На 9 септември (четврток) со почеток од 19.30, во МКЦ ќе биде отворена нивната изложбата „стадо“. Овој потег на нивен уметнички blending преку заедничка изложба му доаѓа како нешто сосема природно, бидејќи во процесот секој си го зачувува својот личен уметнички простор. Давајќи ѝ уникатност на целината наречена „стадо“, Ања и Давид успеваат да си ја зачуваат и онаа посебната, лична уникатност.
Во описот стои дека во фокус на изложбата се токму секојдневните проблеми и негативните општествени појави, како и барањето начин да се поттикне нивното решавање. Фотографиите зборуваат за неправдата, бездомништвото, климатските промени, лошото образование, половата (не)еднаквост, дискриминацијата, булингот… Во рамките на изложбата ќе бидат претставени фотографии од нашето поднебје кои ќе ги опфатат горенаведените проблеми и негативни општествени појави, но и ќе ги претстават на еден поширок, глобален план. На истите фотографии ќе бидат застапени и илустрирани елементи кои ќе го потенцираат односниот проблем и ќе го надополнат неговото значење. Изложбата ќе биде од продажен карактер. Средствата ќе бидат донирани за хуманитарни цели. За да дознаеме повеќе, кратко поразговаравме со авторите.
Како во реалноста функционираше тандемот фотографка/графички дизајнер/графити артист што доведе до изложбата со симболичен наслов „стадо“?
Aња: Ние подолго време соработуваме и другаруваме, па веќе сме свесни колку можеме да се поклопиме и надополниме на исто поле, во случајов изложбава. Ова беше замисла на Давид, па доволно беше да се спомне и веднаш беше прифатено и разработено.
Давид: Идејата за концепт и композиција на фотографија и илустрација веќе е работена претходно. Сега само се споивме со Ања на тема која нам, а верувам и на сите ни е многу битна и болна, да ја направиме и да дејствуваме со она што секојдневно го правиме. Фото-илустрација.
Метафората е очигледна, но сепак објаснете ни зошто ја нарековте „Стадо“?
Ања: Да бидеме транспарентни, изложбава требаше да се вика „Калимеро“, но од технички причини тоа име не победи. Така, го избравме името “стадо”, поради поврзаноста со овцата, – централниот лик во приказнава, која ни ги акцентира општествените недостатоци.
Давид: Точно, како што кажа Ања, требаше да е Калимеро но, Стадо победи во трката. Настрана тоа, симболиката е таа, правдата недостасува во секое поле и желбата и борбата по правда стана наше секојдневие, нема предавање.
Ќе успее ли уметноста да ги победи аномалиите на нашиот менталитет?
А: Секогаш! Таа делува стимулирачки и само за оној кој е отворен и ја прима во силни прегратки.
Д: Секако да. Уметноста ќе ги победи аномалиите и надополни празнините на нашиот менталитет онолку колку што оној кој ја перцепира e доволно свесен и образован да ја сфати.
Што беше она што особено ве изненади (пријатно и/или непријатно) додека работевте на терен и трагавте по приказните што се дел од „стадо“?
Би го издвоиле чичко Драги кој многу пријатно нè изненади со својата бескрајна љубов кон животните која го движи напред секој ден. А знаејќи која тема ја обработуваме, немавме големи очекувања за нешто добро, освен продлабочување на она што веќе го знаевме.
Имаме големи и мали стада, стада од широките маси и затворени елитни стада. Зошто се толку ретки личностите што одлучуваат да не бидат дел од ниту едно стадо?
Генерален одговор на „зошто се ретки тие кои одлучуваат да не се дел“ не би можеле да дадеме. Но, од наша гледна точка, сите ние сме едно големо стадо, само некој тука е обична овца, некој црна, а некој шарпланинец.
И ако ова наше поднебје и сè што се случува не е доволен тригер и не те натера да реагираш за твое добро и доброто на сите, тогаш ќе си останеш во стадото „обична овца“.
Што очекувате од оваа изложба?
Единствена желба што ја имаме е секој што ќе ја посети изложбава, и оној што е свесен за ситуацијата и оној што не е, да преземе акција и да му се случи промена на mindset.