Баланеску е познат и како солист на составите на реномираните британски композитори Мајкл Најман и Гавин Брајарс, но и како член на уште еден популарен состав, Ардити квартетот. Како член на ансамблот на Мајкл Најман, тој учествува на многу проекти и неговата виолина може да се чуе во филмовите на режисерот Питер Гринавеј во 80-тите.
Тоа што е карактеристично за Баланеску се искуствата вон светот на класичната музика и во неговата биографија се вбројуваат соработки со луѓе и бендови како Џон Лури, Рабу Абу Калил, Дејвид Брн, Лори Андерсон, Филип Глас, Spiritualized, Pet Shop Boys и многу други. Подеднакво се важни и неговите интереси за фолклорната музика од неговата родна земја и тоа е најевидентно на изданијата „Luminiza“ и „Maria T“. Како изведувач и композитор тој бил инволвиран во многу проекти со филмски, театарски и уметнички продукции, вклучувајќи и танчарски проекти предводени од Пина Бауш. Неговата музика открива неуморен дух кој постојано изнаоѓа начини како да ги спои современата музика со традиционалната романска, но и други призвуци во свој личен израз кој не познава географски граници ниту строги жанровски обележја.
Што беше тоа што Ве натера да ја изберете виолината како главен инструмент? Дали тоа беше некое посебно музичко дело кое Ве инспирирало да станете виолинист?
Се плашам дека одговорот е многу обичен; имам постар брат кој имаше невообичаена дарба за цртање и сликање. Почнав и самиот да покажувам знаци на интерес за цртање и моите родители беа презаситени од тоа да сме конкуренција еден со друг во истата област. Затоа, кога имав шест години, татко ми се врати од патување во странство и ми донесе една мала виолина. Веднаш почувствував силна приврзаност и толку требаше – потоа воопшто не се свртев назад. Патем речено, денес едвај можам да повлечам права линија.
Кои се некои од Вашите најрани музички сеќавања што придонеле да изучувате музика, а потоа и да се упатите на овој пат на кој сте сега?
Бев привилегиран во тоа што ја имав поддршката од моите родители кои ја имаа визијата уште на рана возраст да ме изложат на некои многу посебни и различни музички искуства. Одев на некои концерти што оставија трајни импресии и беа голема инспирација за мене. Тоа беа концерти не само од класичната музика туку и концерти од народната музика, популарната и џез. Се сеќавам јасно на концерти од Давид Ојстрах, Свјатослав Рихтер, Артур Рубенштајн, Ото Клемперер, Иври Гитлис, Хенрик Шеринг, но исто така и Има Сумак, Шарл Азнавур, Луис Армстронг, Чарлс Лојд. Беа создадени сите услови за мене да се заинтересирам за различни музички жанрови.
Имавте можност да студирате музика во Вашата родна Романија, а потоа во Израел, Британија и на крајот, на престижниот колеџ Џулијард во Њујорк. Кои беа некои од Вашите рани ментори и луѓе на кои се угледувавте?
Имав енормна среќа уште на почетокот да бидам воден од извонредна и навистина револуционерна учителка, Мириам Корицер. Госпоѓата Корицер имаше своја филозофија дека техниката мора секогаш да биде во служба на музичките идеи, па поради тоа многу малку изучував техника сама за себе; таа секогаш беше во рамките на репертоарот или додека учевме на делата, гледавме како на концертни дела. Уште од самиот почеток, изведбата и способноста да се комуницира со публиката, да се раскажуваат приказни со помош на вашиот инструмент беа ставени во преден план на листата со важните цели кои требаше да се постигнат. Госпоѓата Корицер сакаше да бидам под менторство на најпроминентниот професор во Романија во тоа време, Гарабет Авакиан. Професорот Авакиан обично не учеше деца, имаше свој познат клас на конзерваториумот, но за среќа, направи исклучок за мене.
Одев да свирам за него еднаш месечно. За овие лекции се подготвував како да се работи за концерт. Ако работите одеа добро, по лекциите добивав од моите омилени чоколадни колачи. Ако навистина беше добро тогаш добивав уште поголемо колаче. Кога професорот Авакиан почина, на негово место дојде големиот виолинист и учител Стефан Георгиу, па поради тоа имав привилегија да работам со него сѐ додека не заминав од Романија.
На Џулијард имав можност да работам со еден од најголемите учители по виолина во целата историја на свирењето виолина, Дороти Дилеј. Од неа научив многу особено како самиот да си бидам свој учител, како самиот да си го трасирам сопствениот музички пат. Во текот на целата моја кариера останав во контакт со мојата прва учителка, госпоѓата Корицер, која продолжи да ме поддржува во сите мои музички авантури. Се сметам себеси за среќен во таа смисла.
Подоцна во Вашата кариера почнавте да соработувате со луѓе што не припаѓаа на светот на класичната музика, од Дејвид Брн (Talking Heads), бендовите Spiritualized и Pet Shop Boys, Лори Андерсон, Џон Лури, Карла Блеј, кои се само неколку имиња од една подолга листа на интересни музичари со кои сте работеле. Кои беа некои од влијанијата што доаѓаа од другите музички светови кои немаа поврзаност со светот на класичната музика?
Додека живеев во Њујорк, се случи огромна трансформација во мојата музичка перспектива. Сфатив дека Џулијард наспроти сите квалитети кои оваа институција ги има, беше еден вид музичка фабрика, која создава музичари со истите интерпретативни вредности и кои го свират истиот репертоар. Станав свесен дека не би можел да бидам среќен ако сум заглавен во тој музички свет. Тоа беше причината зошто се заинтересирав за новата музика и за пишување своја музика. На крајот почнав да водам двоен живот; во текот на денот работев во горниот дел од градот (во Џулијард т. е. 56-та улица), а навечер одев на настани што беа дел од лофт-сцената во Сохо, која во тоа време беше во експанзија. Потоа често одев во Гринич Вилиџ и сите џез-клубови кои беа таму и клубот CBGB, домот на њујоршката панк-сцена, која во тоа време беше во повој.
Не само што станав свесен за работата на Лори Андерсон, Дејвид Тјудор, Мортон Фелдман, Кристијан Вулф, Филип Глас и Стив Рајш, Сан Ра, Сесил Тејлор, Арчи Шеп, Дејвид Брн и многу други, но и поради отворениот карактер што го имаше таа уметничка заедница, станав дел од неа. На пример, се запознав со Џон Лури додека работев на авангардна театарска продукција каде и тој настапуваше. Кога се вратив повторно да живеам во Лондон, ми недостасуваше тој тип уметничка заедница. Меѓутоа и понатаму останав во контакт со нив и продолжив да соработувам со некои од неверојатните уметници што ги запознав додека живеев во Њујорк.
Како се поврзавте со композиторот Мајкл Најман?
Во 1983 г., добив понуда да се придружам на квартетот Ардити, кој беше специјализиран за современа музика. Бев многу возбуден од оваа можност. За време на четирите години поминати како дел од Ардити ја имав привилегијата да работам со еден од најинтересните композитори кои ја менувале историјата на музиката во областа на современата музика, меѓу кои се Ксенаксис, Картер, Крамб, Ноно, Булез, Лигети, Куртаг, Лахенман. Меѓутоа, сѐ повеќе и повеќе чувствував потреба да најдам нова музика што комуницира на подиректен начин со публиката и тоа со помлада публика. Тоа би била музика која не беше создавана од интелектуална гледна точка туку интегрираше влијанија од различни области во музиката. Токму тоа беше причината зошто бев многу возбуден кога наидов на музиката на Мајкл Најман или Гавин Брајарс. За првпат ја чув музиката на Најман кога се изведуваше во живо, заедно со некои од раните експериментални филмови на Питер Гринавеј. Бев воодушевен од ритмичката енергија на неговата музика која се чинеше дека доаѓа директно од рок-музиката. Го контактирав Мајкл со желба да работиме заедно. Почувствував огромен афинитет за неговата музика. Се покажа дека непосредно пред средбата поминал некое време во Романија каде изучувал традиционална романска музика, па затоа инстинктот ми беше вистински.
Вие сте еден од основачите на неговата група и сте работеле заедно 15 години. Опишете го времето поминато со Најман.
Кога се запознав со Мајкл, тој користеше барокни инструменти. Кога се придружив на бендот, акцентот се промени; гудачките инструменти станаа помоќни и динамични. Започнавме да ги засилуваме гудачките инструменти, а потоа и целиот бенд. Како музичар кој беше дел од групата, се почувствував слободен да експериментирам и да придонесувам уметнички. Тоа стана нова „класична“ музика која беше изведувана со рокенрол став. Беше мошне физичка, технички предизвикувачка, но од своја страна беше многу забавно да се изведува.
Кои се некои од делата на кои сте најгорд додека бевте дел од групата на Најман?
Многу сум среќен што заедно со Џон Харли, големиот саксофонист, го дефиниравме препознатливиот „звук“ на Мајкл; тоа беше физички, динамичен начин на изведба кој беше без преседан и кој би можел да се поврзе со мојот личен музички сензибилитет. Понекогаш овој пристап го нарекувам „агресивен лирицизам“. Исто така сум многу горд на инспирацијата и соработката кај новиот репертоар: првите три гудачки квартети на Најман, делата за соло виолина „Zoo Caprices“ и „Yamamoto Perpetuo“, дуетите „Two Violins“ и „I’ll Stake My Cremona To a Jew’s Trump“.
Какви се Вашите импресии од работата со Гавин Брајарс на The Last Days?
Наспроти Најман, звучниот свет на Брајарс се наоѓа во сложен, во полусонливиот свет на поезијата. Почувствував огромен афинитет кон музиката на Гавин и беше задоволство да се работи со него. Многу често на ист концерт ја изведувавме музиката и на Најман и на Брајарс, што создаваше големи контрасти додека во исто време се прикажуваше работата на двајцата најважни композитори од британската авангарда.
Што беше тоа што Ве натера да го основате својот квартет Баланеску, по години поминати како солист за многу други ансамбли и композитори? Дали тоа беше желба или потреба?
Го оформив квартетот Баланеску откако неколку години поминав како дел од Ардити квартетот. Сакав да откријам и да создадам наш уникатен репертоар, музика која ги игнорира границите помеѓу различни музички жанрови; музика која е емотивна, ритмичка, катарзична. Просто е неверојатно што гудачкиот квартет кој иако е непроменет со векови од своето создавање (две виолини, виола, виолончело) останал главно средство за експериментирање и инвенции за композиторите – од Хајдн и Бетовен преку Барток, Лигети и Куртаг, па до Кејџ и Глас. Мислам дека тоа се должи на тоа што овој ансамбл е во совршен еквилибриум, бескрајно е флексибилен но е ласерски прецизен, потентно е оркестрален во својот концепт и во исто време е болно интимен. Тоа е ансамбл каде секој од музичарите може да биде солист додека во исто време е дел од тимот што функционира според стриктните правила на еден механизам.
Кои се некои од уникатните карактеристики на еден добар гудачки квартет?
Може да изгледа како клише, но гудачкиот квартет е како брак. Главниот катализатор за еден добар квартет е динамиката на личните односи во рамките на групата, што потоа влијае врз создавањето на музиката. Како и бракот, тој се базира на разбирање, и на крајот, на меѓусебната поддршка.
Кои се некои од уникатните карактеристики на квартетот Баланеску и што е тоа што го прави да биде поинаков од останатите денешни квартети?
Квартетот го замислив да биде повеќе како бенд отколку како класичен гудачки квартет во кој луѓето љубезно би уживале оддалеку. Тоа е причината поради која се обидуваме да ја доближиме публиката и да биде меѓу нас, да ја придвижиме публиката и духовно и физички со нашиот динамичен начин на изведување. Исто така користиме и озвучување, не за да биде погласно туку за засилување. Нашиот тонец е многу важен член на групата со креативен внес и тој е важен како и останатите музичари. Нашиот репертоар е уникатен. Сега изведуваме исклучиво оригинална музика освен некои специјални соработки или проекти кои, уште еднаш, нѐ носат поблиску до ставот на еден бенд.
Што беше тоа кај музиката на Крафтверк што Ве привлече толку многу за да ја реаранжирате за Вашиот квартет? Зборувајте за албумот „Possessed“ каде се наоѓаат песните на Крафтверк.
Многу ме привлекуваше музиката на германската група Крафтверк, кои се пионери на електронската музика. Почувствував дека работата со нивната музика ќе биде интересна и многу забавна.
Во 70-тите Крафтверк изјавија дека акустичните инструменти ќе изумрат. Оваа изјава ја сфатив како голем предизвик. Бев одлучен да докажам дека гудачкиот квартет, иако непроменет во последните неколку стотина години, ја имаше моќта да се обнови и повторно да се открие себеси. Почувствував дека музиката на Крафтверк беше длабоко вкоренета во традицијата на класичната музика, па оттаму произлегуваше елегантноста на мелодиите и транспарентноста на продукцијата и дека тоа би се превело на интересен начин за гудачките инструменти. Уживав во авантурата на откривањето на паралелен акустичен звучен универзум. Нашите аранжмани од музиката на Крафтверк зазедоа централно место кај нашиот прв албум за Mute Records, „Possessed“.
Набргу откако го објавивме „Possessed“ добив факс (така се правеше во тоа време!) од студиото Клинг Кланг на Крафтверк каде на еден типичен, несентиментален начин беше изразено нивното одобрение и благодарност за нашата работа. Многу подоцна, додека зборував со Ралф Хатер и Флоријан Шнајдер, двата носечки столба во групата, сфатив колку скапоцена беше таа порака. Обично не им било драго што други луѓе прават кавери на нивните песни, но во овој случај мислам дека ја почувствувале почитта и љубовта што ја имаме кон нивната музика.
Изданијата „Luminitza“ и „Maria T“ изобилуваат со призвуци од романската народна музика. Зборувајте за важноста на романската народна музика и кога настапувате и пишувате музика. Кои се некои од искуствата од овој свет што ги користите кога настапувате или пишувате?
Се чувствувам среќен што сум се родил и израснал во Романија. Централна и Источна Европа се делови од Европа каде делумно, поради општествено-економски причини, традиционалната музика е сѐ уште дел од секојдневниот живот. И тие делови се екстремно богати. Уште од времето на Хајдн и преку Барток, Енеску, Лигети и Куртаг, народната музика на Романија, Унгарија како и таа од Балканот, биле дел од морфологијата на сите полиња на музичката креација. Можеби тоа се должи на тоа што традиционалната музика тука е сѐ уште важен елемент што ги придружува сите главни случувања во нечиј живот, раѓање, свадба, смрт.
Се вратив да живеам повторно во Романија во 1991 г., по 22 години живот надвор, и го поканив мојот квартет да настапи на фестивал кој беше организиран од Унијата на романски композитори. Иако ова патување траеше само пет дена, тоа беше многу емотивно. Искусив повторно поврзување со моето семејство и пријатели како и со мојата културолошка заднина. Потоа почувствував дека морав да ги изразам овие чувства и мојата реакција преку музиката по 1989 г. Резултат на тоа беше албумот „Luminitza“. Додека се подготвував да ја напишам музиката за овој албум, слушав многу традиционална музика од различни делови на Романија, наоѓајќи инспирација од одредени елементи од оваа традиционална музика. Тоа го следев сѐ до албумот „Mариа T“. Оваа музика е инспирирана и посветена на Марија Танасе, најголемата романска популарна пејачка која собирала и препејувала народни песни од различни региони на Романија. Таа ги правела да бидат нејзини со користење на сопствената неверојатна моќ за комуникација. Многу ме привлекуваа овие песни бидејќи тие го отелотворуваат духот на романската поезија и филозофија.
Како и за албумот „Luminitza“, мојата намера беше со оваа музика да не правам аранжмани или транскрипти на традиционален материјал туку да ги филтрирам преку сопствената музичка визија, да развијам нов личен јазик и притоа да останам искрен во однос на оригиналниот изворен материјал.
Едно од последните објавени дела е „La Mer“. Ве молам зборувајте за инспирацијата за ова дело.
Во текот на мојот музички живот сум бил инволвиран во импровизирањето кое го сметам за важен и интегрален дел од работата на еден комплетен музичар. Овој аспект од мојата работа за жал не е добро документиран. „La Mer“ е еден чекор кон коригирање на ова. Музиката беше инспирирана од опкружувањето каде што беше изведувана, особено убавиот североисточен дел на Сардинија.
Како се носите со сегашната пандемија?
Пандемијата имаше потенцијално уништувачки ефект за еден музичар како мене. Ова не е само тежок период од финансиска гледна точка туку направи да сфатам колку многу ми е потребна директна комуникација со публиката. Изведувањето сочинува еден голем дел од мене, тоа е во мојата крв. За среќа, имав можност да настапувам повторно летоска и есеноска и се обидов да останам позитивен и да развивам нови авторски проекти.
Како ја гледате уникатната вредност на музиката за светот во времиња како овие?
Мислам дека последните две години дадоа можност да се ресетираат вредностите на луѓето. Почнав да ги ценам работите кои прават некој да се чувствува жив и тоа му дава смисла на животот. Ми стана јасно, потребно е повторно да се размисли за приоритетите, односите (лични, општествени, политички) да се рекалибрираат. Верувам дека музиката е во самото средиште на постоењето, како средство за искажување на најмоќните физички чувства и доживувања од една страна, па сѐ до највозвишените духовни стремежи и сништа, и како таква, таа служи како основа што ја овозможува таа трансформација.
автор: Ненад Георгиевски
фото: Radu Rica