Александар, имаш голем стаж на полето на стрипот и илустрацијата, уметнички сфери што доживеаја возбудливи промени особено при преминот од традиционалното кон дигиталното. Како гледаш на тој развоен пат и во кој правец се движи?
Како и секоја работа во различни сфери, така и стрипот се приспособува кон времето во кое се создава. Денес животот е многу динамичен, глобалниот пазар е многу голем (благодарејќи на интернетот), па во еден општ хаос на задоволување на апетитот на потрошувачите, сѐ повеќе се користат модерните технологии заради олеснување на процесот на работа и постигнување на брзината на креирање финален производ.
Не можам да зборувам за другите полиња, но интересно е што кај стрипот и кај илустрацијата сѐ уште се цени традиционалниот начин на работа, особено во земјите што стрипот (кој е општо признат како деветта уметност) навистина го имаат поставено на пиедестал, какви што се Франција, Белгија, Италија, САД…
Дигиталниот начин на работа е неспорен во денешно време, но вреди да се напомене дека таблетите се само помошни уреди, а за сѐ друго е потребен талент, бескомпромисно вложување себеси во процесот и константно учење и надградување.
Погледнато од оваа перспектива, кој беше моментот, делото или авторот што те поттикна да креираш ваков вид уметност?
Не би знаел да одговорам на ова, можам да ви посочам некои моменти во кои се „фаќав“ себеси дека цртам нешто што тогаш (сега веќе многу одамна) личеше на стрип, меѓутоа навистина јас отсекогаш сакав да цртам и цртав.
Во времето кога се родив, живеевме во СФР Југославија, и гледајќи од оваа перспектива, бевме некако попривилегирани бидејќи трафиките буквално „тежеа“ од стрипови. Некој ќе рече дека тоа беа претежно италијанските Бунела-стрипови („Загар“, „Блок“, „Командант Марк“, „Мистер Но“ и другите), со што секако ќе се сложам – меѓутоа ги имаше, беа со достапни цени и секој што сакаше да чита или да црта, можеше да си ги дозволи.
Тоа за деца како мене, кои сонуваа да станат цртачи на стрипови, беше сосема доволно и сметам дека некако сите тие стрипови ми ја обликуваа идејата за тоа што навистина сакам да бидам кога ќе пораснам :).
Основач си на списанието „Клик!“, си илустрирал книги, автор си на првиот македонски стрип-албум, си имал многубројни изложби на дела низ целиот свет… Има ли нешто што сѐ уште не си го остварил на полето на стрипот и илустрацијата?
Еден сум од основачите на „Клик!“ (бевме четворица стрип-љубители од Битола, Александар Поповски, Љупчо Милошевски, Сашо Огненовски и јас) и не се сметам за автор на првиот македонски стрип-албум.
Можеби сум прв кој објавил албум во странство („Капетан Нитрат 2 – Воени игри“, 1999, Белград), но таа работа би им ја оставил на некој од нашите стрип-хроничари.
Гледајќи наназад, не би рекол дека има многу работи што сум ги зацртал, а не сум ги остварил.
Не сакам да звучам нескромно, ама навистина е така.
Сум постигнал многу повеќе отколку што воопшто се надевав кога почнував професионално да се занимавам со стрип и со илустрација и сето тоа денес ми е само мотив повеќе да продолжам со работа – постојано си поставувам нови цели, да ја зголемам листата на издавачи за кои сум работел, да го подобрам стилот на работа и слично.
Што значеше за тебе предизвикот да нацрташ стрип на limited edition лименката на Златен Даб?
По толку многу години и нарачани (и завршени) проекти, мислам дека нема нешто што би можело да ме изненади. Добивам работа, добивам рок и прифаќам или не, тоа е веќе моја одлука.
Ама има проекти што не се добиваат секој ден. Оваа limited edition лименка е еден од нив.
За мене лично, пред сѐ голема чест и навистина едно ново искуство, со оглед на тоа што не сум работел ништо слично досега.
А предизвик – би рекол самиот формат во кој требаше да се раскаже приказна. Навистина несекојдневно.
Каков беше процесот на работа, што те водеше во осмислувањето на јунаците и на сцените што се појавуваат на лименката на Златен Даб?
Од страна на процес на работа (барем кога сум јас во прашање), ништо ново – правам скици, ги праќам на одобрување, коригирам по потреба и финализирам.
Околу самата приказна, ја насочив кон помладите консументи, решив да ја сместам во кафуле поради самата атмосфера и графичност, а на некој начин и да ја потенцирам идејата дека не ретко пивото ги зближува младите луѓе, особено во такви простори.
Веројатно некои ќе забележат дека во кафулињата претежно се служи пиво во стаклена амбалажа – ама во тој случај јас ќе се потпрам на уметничката слобода. 🙂