџеј BERRYQYAT како дел од програмата на Битола отворен град, а потоа следуваше уште еден музички настан, пред ТДК Партизан Соколана – простор што е заборавен и неискористен, а изгледа како фино и погодно место за ваков тип настани. Настапија двајца диџеи од Македонија и еден диџеј од Шпанија.
За целата програма на фестивалот поразговаравме со организаторите:
– Уметноста и музиката на новата генерација млади луѓе, но и социјалните промени, беа во фокусот на Битола отворен град, кој во изминатата недела го трансформираше градот во отворена сцена за многубројни музички настани и неколку арт перформанси. Овој наш настан, кој влезе во третата деценија, беспрекорно умее да се носи со новите генерации и новото време. Да ги спојува уметноста, музиката и општествениот ангажман, обезбедувајќи платформа за младите таленти да се изразат себеси додека поттикнуваат позитивни промени. Од трансформација на говорот на омраза во улична уметност до наелектризирани музички изведби, овогодишниот фестивал испорача извонредно искуство за илјадната публика што нè следеше во сите фестивалски денови – истакнуваат од МКЦ Битола, кој е организатор на овој фестивал.
Една од истакнатите работилници на фестивалот се фокусираше на трансформативната моќ на уличната уметност. Водени од вешти уметници и педагози, волонтерите учеа како да ги повратат јавните простори со трансформирање на пораките на омраза во уметнички дела што предизвикуваат размислување. Овој заеднички напор не само што го разубавува градот, туку испрати и моќна порака за единство и толеранција.
МКЦ Битола отсекогаш бил и сцена за демо-бендовите, кои на овој фестивал ги правеле првите чекори. Така, оваа година на Битола отворен град настапија три нови, млади локални бендови, за кои допрва ќе се слуша: „Everest“, „Tsar Von Time“ и „Sinful Glare“.
Од изложба на млади талентирани личности во дворот на МКЦ, лоциран во старото градско јадро на Битола, до славење на зајдисонцето по битолската калдрма во Старата чаршија, пред првата знаковна кафетерија во Македонија „Улаф сте“, се одвиваа дневните активности на учесниците на фестивалот, но и уживање за многубројната публика. Една од вечерите беше посветена на електронската музика, на која настапија домашни диџеи како локална поддршка за гостинот од Барселона, Joe Diem.
Фестивалот Битола отворен град викендот заврши со големиот музички хепенинг на кој настапија домашниот хеви-метал бенд „LUCENT“, кој испорача незаборавен настап пред своите верни фанови, гостите „ARUMBO“ од Шпанија/Белгија, кои со румба и џез варијации ја пренесоа публиката низ некои нови музички сфери. И, конечно, белградскиот „REPETITOR“, трио што ужива почит на глобално ниво, заработувајќи и шанса да биде предгрупа на европските турнеи на „Arcade Fire“, ја ослободи својата сирова енергија на заразен гаражен рокенрол со пост-панк примеси, оставајќи ја публиката да копнее по повеќе.
Уметност, музика и социјален ангажман останува кохезија на креативните сили на младинскиот арт фестивал Битола отворен град, кој верува во новите генерации и во нивниот општествен ангажман. Фестивалот останува да биде платформа за младите луѓе да се изразат креативно, истовремено поттикнувајќи дебати што би овозможиле позитивни промени, преку работилници, перформанси и инклузивни настани, славејќи ги различноста, единството и огромниот потенцијал на младите луѓе да обликуваат подобра иднина.
По еден од најпријатните патишта за возење, се упативме накај Преспа. „MEET Prespa“ повторно во ист период од годината нè потсети сите колку е прекрасен тој предел од нашата земја, со убава програма, многу дружење и можност слободното време да го поминеме на планина и на плажа. Вечерта на 23 јуни, во Брајчино се одржа изложба и екоарт инсталации на Никола Узуновски и Арт резиденција на група уметници, проследена со музика за која се погрижи Мирко Попов – Македонија на винил. Следниот ден од зајдисонце до изгрејсонце на плажата Дупени настапија голем број диџеи од Македонија и гости од Албанија и од Грција како соседни земји со кои го делиме Преспанското Езеро. Цела вечер до изгрејсонце се журкавме сите заедно, славејќи ја убавината на Преспа. Следното утро во Љубојно на сред село сите имавме можност да вкусиме прекрасна традиционална храна подготвена од жителите на Љубојно.
Викторија Мачковска
Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски