Скопскиот џез фестивал веќе ја објави програмата за 41-то издание, а меѓу фантастичниот избор на групи од странство се најде и домашната група „Зулу 3.4“, со концерт на 13 октомври. Во составот на бендот се Дамјан Даневски (тапани), Марио Симоновски (гитара) и Мартин Џорлев (клавијатури), а свират современ и фјужн џез. Станува збор за музичка група која многу брзо прогресира во својот развој, а интерес за нејзините настапи има и на повеќе значајни фестивали во регионот.
Што за вас значи селекцијата за настап на најзначајниот џез-фестивал кај нас?
– Да се биде дел од така реномиран фестивал, како Скопје џез фестивал, секако е голема чест за секој музичар кај нас. За „Зулу 3.4“ настапот на Скопскиот џез фестивал доаѓа како одличен финиш на едно многу динамично и возбудливо лето кое беше исполнето со многу различни активности – од „Athens Music Week“, „Егзит“, настанот „За Скопје“ итн., до изработка на видеозапис за песната „Colors“, и секако низа на помали концерти во омилените места низ Скопје и пошироко.
Да се биде дел од Скопје џез фестивал треба да биде привилегија за секој македонски артист кој активно твори во сопствената земја, бидејќи ако не нѐ поддржуваат дома, каде на друго место би се обратиле за поддршка. Ваквите успешни фестивали ја имаат можноста да бидат отскочна даска за младите домашни уметници.
Од друга страна, летово имавте повеќе настапи во странство. Како ја добивте можноста за настап на реномираните настани и фестивали?
– Како дел од „HEMI Music Awards“ добивме прилика да бидеме дел од две фантастични и дијаметрално различни манифестации – „Athens Music Week“, од една страна, и фестивалот „Егзит“, од друга.
„Athens Music Week“ е тридневен фестивал и конференција кој се одржува во „Technopolis City of Athens“, инспиративен простор во стара фабрика целосно пренаменет и дизајниран за на младите атињани да им овозможи катче за развој. Преку ден, „Technopolis“ беше простор за шоукејс концерти, панел дискусии и вмрежување на музичарите со претставници од музичката индустрија, додека навечер фестивалот се преселуваше на неколку локации низ градот, каде што со пијачка и друштво можеше да се ужива во концертите на бројни домашни и странски музичари. „Зулу 3.4“ имаше можност да се претстави под двете светла, на главната шоукејс сцена и на алтернативната ноќна сцена во клуб наречен „Биос“.
За фестивалот „Егзит“ во Нови Сад нема потреба од претставување. Таму свиревме на една од најголемите три сцени – „Fusion Stage“, и беше навистина чест да се свири во ист ден со Ник Кејв на сцена само две минути оддалечена оттаму. Сосем поразлично искуство од она на AMW, на отворенo, на огромен стејџ и со најразлична публика. Особено ни остави впечаток огромниот интерес за „Зулу 3.4“ што го изразија останатите музичари и нивните тимови, што за нас беше навистина голема чест.
Она што беше најфасцинантно од сѐ, беше начинот на кој бевме толку брзо, толку едноставно и јасно прифатени од публиката на двата фестивали, со овации за време на песни, со честитки и пофалби по концертот – за нас тоа беше ново искуство, бидејќи ретко се случуваше во Скопје, или го припишувавме на публиката која веќе добро не знае и секако поддржува.
Прв пат гледав ваш настап во живо на „Крај Вардарот џез“ во 2020, а на 26 јули 2022 ве гледав и на настанот „За Скопје“. Како одвнатре го чувствувате зреењето на бендот, кое е очигледно за публиката?
– Зреењето на бендот ние го чувствуваме најмногу преку реакцијата на публиката, бидејќи за нас зреењето доаѓа постепено со многу труд и постојана работа. Можеби големиот скок во перцепцијата на публиката се должи и на тоа што во пандемијата тие не можеа да бидат дел од тој постепен напредок, иако ние максимално се трудевме да бидеме присутни и онлајн и со нови материјали за да ја задржиме таа искра на интерес, која по опуштањето на мерките, конечно, пламна кон почетокот на летото и постојано се шири.
За четири години постоење снимивте и дигитално објавивте три албуми. Што е следно?
– Поточно, објавивме три албуми во печатени верзии, од кои само еден беше делумно поддржан од Министерството за култура и Град Скопје, остатокот беше целосно преку самофинансирање и на добра волја на луѓето вклучени во процесот. Министерството оваа година се одлучи да не го поддржи снимањето на нашиот четврти албум, но ние од музиката не се откажуваме, па ќе изнајдеме начин и тоа да го покриеме како до сега. Сепак, за „Зулу 3.4“ велиме дека е „surprise band“, па ќе оставиме и малку мистерија на ова поле. Она што може да се каже е дека работата продолжува со динамично темпо кон нешто сосема ново и поинакво.
Која е „хемијата“ што ве поврзува тебе, Мартин Џорлев (клавијатури) и Марио Симоновски (гитара)?
– Музиката е хемијата што нѐ поврзува.
Колку трио-формацијата е најадекватна за изразување на музиката што ја носите во себе?
– Иако сме само тројца, сакаме да кажуваме дека свириме како за најмалку 7 луѓе, така што состав од тројца е сосем доволен за изразување на музиката која ја креираме, бидејќи наоѓаме и предизвик во тоа да користиме нови технологии и електроника, која ни го овозможува сето тоа.
Автор: Тони Димков
Фотографии: Лична архива