Во овој разговор, фокусот го ставивме токму на наградената драма што допрва треба да го започне својот театарски живот. Секако, не можеме (и не смееме) да ја заборавиме нејзината претходна работа. За драмата „5:17“, Ана доби меѓународно признание од ИТИ УНЕСКО во 2014 година. Овој текст беше избран како еден од шесте нови драмски текстови во Европа, кои ги карактеризира иновативен стил на пишување и беше сценски претставен на Форумот за современа драматика во Атина. Сè yште ни се свежи сеќавањата и на нејзината извонредна драма „Да тргнеме, Сењор“ во режија на Нела Витошевиќ, со што Ана ни докажува дека, иако живее и работи во Виена, нејзиниот драмски и авторски глас има силен одек во современата македонска драматика.
Наградената драма „Јас, на некое друго место“ има повеќеслојна структура. Покрај централната тема за филицидот (убиство на сопствените деца), ги допира темите на менталното здравје, емиграцијата, влијанието на социјалните мрежи, статусот на жената во семејството, бракот, општеството… Дали ќе се согласиш со тоа дека живееме во време во кое технологијата се стреми кон поедноставување, а човечките односи кон усложнување?
Мислам дека живееме во време на силно изразен индивидуализам во секој аспект и тоа ни се одразува во односите во семејството, друштвото, на работното место. Емпатија и солидарност речиси и да не постои. Системот не функционира, правдата се бара надвор од судница, на патријархатот му бегаат работите од контрола, владее национализам, капитализмот цути, моќните се уште помоќни, сиромашните посиромашни, стануваме сè позависни од public approval на социјалните мрежи и иднината ја гледаме на друга планета, бидејќи оваа ја уништивме.
Од претставата „5:17“ која се играше во Скопје и Атина
Ликот на инфлуенсерката го опфаќа површното во двојните персони што ги имаме, аналогните за везден и дигиталните за на мрежите. Па, го враќам прашањето упатено кон неа, колкава е свеста за сето она што го поставуваме онлајн, каде и зошто се изгуби мерката?
Она што сакав да го постигнам како чувство со оваа драма и меѓу другото со ликот на инфлуенсерката е вечната човечка илузија дека на другите им е подобро, дека нивниот живот е поубав, поисполнет, имаат повеќе среќа од нас, се поздрави и така натаму. Со појавата на социјалните мрежи, оваа илузија стана уште поголема и уште поболна. А за губење на мерката на она што се случува, одговорот е едноставен, интернетот им даде оружје в рака на сите.
Од претставата „Да тргнеме, Сењор“ (Фото: Кире Галевски)
Кога ќе ги сумирам впечатоците по прочитот на драмата, ја добивам сликата за нашата изместеност, разместеност, расплинетост. Колку и да станува збор за женско сиже, ова е универзална проблематика. Зошто театарот, и уметноста воопшто, не успеваат да ни врзат една конечна, силна шлаканица? Толку ли е силна хипнозата во којашто сме западнати?
„The Great Hack“ е пример за документарен филм што мене, колку и да бев свесна дека е така, ми потврди страшни вистини за нашиот живот онлајн. Прашањето е што е следно и каде ќе нè однесе овој начин на живот. Уметноста ни покажа дека може да антиципира процеси како што многу дела создадени од пред или повеќе од педесет години говорат за работи што наликуваат на тоа што ни се случува денес. Можеби една порака, која оригинално потекнува од уметницата Sherrie Rabinowitz, во 1984 го има одговорот: „Artists need to create on the same scale that society has the capacity to destroy.“
„Уметниците мораат да создаваат во истите оние размери во кои општеството има капацитет да уништува“ – Sherrie Rabinowitz
Дали веќе имаш конкретна слика како би сакала да ја видиш драмата „Јас, на некое друго место“ на сцена? Како се „пеглаат“ креативните расчекори меѓу замислата на драмскиот писател, драматургот и режисерот?
– Мене самиот процес на пишување ми е визуелен, тоа што го пишувам го гледам, драмата ми се случува пред очи, ликовите ми зборуваат, не можам да стигнам да запишам сѐ што кажуваат. Така што мојата замисла, претстава, се случува веќе за време на пишувањето. Кога чувствувам дека имам продукт, материјал за на сцена, тогаш многу релаксирано и со многу доверба во режисерот влегувам во процес на работа. Тогаш почнува колективниот чин, каде што знам дека сите му сакаат добро на проектот и се трудат да направат најдобро од него. Тоа чувство на слобода и доверба влијае врз доживувањето на крајниот продукт од страна на авторот, кој не е туѓо тело туку е дел од екипата. Во однос на промените што настануваат со текстот, мислам дека ако режисерот нема прашања, корекции, дилеми со напишаното, тогаш нешто не е во ред. Кратењето или додавањето материјал е дел од секој креативен процес, не само во театар.
Имајќи предвид дека живееш во Виена и можеш да дадеш пообјективна оценка, колку македонската драматика во моментов е во чекор со европската?
– Создавањето драми во Македонија има статус на занает во изумирање. Неколку претстави направени по нов текст се инцидент, далеку од создавање современа домашна драматика. Така што во моментов македонската драматика има една невидлива наметка како на Хари Потер, и постои во некои фајлови на авторите, во електронски (онлајн) или печатени изданија, никако да се појави каде што треба, на сцената во театар. Жалосно е што две децении, ако не и повеќе, овој проблем се игнорира, се нема свест за значењето на постоење домашна драма и не се поттикнува континуирано создавање ново драмско творештво. Под изговор дека „не е доволно добра“, генерации автори се практично обесхрабрени, им е одземена страста за создавање и пристапот до театар. Драмата е жива материја како театарската претстава, се создава за сцената, од материјал што може да биде добар или помалку добар, не е литературно дело, кое постои само за себе. Да не зборуваме што не секоја претстава што се прави е „добра“ како што се очекува да бидат драмските текстови и го оправдува своето постоење на сцената. Во однос на тоа што се случува во Европа, генерално можам да кажам дека темите со кои се занимаваат младите драматичари се ксенофобија, расизам, хомофобија, Европа како постмигрантско општество. Не мислам дека македонската драматика треба да биде во чекор со европската или со која било друга. Важно е да се создава, да си го врати просторот што ѝ припаѓа, да ја освои сцената и да ги најде своите наративи, форми како одговор на општествениот контекст во кој се создава и постои.
Јосип Коцев