PopUp Rating: 3.5/5
„Бенедета“ е долгометражен игран филм на Пол Верховен, чие сценарио е инспирирано од вистински настани што се дел од историското четиво „Бесрамни чинови“ на авторката Џудит Браун. Холандскиот режисер раситнува чувствителна религиска содржина и храбро чекори по трнлив пат полн со провокации. Жестокиот почеток е најава за динамично темпо, но впечатокот за недостиг на остроумност се зголемува со секоја измината секунда од долгото времетраење. Исто така, невозможно е да се направи бистра жанровска диференцијација покрај неумешната замисла на Верховен да имплементира што повеќе детали. Следствено, уделот на црн хумор и сатира предизвикува комични моменти и го нарушува мрачниот амбиент, кој се обидува, но не успева да завладее.
Протагонистката бележи неприроден, нерамномерен развој на карактерот, и таа од повлечена девојка одненадеж прераснува во крволочен предатор што немилосрдно граби кон врвот на црковната хиерархија. Макотрпната одисеја на Бенедета е богата со експлицитни еротски сцени во потрага кон задоволството и „гревот“ односно оргазмот. Режисерот вешто воспева неиздржлива сексуална тензија од првата средба на калуѓерките што беснее на филмското платно и изискува кулминација. Но, трансферот на моќна сексуална енергија е дел од специјалитетот на Верховен, кој е заслужен за безвременскиот „Основен инстинкт“ со Шерон Стоун.
Директорот на фотографија најчесто употребува кратки кадри и ја поддржува идејата за возбудлив тек, но севкупно има скромна заслуга. Дополнително, апокалиптичниот приказ на црвеното небо преку визуелните ефекти е уште една мана и води до импресија на налик евтин хорор-филм.
Актерската екипа ја сочинуваат верни соработници на режисерот, а во главната улога е глумицата Виржини Ефира, која е дел и од неговиот претпоследен филм „Ел“. Прекрасната русокоса одлично ја игра лукавата монахиња Бенедета и таа остварува силна емотивна т.е. интимна врска со пеколната Бартоломеа, чија задача е на актерката Дафни Патакија. Искусната Ефира има централна ролја, но помладата Патакија повторно го демонстрира нејзиниот раскошен талент и експресно се пробива на европската филмска сцена по впечатливиот перформанс во „Нимиц“.
„Бенедета“ е нов, неоригинален примерок во многубројната колекција филмови што бесцелно лутаат. Верховен несомнено црпи инспирација и лесно се забележливи сличности со контроверзниот „Екстатични халуцинации“, кој бил забранет и оцрнет како мошне вознемирувачки во 1989 година. Но, на најновото дело на режисерот очајно му недостасува квалитетна, радикална монтажа, а актерската игра е единствената светла одлика на 127-минутното остварување. Во последните неколку години сè поприсутни се филмовите во кои жените се во фокусот на љубовните страсти, но Адел Енел и Ноеми Мерлан високо ја поставија границата во „Портрет на дамата во огнот“ иако Ефира и Патакија се прилично убедливи. „Бенедета“ неодамна ја имаше премиерата на престижниот Кански фестивал, но на филмот му претстои тешка мисија да ги освои симпатиите на публиката во пресрет на фестивалскиот живот ширум светот.
Филип Мишов