Во тој свет затекнавме само двајца жители. Таа, Бенедета Барцини, поранешен модел од њујоршките модни писти, познајничка и соработничка на Ворхол, Дали, Аведон, подоцна радикална феминистка и професорка на Универзитетот Урбино, и тој, Бенјамино Барезе, нејзин син и млад кинематографер што сака да се докаже како режисер, но истовремено и да ја разбере мајка си.
По проекцијата на „Додека мајка ми исчезнуваше“ разговарав со пријателите и се обидував да го извлечам нивниот впечаток за темата на Вашето исчезнување во филмот. Речиси сите го поврзаа исчезнувањето со смртта… Јас го разбрав како друга форма на суштествување неоптоварена од сегашните земни обрасци преку кои функционира светот. Како се роди таа желба за исчезнување и како навистина го замислувате?
Бенедета: Започна кога имав 15 години, а сега имам 76. Си реков: Бенедета, што навистина би сакала ти? Знаев дека сакам да сум блиску до морското крајбрежје, бидејќи ја сакам водата, брановите… И следно што помислував е колкава омраза чувствувам кон мажите од мојата раса, бидејќи мислам дека мажите, не жените, туку белите мажи го уништија светов, со инвазии и војни. И почнав да посакувам да ме снема бидејќи не можам да ја променам реалноста сè додека зборовите „сила“ и „моќ“ се најважните. Се менува само технологијата, а не и способноста да се продре подлабоко, да се сфати светот. На пример, за Американците светот е живописен, но во суштина тие ништо не разбираат. Па, си реков, добро, во ред со брановите и морето, но ти мораш да избегаш од светот на белите мажи. Па си замислив дека земам ранец со една маица, еден пар панталони, еден пар чевли, еден лист, едно пенкало и тргнувам кон нешто друго. Тоа значи дека треба да се откажам од сè што сум спознала досега, концептите, децата, предметите, врските, пријателите. Да се откажам од сè и да тргнам кон непознатото е најголемиот дар што би можела да си го подарам себеси пред смртта, бидејќи би одбрала поинаков живот, живот без пари, кредитни картички, телефони, компјутери… И помислив, каде би можела да одам? Станав свесна дека целиот свет е зафатен од капитализмот и дека нема каде да одам. Сè e пари, пари, пари… Постојано сакам да кажам: Basta, Basta, за овој свет на алчни луѓе. И навистина не знам кое е местото на кое би сакала да исчезнам. До ден-денешен тоа е островот на Петар Пан, кој не постои.
Мислам дека во голема мера недостасува женскиот поглед и печат на нештата во светот, нели?
Бенедета: Ако жените би почнале да размислуваат, светот би можел да се промени. Учев историја со моите внуци за нивните испити, и сè e битки, војни, генерали, кралеви, освојувачи, освојувања… Само тоа се учи во историјата, а тоа е машка структура. Она што недостасува е другата половина од приказната, женската страна. Сега сум заглавена, поради овој човек овде (покажува кон Бенјамино). Преку овој филм ме довлечка во фантастичниот свет на документарците, во кој луѓето прават филмови од страст, а не поради пари и слава. На крајот оваа идеја се сведува на умирање преку останување жив. Умираш за твоето минато, а жив/а си за непознатото што го носи иднината.
Бенјамино, како успеа да го одвоиш режисерот од синот во целава приказна? Љубовта на секое дете кон мајката не сака да слуша ни за смрт ни за исчезнувања… Од друга страна, режисерската улога бара неутралност за автентично прикажување на приказната…
Бенјамино: Разликата меѓу мене и моите сестри и братот е во тоа што кога мајка ми ќе каже дека сака да исчезне, тие ѝ велат дека е луда, дека ќе ѝ помине, не мислат дека е рационална и сериозна. Јас се замислив и не знаев што да преземам. Дали да ѝ помогнам да замине или да остане? Немав решение. Истовремено и јас се чувствувам слично како неа. Сега имам 33 години, од мене се бара да живеам живот што се вклопува со барањата на општеството, да бидам успешен, да заработувам, да имам куќа, семејство… Сите мораме да му се приспособуваме на овој свет што има толку многу барања и очекувања. Тешко е да се спознаеш себеси и како сакаш да живееш. Сега се обидувам да го обликувам мојот живот, а таа има престанато со тоа обликување. Мислам дека правењето на овој филм беше начин сето ова да се претвори во еден вид фикција за да не морам да се соочам со него. Да се биде и син и режисер истовремено е тешко.
Бенедета: Јас му помогнав преку тоа што се противев да ме снима. Така му помагав да ја пронајде целта на својот филм. Јас воопшто не сакам слики. Сакам да ме нема и од сликите. Во тоа се состоеше силната врска меѓу нас – нему му беа потребни слики, а јас бегав од нив.
Бенјамино: Мислам дека тој рационален дел на зборување не е од помош. Студирав философија и навистина сакам да размислувам. Тоа го наследив од неа, бидејќи мајка ми е добра во тоа. Таа не одела на училиште во тинејџерските години бидејќи страдала од анорексија. Како жена, не било лесно да ѝ биде призната интелектуалноста. Тоа ни е заедничко. Кога заглавував во работата на филмот, му се враќав на тоа размислување. За мене овој филм не е завршен, филмот има многу краеви, а всушност не завршува. Можеби требаше да снимам до нејзиното физичко исчезнување во форма на смрт или до нејзиното евентуално заминување во непознат правец, но не можев…
Бенедета, зошто денеска стареењето (особено на жената) се казнува? Како да е некаква вина, пропуст, грев што треба да се исчисти, да го снема…?
Бенедета: Бидејќи стареењето е блиску до смртта. Смртта ги плаши луѓето. Религијата постои само затоа што ни дава објаснување за она што не го знаеме. Човештвото како да мора да знае што има после смртта, дали се оди во пеколот или во рајот. Староста на комерцијален начин се користи против жените. Ама ако дебел и грд маж е богат, тој е многу привлечен, така? Стара жена е стара жена. Стариот маж е мудар, а старата жена е вештерка. Стареењето е страв дека нема да ве сакаат повеќе. Во меѓувреме, бизнисот го користи тој страв, ви продава продукти за младешка кожа. Убавината и младоста се на продажба! Понекогаш некои жени ми велат: „Да но, тебе ти се може, да не ја бојадисуваш косата“, небаре тие не би можеле. Не можат затоа што се плашат! Се плашат затоа што мислат дека мора да изгледаат фино и почитувано на нивните работни места… Повеќето од нас ги минуваат животите жалејќи се дека не го постигнале ова, дека не го направиле она, дека не заработиле доволно, наместо да го правиме она што треба. Да живееме.
Бенјамино, постоеше ли страв дека нема да можеш да ја пренесеш приказната и идејата на мајка ти и дека крајниот резултат нема да соодветствува на нејзината философија на живеење?
Бенјамино: Не знаев како да го ставам ова во приказна. Јас сум кинематографер и сфатив дека што помалку содржи филмот, толку повеќе значење има. Имав страв дека ќе ја прикажам мајка ми на погрешен начин, бидејќи никогаш не можеш да прикажеш нешто во целост. Го прифатив тој страв велејќи си дека ова е само врата што води кон нешто друго. Во филмот ќе видите мали симплифицирани разговори со млади модели што ја раскажуваат приказната на мајка ми со елементи на фикција. Не сакав да ја оптоварувам таа приказна со моменти од нејзиното минато што е навистина турбулентно и богато. Не бев сигурен како да ја пренесам таа комплексност бидејќи таа е поставена на многу хумано, интелектуално ниво. Постојано се прашував како ли ќе им го прикажам ова на луѓето. Многумина мислат дека не е јасно прикажано, не знам, веројатно начинот на кој ќе се доживее филмот зависи од емотивниот багаж што секој го носи со себе. Сакав тоа да биде приказна за мајка ми таква каква што е денес.
Бенедета, во филмот велите дека човекот нема потреба од сеќавања. Што е единствено вредно да се запомни од овој живот?
Бенедета: Она што не може да се види – начинот на кој мислиш. Многумина ме прашуваат зошто не напишам книга од моите предавања. Не, не сакам. Не сум суетна, моето пишување беше разговорот со студентите.
Преку моделството, работата и познанството со Дали, Аведон, Ворхол, и подоцна радикалниот феминизам што го застапувате, дали конечно можете да заклучите во што се состои поимот за убавина?
Бенедета: Убавината е спротивна на општоприфатениот поим за убавина. Убавината не е симетрична и скриена е во заднина. Моделството го сфаќав како улога. Кога работев во Њујорк и кога ќе ги извадев шминката и трепките пред огледалото, сфаќав дека таа убавина што се бараше од мене е грешка и недоразбирање. Секоја личност е убава и уникатна, не си убав затоа што носиш нешто уникатно, туку затоа што ти си уникатен. Никогаш не се сметав себеси за убава, бидејќи убавината не е заслуга. Си се родил таков, ништо не си направил. Заслугата се состои во тоа како ќе се искористиш себеси, што ќе направиш од себе. Се навредувам кога луѓето ми велат: Ти си екс-убава жена. И си велам: По ѓаволите, никој никогаш не ми вели дека сум интелигентна. „О, па ти си прекрасна личност“ – тоа е комплимент. „О, па ти си убава жена“ – кому му е гајле за тоа?
Гледам дека сте природно претопени во амбиентот на Куршумли ан. Се прашувам, како го доживеавте градов преку учеството на МакеДокс?
Бенјамино: Првпат сме овде, ја запознавме Петра во Тбилиси и таа нè покани во Скопје. Ја засакав оваа форма на заедница, некомерцијалноста и споделувањето моменти. Обајцата ја цениме метафората на кромидот, како откривање на многу слоеви и одење сè подлабоко и подлабоко. Италија е чекор напред на полето на глобализацијата, обидите да се развијат бизниси и да се донесат повеќе туристи, и тоа е помалку тажно. И овде го гледам тоа, но сè уште не во толкава мера.
Бенедета: Имам чудно чувство за страдањето на луѓето овде. Видов толку многу историски слоеви и премини овде, и си мислев колку ли овде се страдало. Си мислам, колку занимливо изгледа за туристите, но што има зад сето тоа? Како живее човекот зад тезгата за сладолед или жената натоварена со торби од пазар? Затоа уште повеќе ги мразам белите мажи. Зошто се изградени овие грчки храмови, што е ова по ѓаволите? И сите овие глупави мажи на коњи? Најубавото нешто во сето ова е фонтаната во која се шлапкаат деца. Ме порази тоа глориозно с*ање што се коси со природата и духот на луѓето овде. Што покажува, големина, моќ, види нè колкави сме… Целта на сите тие големи столбови е да направат да се чувствувате мали.
Јосип Коцев
фото: Елена Фиданска