Откако го преслушавме, решивме дека мора да поразговараме со Andron и Voislav за нивната работа и со вас да ја споделиме музиката што ја создаваат 🙂
Андреј, ти си сестран музичар и композитор. Ако се погледне твојата биографија, ќе се забележи дека имаш искуство во областа на класичната музика, а твојата композиција „Ладно уништување“ во 2017 година се најде на првото цеде-издание „Акузматична музика“, прво од ваков вид во Македонија. Како се случи твојот влез на техно-сцената?
Andron: Јас музиката уште од најрана возраст имав „среќа“ да ја изучувам хронолошки. Главно примарен фокус ми е класичната „сериозна“ музика, но со сѐ повеќе навлегување во проблематиката на музиката, изучување на хармонија на музиката, музичките форми, изучување на повеќе музички стилови, почнав да го менувам својот став околу тоа што веќе се подразбира под „класична“, „сериозна“ музика и општо прашањето каде тоа точно се поставени границите меѓу музичките стилови. Отскочна даска да навлезам во електронските води беше мојот интерес за истражување на звучниот тембр (звучна боја), бидејќи во класичните води тој донекаде е лимитиран, поради самата природа на самите инструменти и нивната комбинација. Почнав првенствено како експеримент, преку електроакустиката и акузматичната музика. Како резултат на тоа беше и мојата композиција „Ладно уништување“, која доби награда од Министерството за култура во 2017 година, а и се најде на цеде-изданието „Акузматична музика“, во издание на СОКОМ. Мислам дека е многу важно кога и до кого сакате да ја пратите пораката, идејата на вашата музика. За мене музичката идеја е универзална, а преточувањето во ваков или онаков стил, е прашање на техникалија и запазување одредени карактеристики на самиот стил. Сите други елементи вон самите карактеристики, претставуваат огромна оаза за експериментирање. Токму поради овие мои согледувања, решив моите музички идеи да ги пуштам низ техно-водите.
Воислав, по твоето долгогодишно продуцентско и диџејско искуство ширум Европа, многубројните настапи и успеси со трансот редовно во топ 10 на Beatport, велиш дека техното ви е ново бебе, кое почнувате да го растете. Како за тебе, лично, се случи овој премин и како го доживуваш најновиот проект EP „Philharmony“ во соработка со Андреј?
Voislav: Преку техното можам да доловам нови музички доживувања, т.е. неговиот BPM кој е идеален за квалитетна Deep продукција ми влијае и ми поттикнува чувство на голем адреналински порив. Перкусивните елементи во овој правец се од особено значење и отвораат широк простор за експериментирање. Преминот од трансот кон техното е поради проширување на својот музички спектар, каде што мелодиите имаат поголема инфлуентност. Се обидувам да направам одреден спој помеѓу трансот и техното, со цел постигнување одредена оригиналност. Верувам дека тоа може и да се почувствува во самото EP.
Melodic Techno EP албумот „Philharmony“ го издадовте за германската издавачка куќа „City of drums“. Како настана соработката?
За ова мораме да му изразиме благодарност на DJ Nasty Deluxe. Многу му се допадна „Philharmony“ траката. Изрази желба да направи RMX и траките да ги издадеме за „City of Drums“. На EP „Philharmony“ се најдоа две траки „Philharmony“, „Lumina“ и RMX на „Philharmony“ (Philharmony -The Electronic Advance meets DJ Nasty Deluxe Remix).
Како течеше процесот на создавање на „Philharmony“ и крајниот производ? Во која точка најмногу се препознаа музичките светогледи на Voislav и на Andron?
Andron: Експериментиравме двајцата. Voislav главно работеше на перкусивните елементи и на ритам-секциите, додека, пак, јас повеќе бев фокусиран на барање тембр (боја) на звукот, градење мелодии, заклучно со тоа и на хармонски прогресии. Тоа, пак, се одрази на градењето на формата и на структурата на траките. Секако дека овој процес се одвиваше низ заемни критики и договарања.
Работите ли нешто ново, кои се идните планови во однос на Melodic Techno EP албумот „Philharmony“?
Voislav: Во моментов работиме заедно на нови траки. Работиме и засебно за засебни проекти. Јас засебно работам на транс и техно, додека пак Андреј работи на tech-house проект заедно со John Allen, кој наскоро ќе има промоција. За EP „Philharmony“ бркаме маркетинг и чекаме подобри времиња, поради пандемијата, за промоција во живо.
Како го преживувате периодот на речиси мртва клупска сцена поради пандемијата?
За жал, периодот беше таков каков што беше, па сепак моравме продуктивно да го искористиме времето. Па, затоа, целиот период поради пандемијата го искористивме на истражување, експериментирање со инструменти, барање нови звуци, правење нова музика.
Фото: Марина Аврамовиќ